Press "Enter" to skip to content

Бегова Чешма заменета со “Молика“ Пелистерски патокази, низ текст и фотографии (14)

Подготвил: Драган Ристевски

„Ајде да одиме на Пелистер, на Пелистер Бегова Чешма, Таму, таму играат Македонци, оро комитско, баш македонско… Ова е дел од рефренот на една наша народна македонска песна која ја воспева Бегова Чешма, а која се наоѓа на височина од околу 1.400 м, во непосредна близина на сегашниот хотел „Молика“.  Според чешмата Бегова Чешма, која во текот на годината има ист проток на чиста вода за пиење, именуван е поширокиот реон на оваа месност која покрај хотелот „Молика“ ги опфаќа и неколкуте помали објекти  во близина на пристапниот пат се до Ластојчин Камен.

Бегова Чешма постоела и пред да се изгради туристичкиот објект „Бегова Чешма“, во дваесеттите години на минатиот век. Тоа е објектот кој во времето на српската окупација на овие простори, по Балканските војни и Првата светска војна бил наменет за првото планинарско друштво на тогашната српска власт познато под името „Југ“. Поточно, членовите на планинарското друштво „Југ“ припаѓале на српските власти или пак србомани, за разлика од подоцна формираното планинарско друштво „Пелагонија“ во 1935 година, кое било составено од членови со македонска национална  свест и ориентација, а кои како свој матичен планинарски објект го имале „Копанки“ двесте метри погоре на надморска височина од 1.610 метри. Тоа планинарско- национално соперништво траело во годините меѓу двете светски војни, кога и се случувале и физички пресметки меѓу спротивставените страни од различно ориентираните групации. Додека планинарската куќа „Копанки“ градена на ентузијастички начин била со помали димензии, објектот на „Бегова Чешма“ за брзо време се надградил заради фактот што припаѓал на српската официјална власт на нашиве простори во тоа време.Сепак, денес од тој неколкупати надградуван објект „Бегова Чешма“ во годините пред и по Втората светска војна, останат е само дел од каемите ѕидови и дел од трпезаријата на денешниот хотел „Молика„.Тие камени ѕидови сведочат за едни бурни времиња во последниве стотина години на овие простори и во спорско-планинарска смисла, но и во општествено-политичкиот живот на нашиот народ. Единствено што нешто остана исто и непроменето е штедроста на Бегова Чешма низ која тече студена и чиста вода за пиење. За жал, многумина го посетуваат денес хотелот „Молика“, а малкумина ја знаат дека постои оваа чешма. Уште помал е бројот на намерниците што навраќаат до изворот, да се напијат квалитетна и ладна вода иако чешмата е на дофат, на дваесеттина метри подолу од хотелот „Молика“. И наместо да биде чешмата  Бегова Чешма дел од туристичката понуда на хотелско-угостителските работници таа е непозната за најголемиот дел посетители и туристи.

Со оглед дека хотелот „Молика“ е повисоко поставен од  водата на Бегова Чешма, оваа вода не е искористена за потребите на хотелскиот објект, туку „Молика“ со вода се снабдува од зафатот на Ротинска Река, оддалечен 7-8 километри кон месноста Палиснопје. Оттаму хотелот со пумпна станица и водовод се снабдува со технолошка и вода за пиење.  Триѕвездениот хотел „Молика“ во раните деведесетти години беше еден од најпрестижните хотелски објекти во Македонија. Селекцијата на гостите, чија заинтересираност за престој во него беше многу голема, се правеше со високите пансионски цени.

Според  Менде Шијаков (69) кој триесеттина години од својот живот го поминал во стариот објект „Бегова Чешма“, заедно со неговиот татко Александар кој таму 32 години бил управник, независно дали станува збор за хотелот „Бегова Чешма“ или пак за хотелот „Молика“ и двата објекта биле во свое време престижни туристички објекти. Капацитетот и на двата објекта бил околу стотина гости. За разлика од „Молика“, која е пред се составена од соби, со две, односно три легла, поранешниот хотел „Бегова Чешма“ имал идентичен капацитет, но затоа имало големи заеднички простории за ноќевање од по 20-30 легла, како и десетина соби са помал број кревети.

