Амбасадорот на Русија, Олег Шчербак, денес оствари средба со градоначалникот на Битола, м-р Наташа Петровска. На средбата се разговараше за билатералната соработка помеѓу двете земји, со посебен акцент на соработката помеѓу Русија и Битола.
-На мое задоволство денес мој гостин беше амбасадорот на Русија. Она што би сакала во оваа прилика да го нагласам, е тоа што Битола, како конзулски град е поврзана точно со Русија, затоа што, првото дипломатско претставништво ни доаѓа токму од Русија. Зборувавме за тоа, со кои предизвици се соочува нашиот град, кои се перспективите и можностите за идна соработка и поддршка од страна на Русија, изјави градоначалникот на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.
Амбасадорот Шчербак, нагласи дека Русија е подготвена во понатамошниот период соработката помеѓу двете држави да се развива на сите нивоа: културна, туристича, инвестициска и секаков друг вид соработка, за која е подготвена Македонија.
-За нас – Русите, Битола е многу важно место затоа што, токму од Битола, во 1860 година, беше основано руското дипломатско претставништво, почна руската дипломатија на Балканот. За нас Битола е многу важна, бидејќи во Првата светска војна, илјадници руски војници ги дадоа своите животи, тука во битолско. Важна е како место каде што беа дојдени илјадници руски доселеници кои што беа принудени да ја напуштат својата татковина по Револуцијата во 1917 година и дочекаа многу топол прием од македонскиот народ. Русите секогаш одговараат со добро на добро. Оние луѓе кои беа дојдени тука во Битола со својот труд и вредна работа се заблагодарија за приемот. Руските инжинери, наставници, професори, лекари, многу придонесоа за развојот на Битола во 20-те и 30 те години на XX век, изјави амбасадорот на Русија во Македонија, Олег Шчербак.






