Press "Enter" to skip to content

Интервју: Сандра Грибовска, авангардна млада актерка од битолскиот театар

Разговогор го водеше: Жанета Ристевска

За интервјуто и фотосесијата се сретнавме во Народниот  театар на Битола. Сандра дојде точно навреме, харизматична  со  авангарден урбан look  на  презгодна млада девојка. Ме потсетува на оние актерки  што ги гледаме на Филмските фестивали во Берлин, Венеција, Кан… На театарската сцена кога позираше за фотографирање изгледа како потполно да се вклопува и како да е родена за на „штиците што живот значат“. На нашата забелешка дека изгледа како актерка по светски терк се смее и продолжува: „На оваа сцена  давам се од себе и горам. Всушност јас сум таква што и да правам во животот. Одам до крај во се.  Така е и овде на сцената и во тетарот.“

Сигурно е дека кога се се прави со жар и посветеност има и успеси. Моменталнио си ангажирана како млада глумица во Народниот театар и играш во осум  претстави кои се актуелни сега на сцената на театарот. Дали имаше желба уште од мала да станеш актерка?-Како мала бев многу љубопитно дете и ме интересираше буквално се. Исто така бев и многу упорна, истрајна  и кога ќе започнев нешто да  правам, одев до крај и не се откажував. Тие особини можеби ме правеа „тешко дете“ бидејќи бев инаетчија и ако нешто наумев не можеше ништо да ме запре, и да не го направам. Но, тие особини придонесија јас да бидам упорна и борбена во мојот живот и да не се откажувам лесна. Исто така  бидејќи ме интересираа многу работи  родителите ме потикнуваа и јас одев на различни курсеви уште од многу мала на 4 и 5 годишна возраст. Тоа беа курсеви англиски, француски, компјутери, сликање во Малиот  Битолски Монмартр.  Во се бев многу истрајна и успешна. Денес сум им благодарна  на моите родители за сето тоа. Заради тоа  го владеам англискиот јазик перфектно и  пишуван и на ниво на комуникација. Потоа талентот за сликање и љубовта кон тоа. До денес јас уште  творам и сликањето ми е хоби.  Да ви кажам искрено како мала сакав  да станам докторка,  да им помагам на луѓето и денес понекогаш се запрашувам каква би била во таа професија. Сигурно и во неа би  дала се од себе за да помагам. Јас сум во душата алтруист и хуманист. Но, глумата ми беше некако вродена и од мала сакав да глумам. Потоа како средношколка во гимназијата „Јосип Броз Тито“  почнав да се занимавам аматерски со глума. Своите почетоци ги должам на“Солза и смеа“, со улоги во две претстави; како и на “АКТО“- Бит фест,  фестивалот на современи уметности на кој зедов учество во уште две театарски претстави, од кои едната е кореодрама.Така го засакав театарот уште повеќе и секогаш бев редовна публика во Народниот театар во Битола гледајќи ги сите претстави со жар.  Заземајќи учество, и како актер, и како публика на професионалната театарска сцена, тоа лето пред уписите за на факултети бидејќи бев успешна и за природни науки (кои се сметаат за поперспективни) јас одлучувам да се запишам на Факултетот за драмски уметности. Така, спремна и мотивирана започнав да се подготвувам за приемниот испит кој не беше едноставен.

