Во салата за изложби на Националната установа завод и музеј во Битола беше отворена изложба на проекти и фотографии и презентација на видео уметност, која е изработена во рамките на проектот “4D- Виртуелна урбана уметност” кој е дел од европскиот проект „Граѓански иновативни скулптури”.
Подпроектот “”4D- Виртуелна урбана уметност”, е реализиран во партнерство помеѓу НУ Завод и музеј Битола и ГАУС Институт – Битола кој се имплементира во периодот 1 октомври 2014 – 30 август, 2018 во осум европски земји (Германија, Македонија, Финска, Норвешка, Шведска, Данска, Полска и Хрватска) од страна на 12 партнери од овие земји, а идејата на проектот е преку изложба на проекти и фотографии и презентација на видео бим на непостоечки објекти во Битола кои биле од големо значење за градот да се претстават на јавноста.
Изложбата ја отвори проф. д-р Игор Неделковски, в.д. декан на ФИКТ, а на отворањето за проектот зборуваше раководителот на проектот д-р Ирена Ружин, а за делот Битола, некогаш и сега зборуваше м-р Јове Парговски, арт директор на проектот, и двајцата вработени во Националната установа завод и музеј во Битола.
-На изложбата се поставени дела, идејни решенија на 30 уметници, домашни и странци, а од нив половината, односно 15 се битолчани, а целта на овој прокет беше да се вклучат сите граѓани од најмали до најголеми, средношколци, студенти, соседи, уметници и архитекти во урбаниот развој на градот. Сите работеа на девастирани простори во градот и направија идејни решенија кои се презентирани во 3D, рече д-р Ирена Ружин, раководител на прокетот од Завод и музеј Битола, која додаде дека четвртата димензија е времето.
Во рамките на овој проект беше креиран 3D виртуелен модел на 3 локации во Битола т.н. „Точки од интерес“, фонтаната пред НУ Завод и музеј Битола, паркинг во близина на Јени Амам и Џепането.
Инаку, за 4Д Виртуелна урбана уметност, беше речено на отворањето, е дека настанала под влијание на социоекономскиот развој, урбаните центри доживуваат постојана промена во нивната структура и често луѓето имаат минорно влијание во процесот на донесување одлуки. Луѓето во градовите имаат многу грижи и проблеми поврзани со нивните специфични урбани ситуации, но често ограничени се можностите да ја искажат разновидноста на своите мислења и идеи.
-Ваквата најнова европска пракса покажала многу позитивни резултати и примери за тоа дека кога има доволно креативни идеи за оплеменување на јавните простори подржани од граѓаните, се јавуваат и приватни инвеститори (било водени од принципите на социјална одговорност било од тоа што ја увиделе можноста за профит) во реализацијата на тие креативни идеи, рече д-р Ирена Ружин, раководител на проектот.
-Со овој проект се демонстрира еден начин како креативните уметности можат да придонесат за подобро урбано живеење, преку учество на граѓаните во текот на предлагање на решенија, а не само нивно учество во изборот на најдобро решение, додаде м-р Јове Парговски, арт директор на проектот, кој заедно со Митко Крстевски старите фотографии од Битола ги монтираа во новата состојба од ист агол, а сето тоа е насловено „Битола некогаш и денес“.
-Процесот на донесување одлуки во урбаната уметност, урбаниот развој и планирање е тесно поврзан со историјата на избраните области и нивната вредност како културно наследство, но исто така е под влијание и на општинските планови за идниот развој на тие области. Поради тоа, во рамките на платформата уметниците и граѓаните се поддржани со историски информации за објектите кои се предмет на анализа (како тие изгледале во минатото) и нивната културна вредност (какво значење имаат денес). Со додавање на димензијата време (3D + време = 4D), корисниците можат да “патуваат низ времето” и да ја истражуваат околината како изгледала во минатото, што може да биде инспирација плус за предегање решенија за поубава и пофункционална сегашност и иднина, беше речено на отворањето на оваа необична изложба во четири димензии.
Текст и фото: Сашо Ристевски