Изградбата на „Молика“ беше инвестирана од поранешно Електростопанство на Македонија (ЕСМ), денес преименувано во ЕЛЕМ (Електрани на Македонија). Токму силниот финансиски грб во името на ЕЛЕМ овозможува функционирање на  хотелот „Молика“, кој во последниве години честопати се соочуваше со проблемите на рентабилност и слаба доходовност. Ако на ова се надоврзе и законската регулатива која е предвидена за Националните паркови, а која е неповолна за туристичка изградба и инвестиции во Парковите, состојбите во областа на зимскиот и летниот туризам се усложнуваат. (Не)почитувањето на  ригорозните еколошки стандарди се уште поголем проблем, па така развојот на туризмот на Пелистер уште долго ќе има непремостливи пречки.Инаку, до „Бегова Чешма“ покрај по асфалтниот пат  што доаѓа од Битола, преку селата Трново и Магарево, има уште неколку патеки по кои може да се стигне пешки. Најчесто користена патека од планинарите да се стигне до Бегова Чешма е онаа што проаѓа преку Детското одморалиште „Пелистер“ и продолжува нагоре со соодветна маркација. Втора патека е онаа која поаѓа од Информативниот центар „Седум Кладенци“ или позната како „Вилата на Лазо“. Таа патека е во должина од околу 2 километри, а е позната како Историска патека, посветена на воените настани од Првата светска војна. Друг приод до Бегова Чешма е по патеката која поаѓа од селото Магарево, нагоре покрај Магарска Река, па десно кон месноста Ластојчин Камен и се до Бегова Чешма. Сите споменати патеки се маркирани и јасно обележени и нема опасност од скршнување во погрешна насока.

Во текот на едновековното постоење на објектот „Бегова Чешма“ и потоа „Молика“ овде престојувале значајни личности и делегации, југословенски, македонски и од странство. Според кажувањата на Томе Митревски кој своевремено бил вработен во РОУТ „Македонија“, во „Бегова Чешма“ престојувал и Едвард Кардељ, творецот на концептот на југословенскиот самоуправен систем. Тој се интересирал да лови дивеч, по можност мечка. На тоа прашање од високиот гостин, шеговито прокоментирал познатиот битолски келнер Ганди. Таа негова несмасна шега, Ганди го чинело ни повеќе, ни помалку туку притвор. По пуштањето од притвор, не е извесно дали Ганди бил в разумен и опаметен, за друг пат да не прави несмасни шеги  со политичари или пак и натаму продолжил да се однесува како што го минал целиот свој живот, со духовити досетки и коментари.

На просторот кај Бегова Чешма, пред половина век , чест гостин бил еден од десетината елени кои своевремено ги набавил НП „Пелистер“, а биле чувани во реонот на Голема Ливада. Тоа бил еленот Мирко кој во објектот на Бегова Чешма доаѓал во кујната и трпезаријата по храна. За еленот Мирко има бројни доживувања од зимувалците и летувалците  од тоа време во Детското одморалиште кои со него се фотографирале. Според кажувањата на Менде Шијаков, покрај елените Мирко и Јанко, во близина на Бегова Чешма имало и голем број срни, мечки, а често се среќавале и диви мачки и волци. Денес има се помалку дивеч, бидејќи  присуството на посетители и туристи е големо, особено во викендите. Меѓутоа, заради скромната туристичко-угостителска понуда бројот на посетители не е на посакуваното ниво. Единствен излез во таа насока е вложувањата во нови  туристички капацитети, и осовременување со нови содржини на постојните.

Сепак како неразделен дел од понудата е вложувањето во зимската скијачка понуда. Без современи транспортни средства (жичници и ски лифтови) како и без топови за вештачки снег, како и без базен со топла вода, не може да се смета на сигурен развој на туризмот на Бегова Чешма. Конечно желбите и потребите се едно, а можностите сосема друго. Очигледно  планинарството од пред еден век е видоизменето, а потребите на современите туристи не се состојат само од она што го нуди природата. И како што напиша и испеа Ѓорги Белџигеровски   „Пелистер не чека и љубов до века, Борови тенки и широки сенки“ но таа романтична убавина денес бара и висок стандард на туристичка понуда, за што реонот Бегова Чешма има потенцијал и природни предуслови за развој.

Во наредна прилика: Антената горе високо…

More from БитолаMore posts in Битола »