Press "Enter" to skip to content

Антената горе високо, дури на врвот Пелистерски патокази, низ текст и фотографии (15)

Подготвил: Драган Ристевски

„Куќа имам на Пелистер, кој му стиска нека дојде…“ – се вели во една народна македонска песна. Ваквиот приказ највпечатливо ја илустрира  највисоко населената точка во Македонија, а тоа е таму горе високо, на Антена, на врвот на Пелистер на надморска височина од 2.601 метри. По метеоролошката станица  лоцирана на врвот Мусала (2.925 м.) на Рила во Бугарија, пелистерската антена (Радиотелевизиски предавателен пункт) е втора височинска точка на Балканот и во поширокиот регион која е постојано населена со луѓе, уште од далечната 1965 година. 

Благодарение на близината на Италија и секако височината на Пелистер, битолчани ја имаа привилегијата, први во Социјалистичка Република Македонија да следат директни телевизиски преноси  со посредство на италијанската телевизиска станица – РАИ, преку малубројните телевизиски приемници во тоа време. Ова телевизиско чудо беше реализирано со предавател поставен на монтажниот метален антенски столб донесен претходно на врвот Пелистер со помош на воловски запреги. Волшепството на телевизиската слика молскавично ги освојуваше гледачите. За кусо време започна брзиот развој на технолошкото чудо – телевизијата.

Според зборовите на еден од првите вработени на Радиотелевизискиот пункт на Пелистер, битолчанецот Борис Квачковски (75) во тоа време посадите на Антена се состоеле од две лица, еден техничар и еден домар, а имало две екипи кои работеле неизменично по две седмици во смена. Првите вработени техничари биле Драгомир Симоновиќ од Ниш и Милорад Ѓукиќ од Косовска Митровица,  домари биле Томе Таневски и Нико Трпчевски од Нижеполе, а шеф им бил Асен Даскалов од Битола.Почетоците биле тешки и напорни. Условите за живот во објектот изграден во повоените години од камен  од страна на битолски планинари и ентузијасти  биле скромни.  Објектот  се состоел од две простории  од кои  во едната просторија бил сместен  агрегатот и трансформаторот, а другата просторија служела за живеење на персоналот.

Така се работело извесен период, по што следело проширување на првичниот објект и изградба на уште еден кат. И персоналот кој  дежурал во смени се проширил, така што следни „жители“ на Антена, стануваат  Ристо Атанасовски, Драги Петковски и Анастас Јашмаковски кој бил водач на смена, а во 1967 година се вработува и Борис Квачковски  како техничар за слаба струја, за потоа да се вработат и  техничарите Драган Барабанов и Мичо Филов како и домарот Ицо Попов.

Искачувањето до работното место, до репетиторот на Пелистер се одвивало во отежнати услови, пешки во различни метеоролошки прилики. Главно се користеле две патеки, едната за во зимски услови со снег и другата за во лето, кога е релативно суво. Притоа, во лето се користеле и коњите на тандемот  планински транспортери, Мичо и Лаки Карамбола од Магарево кои помагале во  пренесувањето  на облека, опрема и храна преку Палиснопје кон Широка и Рамнина.  Зимската патека пак била од страната на Нижеполе, во насока кон Црвена Река и Бандери. Во зимско снежни услови вработените се искачувале пешки, а придружници и носачи на неопходните намирници и опрема им биле магаревчаните, Ѓуш и Србино, Цемо од Трново, Тулата, Сотир и Нацо од Нижеполе како и други платени носачи.Така било петнаесетина години, се до пробивањето на земјениот пат до Антена од страна на припадниците на ЈНА (Југословенската народна армија) кои со механизација и работна сила го пробија патот по кој и денес се одвива сообраќај. Така, коњите на  Мичо и Лаки од Магарево  кон средината на седумдесеттите години биле заменети со теренско возило по што пристапот на екипажите за на Антена станал поедноставен. Следувало набавка на зимско возило гасеничар-ратрак, кој по неколку години бил заменет со поголем, посовремен, бидејќи честопати се случувало возачите на ратракот, Кипро и Ценко да не можат да ги пробијат наметите и  густо напластениот снег на пат кон Предавателот, па нагоре  морало да се продолжува пешки.