Опиши ни како поминаа  студиите на Факултетот за драмски уметности во Скопје?Ви кажав дека летото пред приемниот живеев со театарот и мојата голема желба да го променам светот и со таква инспирација заминав на приемниот испит- кој беше комплексен и се состоеше од повеќе фази. Од многу кандиати влегов во вториот круг и успеав да се запишам како студент во класата на познатиот актер Кирил Ристовски и режисерката Зоја Бузалковска, кои многу ми помогнаа во моето себе спознавање како личност и изразување како актерка. Завршив во класата на Зоја Бузалковска. Кога започнаа  студиите во првиот семестар на прва година јас бев малку како изгубена и поблечена во себе и не можев да се пронајдам и вистински се отворам. Пораките на професорот Кирил многу добро ги сфатив за да спознаам која сум и каква ќе бидам како актерка понатаму. Ми остана во сеќавање и забелешката на професорот кој ми рече дека за да бидам онаква актерка како што би сакала да бидам треба да ослабам. Всушност јас тогаш бев малку покрупна и тоа го сфатив  сосема озбилно. Дури сега сфаќам дека професорот  открил длабоко дека можеби и најмал комплекс ќе ми смета во мојата самодовернба и себе изразување како актерка на сцената, каде треба голема самодоверба за да владееш со неа и публиката ти верува во тоа што го глумиш и пренесуваш. А и сега разбирам колку е подобро да покрај психолошката подготвеност ја имаш и физичката за добра изведба на улогите на сцената каде некогаш е потребен голем напр и физичка кондиција за некои изведби на сцената.  Тука би ги споменала како многу значајни курсевите по јога кои ги посетуваав уште од првите години на студирањето и кои многу ми помогнаа во духовна и физичка подготовка за изведбите кои се поврзани со дишењето како техника. Тука ми се случуваат  и првите професионални претстави во “Малиот драмски театар”во Битола кога уште од втората година на студирање јас станувам дел од нивните проекти како актер.

Сега твојата линија е доведена до перфекција и изгледаш како манекенка. Кажи ни повеќе за јога курсевите и цела таа животна филозофија со сите вежби и начин на живот. Сигурно ти помогнаа да постигнеш подобра контрола на стрес, концентрација и медитација.-Да, со јогата успеав да постигнам баланс на телото и духот,  да ја подобрам концентрацијата, а и вежбите исто ми се многу значајни за смирување, а медитацијата за соочување со себе. Со јогата успеав да ги симнам потребните килограми, но и да бидам во добра форма, да  постигнам еластичност  која ми е потребна за изведба на актерски импровизации и задачи кои понекогаш се многу напорни. На пример во последната театарска претстава “Коцкар“ од  Достоевски на Дејан Пројковски, улогата беше многу захтевна и бараше многу голема психолошка и физичка подготвеност.  Јогата и источната филозофија ми помогнаа да усвојам една здрава животна идеологија каде во центарот е љубовта. Таквата филозофија ми помигна и мене да се соочам со моите сопствени демони и да разрешам некои мои сопствени конфликти.И да можам да ја контролирам енергијата да се пренесува во сите три его состјби на личноста (его состојби на дете, возрасен и родител) кои се потребни кога си актер и преминуваш од еден лик во друг.

Со свои 25 години постигна  веќе завидно искуство во повеќе театарски претстави. Моментално играш во осум живи претстави кои се редовни на репертоарот на Народниот театар на Битола. Тука се  и неколку помали улоги на филмското платно. Кажи ни повеќе за твоите улоги во театар и на филм?-Веќе кажав дека театарот ми е голема љубов, прва љубов и целата моја енергија и жар ги оставам на “штиците што живот значат“. Првата улога ми беше во “Боженствената комедија“на Александар Исаков, главната улога на Ева;  потоа “Метаморфози“на Лилиа Абаџиева,  “Дон Жуан “на Андреј Цветановски, “Грета од Фауст” дуодрама во режија на Димче Николовски, “Кралски игри” и ” Крвави свадби” на Љупчо Ѓорѓиевски. Секако морам да ја издвојам Др. Фауст“ (2016) на Андраш Урбан која се вбројува во т.н. документарен театар кој  анализира различни  политички, социјални, религиозни  теми за човековото битисување. Сето тоа се прави  на еден директен и суров начин кој заради тоа  и се вбројува во т.н. авангарден и hard core theater. Во него  актерите,режисерот и драмтургот, низ сопствена анализа, создаваaт едно сосема ново авторско дело и творат како едно. За мене тоа беше  незаборавно искуство и како личност и како актерка. Ми чини и дека оваа  претстава ме  промени како личност и моите погледи на светот. За филмот сметам дека има некоја магија, но не како театарот.  Моите искуства се во мали улоги во филмовите “Трето полувреме“, краток филм за Париз, Францика;“The apartment“ и најновата моја улога во македонска серија која е во пост продукција, па сеуште не можам да откривам никакви детали. Би сакала да стекнам повеќе искуство на филм и се надевам дека во иднина ќе имам шанса.

