Деновиве во Белград во хотелот “Метропол“ се одржа прогласувањето на најдобрите во мото-крос натпреварувањата за изминатата сезона која се возеше во 2017 година. На победничкиот пиедестал на два пати се искачи и битолчанецот Христијан Станковиќ, који официјално беше прогласен за шампион во категоријата МХ2 јуниори и вице-шампион во категоријата МХ2.
За сезоната која измина Станковиќ по враќањето во Битола ни рече:
-Тука во Македонија немаше најава за организирање на трки, што и се случи, па морав некаде да се натреварувам и го одбрав Српскиот шампионат. Сакам да се натпреварвам, а со тоа и да напредувам, бидејќи без трки, само со тренинзи, без разлика какви се тие, нема напредок. Имав осум трки во Србија на патеките кај Хоргош, на два пати кај Чачак, Крушевац, Бачка Топола, Товаришево… Во Српскиот шампионат во мото-крос во оваа класа има 4-5 возачи кои сме на ист квалитет и на секоја трка се натпреварувавме во вистинска смисла на зборот, па така од трка во трка се подобрував. Инаку во оваа класа возеа 17 возачи, а јас настапував за екипата на Мотостарс од Битола и сега и официјално сум шампион воМХ2 јуниори и вице-шампион во МХ2 категорија.
Оваа сезона Христијан Станковиќ ќе продолжи да се натпреварува, но сега за новиот клуб Ендуро тим Скопје, а вели дека има нови планови кои ќе ги соопшти тој и неговиот тим наскоро.






