Владата на последната седница, која се одржа вчера попладне, ја усвои информацијата за реализација на проектот „Изградба на Пречистителна станица за отпадни води и рехабилитација и проширување на канализационата мрежа во Општина Битола“.
Министерството за животна средина и просторно планирање до Секретаријатот за европски прашања треба да достави ИПА апликација за проектот, а потоа СЕП апликацијата да ја достави до Делегација на ЕУ во Скопје и истата да се препрати до Европската комисија во Брисел.
Претхпдно Градоначалникот на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, оствари работен состанок со претставници од Министерството за животна средина и координаторот на ИПА проектот за изградба на пречистителна станица и колекторски ситем во Битола, Јадранка Ивановска. На состанокот, беше дефинирана понатамошната реализација на проектот, кој претставува проект од големо значење за животната средина.
Вкупната финансиска конструкција на проектот изнесува 28,7 милиони евра, од кои 85% од средствата се обезбедени од ИПА фондовите, а околу 7,5 милиони евра се од Владата на Република Македонија. На средбата, беше констатирано дека Општина Битола, во последните неколку месеци, забрзано ги исполни своите обврски, со што проектот „Изградба на пречистителна станица и колекторски систем“, ќе започне со реализација.






