Press "Enter" to skip to content

Од Јоргов Камен – Битола на дланка Пелистерски патокази, низ текст и фотографии (16)

Подготвил: Драган Ристевски

Неколку впечатливи позиции или пунктови за набљудување од месности на Пелистер даваат неповторливи можности за поглед кон Пелагонија и Битола. Една од нив, секако е камената стена на сртот  над селото Ниже Поле позната како Јоргов Камен (1.744 м). Оттаму Битола, е речиси на дофат и таа може да се посматра како на дланка. Секако, најдобра чистота на видикот има после дожд и особено на зајдисонце, со оглед дека Јоргов Камен во однос на Битола е поставен  западно, така што, во такви околности Битола наликува на една голема сцена, осветлена како со силен рефлектор.

Меѓутоа, видикот од Јоргов Камен кон Битола и Пелагонија секогаш има своја убавина и вредност, независно кое време од денот е и за кое годишно време станува збор. Особено доживување е ноќе, во лето при ѕвездена ноќ. Тогаш видикот е збогатен со размисли  кои навираат инспирирани од убавата глетка како и за тоа, колку со малку напор и  со мало ноќно патешествие, човекот може себе си да си обезбеди духовност, смиреност и возбуда истовремено.Во такви околности излишна е музиката на Бетовен од типот “Мало ноќно ноктурно“ бидејќи поубедлива е музиката на природата. Тоа заслужува да се доживее.

Додека “функционираше“ Копанки (1.610 м.) и истовремено на Пелистер се одвиваше  обичен, секојдневен, едноставно близок на нас, природен планинарски живот, така што имаше каде да се преспие, да се ноќева, во такви околности, месноста Јоргов Камен беше една од најчесто посетуваните одредишта на излетниците и планинарите. При поаѓањето кон десно од Копанки, по релативно рамната патека, по околу полчасовно лесно пешачење патеката едноставно сама ве носеше до Јоргов Камен. Притоа, јужно поставената  позиција на патеката и секако видикот кон Битола и Пелагонија, овозможуваше благата косина речиси и да не претставува особен напор. Променадната патека преку завојот на камената река од гранитни стени и изворите на Магарска Река, продолжуваше низ моликовата шума до  одредиштето  Јоргов Камен. Како минуваат годините, оваа патека која инаку е пробиена и на одредени места послана со гранитни плочи од страна на војниците од Првата светска војна, таа почнува да се затвора и обрастува, пред се заради се помалата посетеност и присуство на планинари и излетници. На полпат, намерниците можат да ја угаснат својата жед со чиста изворска вода од приспособената чешма на камењарот, а чиста вода има и на  камената чешма изградена педесеттина метри под Јоргов Камен, во далечната 1950 година од страна на ентузијастички ориентираните вработени во Националниот парк “Пелистер“. Уште една чешма педесеттина метри лево пред да се стаса до Јоргов Камен, но годините, времето и некористењето на патеката неа ја обрастија, а бетонираната чешма е руинирана и неупотреблива.

Освен преку “Копанки“ до Јоргов Камен се доаѓа и преку Магарево нагоре по Магарска Река, по пат кој во извесен дел е широк и своевремено бил користен и за транспорт на гранитните коцки со кои беа постилани улиците и сообраќајниците во градот и останатите патишта. Во педесеттите години на минатиот век, токму тој реон на Магарска Река беше еден од пунктовите, мајданите – рудниците на отворено, каде се  изработуваа тие гранитни коцки кои и ден денес се во функција и во употреба во поедини улици во Битола. Но, за жал, коцките, мали и големи, покрај тоа што ги газеа луѓето и автомобилите, нив ги згази и времето. Едноставно, неоправдано и вулгарно,  гранитните коцки од Пелистер, од т.н. камени реки, беа втурнати во втор план од “модернистите“ и градежниците кои приоритет му даваат на „жешкиот“ асфалт кој загадува. Така, речиси сите поголеми улици низ Битола (ги има многу) како и патиштата од Битола до Кукуречани, па старите патишта за Ресен и Охрид, кон Прилеп и Меџитлија, кои претходно беа послани со коцки, сите буквално беа прекриени со асфалт кој при неговото загревање во лето смрди и загадува. А, колку за потсетување, речиси сите градови во Европа, мали и големи, особено центрите и плоштадите се со гранитни, мермерни и други камени плочки и коцки, а ние таа природност ја уништуваме и коцките ги прекриваме со асфалт. На тој начин милиони неимарски изделкани гранитни коцки се затрупани и уништени од модерниот асфалт, а истовремено станува збор за милиони евра (една коцка на европскиот пазар е вреднувана со едно евро). Демек напредни и модерни сме!

Ете толку за тие пелистерски гранитни коцки, гранитни плочи кои од Магарево се простираат до Јоргов Камен и понатаму кон височините на врвовите на Баба Планина. Се уште постојат како артерии низ камењарот по Магарска Река, патеките кои водат кон Јоргов Камен, а кои своевремено служеле за транспорт на изделканите и обликуваните гранитни коцки со помош на коњи и магариња.

Уште еден пристап има до Јоргов Камен, а тоа е оној кој од Магарево продолжува кон чешмата посветена на Полковник Илиев, па преку Бункери по сртот продолжува нагоре. Патеките се маркирани и со соодветни патни ознаки, така што лесно може да се ориентира и намерник кој за прв пат сака да стигне до Јоргов Камен.Кога сме на оваа насока, да нагласиме дека една патека продолжува кон месноста Бор Чешма. Оваа патека исто така има свои карактеристики и посебности. Природниот амбиент и комбинацијата на  сиви гранитни стени и  витки моликови стебла е надополнета со бројни гранитни објекти кои им биле во функција на војските што војувале на овие терени пред еден век, во Првата светска војна.

До месноста Бункери, бетонски објекти од Првата светска војна кои се изградени на сртот на планината над селото Диово се стигнува и преку манастирот посветен на Свети Атанасиј кој е на половина час од Диово. Овој пат продолжува од автомобилскиот пат кој води за Ниже Поле, се свртува во десно и по поминувањето на Стрежевскиот Канал се продолжува нагоре по маркирана патека. Своевремено, пред четириесет и повеќе години полесно можеше да се стаса преку овој пат. Повозрасните диовчани се сеќаваат дека целиот синор над Диово кон Магарево беше речиси гол и служеше како терен за напасување на добитокот, особено на овците. Денес тој простор е облагороден со високи и витки моликови стебла, а во лето и со висок папрат од  над два метри, така што, лесно може да се случи да има прекин на патот и човек да застрани.

Ги нема веќе пасиштата и овците кои тука ги напасувале домаќините од околните села. Пасиштата се протегале се до Јоргов Камен и повисоко до месноста Црвени Стени. Токму и големиот монументален камен, стената под која има услови за природно трло за стотици овци, каде извесен Јорго го чувал своето стадо, е именуван  каменот според него. Така и ден денес таа месност се нарекува Јоргов Камен.

За разлика од порано, денес многу нешто со природниот амбиент е изменето. Сепак нешто што останало трајно и вечно е видикот од горе, од Јоргов Камен.  Тој  неповторлив видик кон Пелагонија и секако кон Битола кога и вие ќе го доживеете тешко ќе го прераскажете.

Во наредна прилика: На Лазо Вилата…

More from БитолаMore posts in Битола »