Се сретнавме за разговорот за интервјуто, кој траеше скоро 2 и пол часа, но нам ни поминаа за миг. Задоволство беше да се разговара со оваа инспиративна жена, со широка душа и срце, која со љубов и скромност донира средства во Битола, а дел и во другите градови во Македонија. Таа заедно со својот сопруг преку невладината организација, во Кралството Шведска, “Од рака на рака“ донира во последните неколку години. Интересно ни раскажува за својот живот исполнет со многу успеси како на професионален план така и во семејството. Се прашувам дали ќе има доволно зборови да опишеме и опфатиме се од нејзиниот живот исполнет со хуманитарна работа на нашата соговорничка, битолчанката, Марија Русенгрен и нејзниот сопруг Томас. Непосредна и отворена таа започна:
-Битола, а секако и Македонија ми е во душата, иако живеам во Шведска. Таму ми е семејството, мојот сопруг е од таму, но и тој покрај мене ја засака оваа земја во која сакаме да придонесиме и да помогнеме со донации и помош колку е во наша моќ.
А нејзиниот сопруг кој цело време ја гледа со голема љубов која не може да ја сокрие, продолжува на симпатичен македонски јазик со посебен акцент и низ шега вели:
-Од каде ти е жената таму си и ти! Така и јас станав Македонец и последните години често доаѓаме со сопругата во Македонија која има многу природни убавини, а тука се добрите и љубезни битолчани.
Иако сте скромни и не сакате да зборувате за сите хумани донации кои сте ги направиле во нашиот град и пошироко, за кои многу и не знаат, не можеме, а да не ве запрашаме како започна вашата хуманитарна работа да донирате средства тука.-Потекнувам од Битола, но во далечната 1975 год заминав во Шведска уште многу млада на посета, кај мојот брат. Кога отидов ми се пружи прилика да работам и јас започнав да работам како преведувач. Таму го запознав мојот сопруг и големата љубов направи да останам таму и оформам семејство. Имам три сина и 2 внучиња. Јас сум исполнета среќна сопруга, мајка и баба. Но, како што кажав на почетокот љубовта кон мојата Битола и татковината секогаш беше во моето срце. Во 2011 година доаѓајќи во Македонија за да помогнеме околу набавката на иконостас за македонската црква “Св. Наум“ во Малме, бевме многу засегнати и не загрижи проблемот со екологијата низ Македонија. Мојот сопруг предложи и тогаш решивме да превземеме нешто за да се намали загаденоста на убавата природа преку проектот кој го изработивме за заштита на животната средина “Хармонија“. Тука сакам посебно да го истакнам и нагласам познанството со Снежана Петровска – советник за образование во општина Битола која ни помогна околу сите документи кои беа потребни. Нашето пријателство и соработка трае од тогаш и продолжува понатаму.
Со нејзина помош и поддршка како и од општина Битола всушност започнаа вашите донации во ОУ “Ѓорѓи Сугарев“ кои се повеќе, а за кои многу не знаат.
-Да, повторно да кажам дека со нејзина поддршка за тоа каде треба да се обратиме и други документации и други одобренија (на кои би потрошиле ногу време сами да ги добиеме), ние продолживме со донации во ОУ “Ѓорѓи Сугарев“ под мото „ Да се даде шанса на едно дете“ која опфаќаше делење на бесплатна храна на учениците во период од 4 години и тоа од 2013-2017 година. Притоа во тој проект беа вработени и две волонтерки од Македонска и Ромска националност. За успешната реализација на овој проект добивме многу пофалби и награди за хуманост во Битола. Покрај оваа донација во истото училиште дониравме алишта, апарати за домаќинството, школски прибор за деца од социјално загрозени семејства, како и бесплатни часови од англиски, математика и музичко за надарените деца од социјално загрозени семејства. Потоа целосно беа реновирани и прилагодени санитарните јазли во делот за децата со посебни потреби, а би ја споменала донацијата од компјутери, радијатори за спорската сала и смарт-табли за училиштето, во делот каде се школуваат децата со посебни потреби.Со таквите донации сигурно многу деца добија она што им треба за поквалитетно образование. Но, со тоа како што ни споменавте се создаваат и врски помеѓу Шведска и Македонија. Кажете ни нешто за размените на ученици и нивните посети.
-Тука би ја истакнала воспоставената соработка помеѓу училиштето во Лунд – „Гунесбускула“ и ОУ „Ѓорѓи Сугарев“- Битола, размена на ученици, при што ученици и наставници од двете училишта се посетија меѓусебно и разменија искуства, се склопија нови пријателства и сите заедно учеа за металитетот и културните разлики помеѓу двете земји. Како последен проект помеѓу двете училишта би ја истакнала апликацијата за „Еразмус+“ програмата во која ќе се разменуваат ученици и наставници и работа на заеднички проекти од наставно-образовниот систем, решавање на конфликти и професионално усовршување на наставниот кадар.
Овие денови бевме информирани за вашата последна донација во Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух и говор “Кочо Рацин“, заради која и сте тука во Македонија. Кажете ни повеќе за тие донации кои се повеќе?