Низ целиот разговор всушност можевме да ја видиме твојата комплексна личност и мултиталенти, кажи  ни која е твоја движечка сила за да постигнеш максимум во своите улоги и се друго што правиш.Се разбира љубовта! Таа ми е движечка сила и во љубовта сум како и во се како што кажав. Одам до крај и давам се од себе. Понекогаш знам дека горам во своите чувства и целата се предавам духовно и можеби и сум „изгорела“ со свои силни емоции, но таква сум и секогаш потоа сум наожала сили и нови предизвици.  Ви кажав дека јас сум голем хуманист , ги сакам луѓето, ги сакам децата и голема желба ми е во иднина да направам театар за деца каде ќе ги подучувам за актерство. Посебно ги сакам животните. Тука би ја истакнала и љубовта кон сликарството кое многу ме исполнува и како хоби многу ми помага за да ме опушти и делува на мене смирувачки. После моите напорни проби и претстави кои бараат голем психички и физички напор, јас како  да се препородувам низ сликањето кое ме потсетува на детството.

Анализирајќи  се себеси и проживувајќи ги улогите што ги играш, твојата моќ за анализа е длабока. Кажи ни како го гледаш животот на младите кај нас.-Во денешниот свет на технологија свеста е на исто ниво како и пред многу години. Заробени сме во еден свет на лажни, изместени вредности каде младите  се заробени во политички илузии, лажна религиозност наместо прави вредности на спонтаност, духовност, љубов и разбирање и право на слобода на умот и духот. Младите ја имаат изгубено вербата во општествоот каде не се ценат правите вредности и квалитети. Не се даваат можности за себедокажување. Сметам дека сите ние млади треба да најдеме сили да погледнеме во себе и да се бориме со сопствените демони на негативизам, критицизам, скептицизам, љубомора… но и со надворешните демони кои ја попречуваат слободата на духот. Со тоа да работиме на себе на развивање на емоционална интелегенција, самодоверба и правилнаи вистинска комуникација, а не се да е сведено на вештачка комуникација на Интернет и социјални мрежи во еден нереален виртуелен свет каде  сите се убави, среќни, насмеани. Или постираме  постови кои или критикуваат или се нереални бидејќи со пасивно пишување и седење на телефон ништо не можеме да промениме. А светот го движат и променуваат младите со своите напредни, слободоумни идеи и мисли. Значи ние младите треба да најдеме сили и бидеме авангарда за секакви промени во општеството.

Кажи ни кои се твоите планови за во иднина?-Како што кажав најпрво сакам уште повеќе духовно да се надградувам како со работа на себе приватно, така и професионално. Тоа ќе ми помогне да бидам подобро подготвена  за улогите кои ме очекуваат. Се надевам дека ќе имам работа на неколку идни проекти како во театарот така и на филмското платно. Театарската школа за деца  ми е замисла која сакам да ја остварам одамна и секогаш ме инспирира да работам понатаму и да се збогатувм со искуства. Би сакала да направам изложба која ќе биде инспирирана од проживувањата  низ моите улоги. И имам уште многу други планови, како што реков и на почетокот бев љубопитно дете и останав дете  кое се интересира за многу нешта. Таква сум и денес со многу интереси но и истрајност тоа што ќе го наумам и остварам. Се надевам дека „луѓето ќе ја помирисаат слободата и ќе летаме со отворени крилја“.Сигурни сме пред младата актерка Сандра стојат уште многу предизвици кои со својата упорност и ќе ги оствари. И ќе лета слободно со отворени крилја кон успеси кои  бидат повод за уште многу други вакви разговори и интервјуа, бидејќи не знаеме и дали со овој разговор и зборови успеавме да ви ја отсликаме нејазината прекрасна и комлексна личност.

Фотографии: Сашо Ристевски

Светло: Илија Димовски

More from ИнтервјуMore posts in Интервју »