Во тие години бил користен и објектот Ловечка куќа (1.950 м.) на Широка, која била наменета како попатна станица, за преноќиште во услови на невреме и вејавици. Лошите временски услови биле составен дел на работата и животот горе високо на Антена. Се случувало да се стигне пешки до горе, на околу педесет метри до врвот, и заради густата магла да не може да се пронајде Антената, па така, екипата да биде принудена  се врати назад.

Меѓутоа, крајот на седумдесеттите години од 1977-79 година  со изградбата на новиот проширен објект на Предавателот со корисна површина од околу 700 квадратни метри, условите за работа и престој значително се подобриле, а достапот до Антена  постанал побрз и посигурен заради набавката на ново посовремено зимско возило-ратрак. Од пред две сезони, набавен е уште еден поголем ратрак кој се користи за транспорт на вработените на Предавателниот пункт „Пелистер“ на Македонската радиодифузија на височина од 2.601 метри, највисоко населената точка во Македонија.Оној што ја посетил еднаш Антената, посакува да се случи тоа и следен пат. Доколку некој тоа го направил пред 30-40 години и денес повторно се искачи до горе, ќе констатира големи промени. Не само во поглед на зголемен работен простор, туку пред се заради зголемениот број на современи предавателни системи. Додека своевремено вработените се грижеа за непречено функционирање на неколку предаватели (Радио Скопје 1 и 2, Македонска телевизија 1 и 2, релејот на ЈНА и на полицијата) денес, горе на антенскиот столб се монтирани предаватели од над стотина радија, телевизии и посебно мобилни оператори. Техниката и технологијата напредува, бројот на предаватели енормно расте, а бројот на персоналот останува речиси непроменет. Поранешните две екипи од по двајца (техничар и домар по две седмици работа), со текот на времето се променија во три екипи од  по тројца (два техничари и еден домар, по една седмица дежурство) како што е и денес.

Во текот на речиси шестдецениското постоење на Предавателниот радиотелевизиски пункт „Пелистер“ во него работеа голем број техничари и домари  кои сите на свој начин придонесувале за чист и непречен радио и телевизиски сигнал до радио и телевизиските приемници во нашите топли домови. За тоа да биде така некој деноноќно бил дежурен горе на  врвот Пелистер на 2.601 метри што е за особена почит. Како компензација на тешката и сложена работа во високопланински услови, како и невидливото, но присутно постојано зрачење на различни помалку или повеќе штетни бранови на предавателите, кое се принудени да го поднесуваат вработените, честопати на сцена  настапува неповторливиот поглед  и незаменливиот видик од горе.

Прекрасни се глетките од врвот посебно на моментите на изгрејсонце од кај Ниџе или зајсонце кон Галичица и Јабланица. А видикот од горе, од високо, не стигнува само до споменативе планини. Видикот продолжува многу подалеку. Со оглед на централно поставената позиција на Пелистер, од врвот, во мирно и стабилно време, волшебна е глетката кон највисокиот врв на Македонија, Кораб,  потоа, на целиот масив на Шар Планина, нешто подолу на Солунска Глава, па Вихрен со Пирин Планина, понадолу на Беласица и секако митскиот Олимп,  дури до гордиот Грамос и така во круг до Јабланица и Дебарца со Караорман.

Ете тоа може секој да го види и да го доживее на свој начин од горе, од врвот Пелистер. А за да се стаса до врвот треба да се вложи извесен напор. И дури потоа може да се запее македонската народна песна „Куќа имам на Пелистер, кој му стиска нека дојде… “

Во наредна прилика: Јоргов Камен…

More from БитолаMore posts in Битола »