Press "Enter" to skip to content

Во Битола се собра еврејско семејство разделено на три континенти (фото)

-Родена сум во Битола, но моите родители пребегаа во Грција во 43-та година. Татко ми се приклучи на партизаните, а мајка ми остана во Костур. Кога Германците стигнаа до Грција татко ми се обиде да ја спаси мајка ми, но не успеа. Потоа и двајцата еден за друг не знаеја ни дали се живи. Подоцна на случајна средба при разминување на возовите во Битола видоа дека си живи. И моето семејство беше жртва на погромот, a мојата мајка е единствена која меѓу многу жeни преживеа во логорот во Аушвиц, рече Сара Ле Гутман Калдерон, ќерка на единствената Еврејка од Македонија која го преживеала Холокаустот во логорот Аушвиц-Биркенау.
Тое а приказната која денес во Битола ја раскажа Сара дека денеска нејзиното семејство дојде да ги види родните огништа, тие во Битола од Венецуале, Тексас и Израел.
-Сите се собравме во Битола да ги посетиме родните огништа. Да ме гледа сега мојата мајка ќе рече дека победив, бидејќи сега имам ново семејство. Битола е дел од тоа семејство, рече таа.
Три генерации од ова семејство, кое живее разделено на три континенти, односно во Јужна Америка, Северна Америка и Азија, се сретнаа во Битола. Деветчлената фамилија се собра во Битола за да се приклучи на комеморативните активности по повод 75 години од депортацијата на Евреите. Денеска низ солзи раскажуваа дека од трите куќи во кои некогаш живееле во Битола, сега е останата само една за да сведочи за голготата која го распрсна нивното семејство низ цел свет.
Семејството Калдерон денеска се сретна со претставниците на Македонско – германската иницијатива за помирување во состав на 24 млади од Германија и 20 од Македонија, предводени од Ханс Јоаким Шолц, свештеник на Протестантската црква во Баден, Германија.
-Тука сме за да испратиме порака на помирување. Среќни сме што семејството Калдерон ја дели со нас таа мисија, рече Шолц.
Целта на денешната средба во Битола е да се упати пораката дека помирувањето е процес, а не единечен чин, процес во кој сите треба да се вклучат.
-Процесот на помирување е многу важен. Односите меѓу Македонците и Германците се важни за да се сеќаваме што донесе холокаустот, за тоа никогаш да не се повтори, рече Лас Ен од Германија, член на Македонско – германската иницијатива за помирување.
-Битола веќе неколку денови има бројни активности, а завршната, централна активност, ќе биде организирана во недела во 11 часот, кога делегации од Општина Битола, Собранието и Владата ќе бидат учесници на маршот, од плоштадот “Магнолија“ до железничката станица, за симболично да се означи депортацијата на битолските Евреи. За Битола значајно е да стави акцент на мултикултурното живеење во градот, да порача тоа повеќе да не се повтори, а да ги зачуваме историските белези кои даваат дополнителна вредноста на Битола, како град во кој многу години наназад живееле Евреите,  рече Методија Илиевски, советник во Советот на општина Битола.
Организатор на комеморативните активности по повод депортацијата на македонските Евреи е Општина Битола, во соработка со Здружението “Архам”, носител на проектот за ревитализација на еврејското минато во Битола и уредување на Меморијален парк на живите на Еврејските гробишта во Битола.
More from ВестиMore posts in Вести »