Press "Enter" to skip to content

Стотици битолчани на слава на манастирот “Св. Атанасиј“ кај месноста Смолево (фотогалерија)

За денешниот голем верски празник Св. Атанасиј неколку стотини верници го посетија истоимениот манастирот кој се наоѓа на неколку километри од Битола, над населбата Стрчин, во горниот дел на Касарната.

Убавиот сончев ден како да беше создаден за пешачење до манастирот така да, најголемиот дел од денешните посетители се упатија таму по убавото време кое како да навестува дека на зимата и доаѓа крајот.

Овој празник Св. Атанасиј и го означува тоа како последен празник од зимските слави.

По патот се движеа и автомобили и теренски возила. Сите одеа кон  манастирот кој е сместен пред да се навлезе во шумата. Околу манастирот имаше панаѓур и многу луѓе кои го славеа празникот со убави јадења и мезе. Некои се веселеа со музика.Една група верници, кои беа седнати на клупите во дворот на манастирот, беа расположени за разговор, а дедо Петар Павловски ни кажа:

-Секој ден доаѓаме до манастирот со пешачење. Какви и да се временските прилики, иако оваа зима беше многу топла. Тука си доаѓаме на кафе-муабет и да запалиме свеќи за наше и здравје на сите битолчани. Тоа ни е веќе во навика било да е зима или лето. Денес на половина од зимата, како што ни кажува овој голем празник, доаѓаат и многу други луѓе за да го прослават празникот. Денес денот е преубав и има многу луѓе, но имало години кога имало снег и мраз, но сепак сме доаѓале.

Додека си прикажуваме со дедо Петар, се слуша песна, македонска патриотска која  сите ја прифаќаа, а атмосферата е вистински празнична.

Дел од посетителите го искористија убавото време да се искачат и нагоре кон Баба планина, и да прошетаат како ни рекоа “по каналот“, а голем број уживаа седнати во помали друштва и уживаа во последниот јануарски ден, на средината на зимата, ден кога и завршуваат зимските празници, а сите се подготвуваат за пролетта која е на прагот.

Сите како да се веселат дека на зимата и доаѓа крајот  и во денешното сонце препознаваат дека пролетта е близу. Можеби заради тоа и оптимизмот како да се чувствува насекаде околу нас.

Ж.Ристевска

More from БитолаMore posts in Битола »