-Еве уште сме возбудени од пуштањето во употреба на целосно обновената трпезарија во заводот „Кочо Рацин“, како и помошните простории – санитарниот јазол. Се е сработено како што планиравме и затоа многу сме среќни, посебно бидејќи се е вклопено со прекрасни бои кои одговараат за намената. Знаете, како што и претходно споменав, мене боите ми се многу важни па затоа е обрнато големо внимание на се, па дури и на завесите, за да биде вклопено се како што треба. Инаку, до сега во заводот имавме изработено седум проекти во износ од 100.000 евра кои се вложени во инвентар и тоа: комора за чување храна по највисоки стандарди, фрижидери, пералната е целосно обновена, безбедноста на скалите за децата со посебни потреби е подобрена, потоа сите врати од спалните соби кои беа оштетени се заменети. Тука би ја истакнала „темната сензорна соба“ за децата со посебни потреби и посебен инвентар за деца со аутизам. Покрај овие би ги кажала и донациите во битолската клиничка болница во опрема и медицински помагала која изнесува околу 900.000 евра, како и во други болници низ Македонија и тоа Штип, Охрид и Ресен. Сакам да споменам дека донации се дадени и на лица кои имале некаква потреба, се со цел да им се подобри квалитетот на нивниот живот. Сега во Битола се видовме со некои од нив кои ни кажаа дека сега можат, и покрај здравствените проблеми, да се радуваат на животот.Вредноста на сите донации се проценува на околу 2 милиони евра, кои се вложени во сите проекти, а тоа вас и вашата хуманитарна невладина организација „Од рака на рака“ ве прави успешни. Но, и претходно низ разговорот зборувајќи за вашата кариера ни споменавте многу професии кои сте ги работеле со успех во текот на вашиот интересен живот во Шведска. Ќе ни кажете ли за тој дел од вашиот живот?
-Моето мото во животот е „Учење, учење и само учење“. Цел време тоа ме водеше и се уште ме води. И се уште учам. Сум поминала многу обуки и семинари кои се нудат од најразлични области во Шведска. Уште како многу млада кога стигнав таму јас поминав најпрво обуки за стилист, фризер и шминкер за филмска и театарска шминка. Низ кариерата работев многу професии, а најповеќе ги сакав креативните луѓе. Така беше и со мојата работа како шмикнкер и фризер на оперски пеачи и глумици. Потоа со обуките за бои и надворешен имиџ започнав со консултативни услуги за имиџ во менаџмент. Мојата приватна фирма правеше анализи за тоа како бизнисмен треба да се претстави во зависност од тоа каде ја претставува фирмата, за бизнис зделки или состаноци, во зависност од тоа во кои држави се претставува и дали оди на деловни состаноци или неформални средби. Така мојата фирма нудеше услуги на големи компании како “Ериксон“, “Тетрапак“, “Астрасеника“ и др. За успехот во работата многу ми придонесе и мојата обука во Лондон која траеше 1 и пол година, а која беше за креаирање на целосен имиџ во бизнисот. Во 1990 година го завршив економски факултет – маркетинг и организација, кој сигурно ми помогна во мојата работа како генерален директор во фирмата на мојот сопруг, „Хигиен Утленлинг“ која вработуваше 700 лица. Таа нудеше услуги за достигнување на исо-стандарди во Скандинавските земји во прехрамбена, фармацеутска, месна индустрија и технологија на процеси. Успехот на компанијата се огледа во тоа што неколку години работевме со профит и добивме повеќе признанија.Вашата награда за најдобар жена претприемач на државно ниво во Шведска во 2004 и 2005 година е само една од наградите и признанијата во вашата богата кариера како што нагласив и на почетокот од разговорот. Како го постигнавте сето ова на професионален план, а и во рамките на семејството.
-Сето ова го постигнав со голема поддршка од мојот сопруг без кој не би го постигнала сето ова, а посебно морам да ги спомнам мојата мајка Весела и мојата свекрва Биргит кои цело време ми даваа подршка и се дел од мојот успех. А исто така и мојата енергија и мојот интерес и отворен однос кон се што е ново. Посебен инпулс и позитивна енергија во мојата работа се моите најмили внуците Ерик и Ребека кои со задоволство ја пратат нашата работа, а не изостанува и поддршката од моите синови кои и ја продолжуваат нашата хуманитарна работа. Тоа е мојот син Јенс и неговата придружничка Јулија, кои преку германската фондација „Мирјасач“ ќе вложуваат во нови проекти во Македонија. Но, тука не би откривала ништо додека не се завршат сите одобренија и документации за започнување.
Тие проекти ќе бидат повод за следен разговор со нашата соговорночка која зрачи со позитивна енергија што успеала да ја пренесе на многу луѓе за да бидат среќни.
Но, за да бидеме сите среќни, додава Марија:
-Не е потребно многу, едноставно сите нека бидат хумани, да помагаат на оние на кои им е потребна помош, а тогаш среќата ќе биде двојно поголема. Среќни ќе бидат оние на кои сте им помогнале, а и оние кои донирале ќе бидат среќни, бидејќи направиле некој друг да биде среќен.
Разговорот го воводеше: Жанета Ристевска
Фотографии: С.Ристевски