Вечерва во хотел “Епинал“ во Битола се одржа меѓународен семинар за млади лидери (Rotary youth leadership award – RYLA) како дел од програмата за одбележување на 75 години од депортацијата на македонските Евреи, во организација на Општина Битола, во соработка со Здружението АРХАМ Битола, носител на проектот за ревитализација на еврејското минато во Битола и уредување на Меморијален парк на живите на Еврејските гробишта во Битола.
Семинарот го организираа ротари клубовите на Македонија и Израел, а трае три дена, а тој е прва заедничка активност на Ротари клубовите од двете држави. По 10 млади од Македонија и Израел учат за ротаријанската мисија за мир и соживот во контекст на проектот за ревитализација на еврејското минато во Битола и уредување на Меморијален парк на живите на Еврејските гробишта во Битола.
Предавач на семинарот е Д-р Рахел Шели Леви Друмер, член на Еврејската заедница на Република Македонија и Претседател на невладината организација „Наследство на Евреите од Монастир/Битола“ од Израел, која ги презентира историските детали за депортацијата на Евреите, нивниот живот во Битола пред холокаустот и живите сеќавања на нив, низ цел свет, до денеска.
На семинарот младите учесници работат на подготовка на есеи кои треба да испратат пораки за мир и соживот и да го промовираат космополитиски дух на Битола, која и ден денес го негува споменот на Еврејската заедница која своевремено живеела тука, но со депортацијата била загубена во еден единствен ден. Најдобрите есеи ќе бидат јавно објавени и ќе бидат парично наградени на свечена церемонија на завршувањето на семинарот.
Младите учесници на семинарот во Битола, на 16 март патуваат за Израел, каде што ќе се одржи вториот дел од Меѓународниот семинар за млади лидери.






