По повод 8-ми Март денот на жената, Организацијата на жени од Битола заедно со НУУБ “Св. Климент Охридски“ организираа свеченост на која доделија дипломи на, како рекоа нај-“cool“ жени од Битола, а сето тоа беше во програмата за прослава на Денот на жената насловена “Малку поинаков женски активизам“.
На прославата покрај раководството на Организацијата на жени од Битола беа градоначалничките на Битола, м-р Наташа Петровска и на Могила, Јасмина Гулевска, просветни работници-учители од “старарата гарда“ и сегашни учителки, како и голем број на гости.
Настанот беше замислен и се реализира како спој помеѓу „старата гарда“ на учители и новите наставници, учители, професори и нивните искуства со својата струка и учениците, рекоа организаторите.Градоначалничката Петровска им се обрати на присутните и рече дека и самата била дел од образовниот систем и дека и недоставува времето поминато во училниците и до ученицитe, а по примањето на признанието рече:
-Јас, а истото важи и за сите други градоначалнички, имаме товар повеќе затоа што нашата работа ако биде успешна ќе отвори врата за сите жени, ако не, ќе носиме белег и товар од кој нема плакнење.
По неа зборуваше и градоначалничката на Могила, Гулевска која рече дека од позиција на градоначалник безусловно им ја дава целата поддршка на жените, да има повеќе инклузивност во општеството и да се унапредат еднаквите можности меѓу мажите и жените.
Поранешни учителки го кажаа своите искуства во врска со работата, образовниот процец и воспитувањето на децата во некое не така минато време, а од страна на сегашните учителки беше направена кратка анализа за тоа како е да се работи со учениците денес.
Претседателката на Организацијата на жени Светлана Петковска го додели и признанијата на нај-“cool“ жени од Битола од различни области.За нај-“cool“ политичарки признанија добија градоначалнилките на Битола и Могила, м-р Наташа Петровска и Јасмина Гулевска, за нај-“cool“ мајка Пандора Поповска, нај-“cool“ лекар Ненси Лозанче, нај-“cool“ куварка Весна Алачковска, нај-“cool“ учителка Весела Богдановиќ, нај-“cool“ професорка Лидија Анастасовска, нај-“cool“ новинарка Жанета Здравковска, нај-“cool“ планинарка Илинка Ристевска…
Организацијата на жени од Битола додели и посебно признание, посмртно на нејзината ќерка, за нивниот активист и борец за женски права Билјана Опашинова, која почина минатата година.Утре завршува одбележувањето, а не како рекоа вечера жените, прославата на 8-ми Март, Денот на жената со крводарителска женска акција која ќе се одржи во ОСМУ ,,Др. Јован Калаузи“и посета на Хоспис „Сју Рајдер“ каде на штитеничките на домот ќе им биде честитан празникот со по еден цвет и пригодна празнична програма.
Сите кои помогнаа да се реализира настанот „Еден друг вид на учители“, добија благодарници од страна на Организацијата на жени, а учениците и учителите од ОУ ,,Св. Климент Охридски“ – Битола се претставија со своја мала театарска претстава.
На крајот од настанот, членките на Организацијата на жени на нивната претседателка, Светлана Петковска, и доделија посебно признание, како знак почит за се што таа работеше во Организацијата во изминатиот период.
Текст и фото: Сашо Ристевски