Вечерва на големата сцена на народниот театар во Битола, ќе биде прикажана претставата „Коцкар“ од Фјодор Михајлович Достоевски, во режија на Дејан Пројковски, а воедно оваа премиера ќе биде прва во оваа календарска година.
Во оваа прва премиера на сцената ќе се појават 14 актери од сите генерации, а меѓу нив и Јоана Поповска, доајен на македонското глумиште.
– Актерскиот потенцијал за оваа претстава е искористен до максимум и тоа ја прави таа да биде многу силна. Ние, актерите имаме можност да го прикажеме тоа за што досега немавме можност и кое можеби беше заради различен концепт и принципи на подготовка на претстава, рече актерот Огнен Дранговски кој ја толкува главната улога, Алексеј Иванович.
– Претставата е жестока, а жестокоста ја прават големите и малите улоги во претставата. Во два и пол часовната претстава, на публиката ќе и биде прикажано нашето гледање на „Коцкар“ од Достоевски. Можеби е добро што претставата е направена во Битола бидејќи денес, во градот се повеќе има коцкарници и дека се повеќе млади луѓе заглавуваат во своите животи трагајќи по еден одреден адреналински шок. Претставата е актуелна и нуди важни пораки, нагласи актерката Чоревска.
Сценографијата е на Валентин Светозарев, сценските движења Олга Панго, костимограф е Благој Мицевски, а композитор Горан Трајковски.






