Press "Enter" to skip to content

“ОФ РОУД-МАКЕДОНИЈА“ ќе го одбележи јубилејот 100 години од пробојот на Македонскиот фронт, кај Добро Поле

Здружението за запознавање и патување “ОФ РОУД-МАКЕДОНИЈА“ од Битола со еднодневен настан ќе одбележи голем јубилеј, 100 години од пробојот на Македонскиот фронт, односно, како што истакнуваат, 100 години од битката на Добро Поле.

Настанот ќе се одржи на 15 септември 2018 година, денот кога на 15 септември 1918 година, точно пред 100 години, се случил пробојот на Македонскиот фронт.

Еднодневната џип-екскурзија на 15 септември 2018 г, се одржува со цел за одбележување на овој датум, како и за поголема промоција на регионот Мариово во областа на меморијален туризам.Трасата по која ќе се движат учесниците со теренски возила е утврдена, а последниот дел  ќе се поминува пеш:

  • Битола – Црна Река (Рапешки мост) – 40 км асфалтен пат
  • Црна Река (Рапешки мост) – с. Старавина – 10 км (земјен пат погоден и за лесни возила)
  • Село Старавина – Добро Поле – 22 км (шумски пат прооден само со 4х4 теренски возила)
  • Шумска патека проодна само пеш – од местото каде се оставаат возилата до месноста „Бронзена рака“ (околу 300 m) (Види: Виртуелна прошетка…).

Организаторот го започна пријавувањето на учесниците, а поради специфичноста на теренот кој се наоѓа на границата со Република Грција, бројот на учесници е ограничен. Предност при пријавувањето ќе имаат членовите и соработниците на Здружението OFF Road Macedonia, а постои и можност да се приклучат и лица кои не поседуваат теренско возило.

Инаку, Првата светска војна на некој начин значела и кулминација на лошата состојба во Македонија, која од крајот на XIX век била постојано во состојба на внатрешни немири и против своја воља била вклучена во сите воени конфликти кои се случиле на Балканот. Населението било преполовено од глад, болести и воени дејствија, особено во Битола и регионот Мариово, каде се случиле и голем број од поважните битки за време на ПСВ.Пробојот на Македонскиот фронт се случил токму на Добро Поле и е настан со големо значење во историографијата на Првата светска војна. Петнаесет дена по битката капитулирала Бугарија, по што следела Австро-Унгарија (4 ноември 1918 година) и примирјето со Германија на 11 ноември 1918.

На 15 септември 1938 г, дваесет години по пробојот, Добро Поле го посетува делегација од Франција и поставува споменик (кој покасно исчезнува) на местото кое и денес е познато како „Бронзена рака“, а воедно интересно е да се спомене дека денес во Париз постои улица која е именувана токму Добро Поле (Rue Du Dobro pol), што е доказ плус за важноста на оваа локација.

More from ВестиMore posts in Вести »