Денес, на 14 март секоја година (според новиот календар), односно на 1 март (според стариот календар) се празнуваат два македонски празници, Летник и Ксантика. Двата празника не се верски туку природни или народни, а во записи во Мијачијата се вели: “Летник не је црковни токо природни празник. Природата која се зима спала и била огрдена кротце по кротце да се разбудуват и разубават“.
Летник е поврзан со враќањето на птиците преселници од јужните краишта во Македонија, а според народните верувања е празник за почеток на пролетта, односно летниот период, периодот на цутењето на пупките на дрвјата и почетокот на земјоделските работи. Поради ова негово значење, празникот често е квалификуван и како празник за почетокот на годината во смисол на активниот работен период од годината. Започнувањето на месецот март кој во народното верување се смета за пресвртница од зима кон лето било проследено со многу обичаи и верувања, кои врз магиски принцип треба да обезбедат здравје, среќа и богата година.
Меѓу позначајните обичаи на овој празник е правењето мартинки. Тие најчесто се прават од бел и црвен конец околу вратот или на рацете и нозете. Најчесто ги носат децата, но во некои краеви ги носеле сите членови во семејството како магиска заштита од несреќи.
Според сведоштвата на луѓето празникот Летник започнувал да се празнува уште во раните утрински часови, заеднички и од Македонците Рисјани и Муслимани. Веднаш рано изутрината штом ќе се станело од спиење, луѓето гледале и барале да здогледаат некое пиле (птица) за според верувањето да бидат лесни како птица преку целата година.
На истиот датум 1 март, древните Македонци го празнувале својот празник на светлината наречен Ксантика. Древното верување за овој празник било поврзано исто како и со современиот македонски народен празник Летник. Празникот Ксантика исто така бил поврзан со зголемувањето на аголот на паѓањето на сончевите зраци, односно со зголемувањето на светлината и времетраењето на денот како и со почетокот на пролета – летната сезона во годината, цутењето на пупките на дрвјата и започнувањето на земјоделските работи. Ксантика е празник во кој Древните Македонци верувале дека се случува „измивање на душите“, простување на гревовите, доминација на разбудената пролетна светлина врз зимската темнина, што ги притиска нивните души. Симбол на празникот бил и е црвено-белата врвка исплетена од бел и црвен конец. Од тука, нешто што е и до денес зачувано и кај нас, тоа е онаа мартинка, онаа просто волшебна црвено-бела плетенка која тогаш се провлекувала како нишка за спојување на тие луѓе за време на празникот.
Овој древен празник поради истиот датум и истото верување со современиот македонски празник се зема за еден од доказите за етногенетските врски и поврзаноста помеѓу древните и современите Македонци. Според некои извори, во древно време се сметал и за почеток на годината .
Исто така, на денешен ден (први март по стариот календар), Светата православна црква го празнува споменот на Светата преподобна маченица Евдокија – родена во феникискиот град Илиополе. Преданието сведочи дека како девојка била многу убава и дека со неморал спечалила огромно богатство. Во тоа време по вера била Самарјанка. Подоцна го примила Христијанството, го напуштила расипничкиот живот, имотот го поделила на сиромашните христијани и се закалуѓерила. Во манастир минала 56 години. По наредба на тогашниот управник на Илиополе била исечена со меч во 152 година. Со празникот посветен на нејзиниот спомен започува месецот март, а според некои и новата година.
Денес именден празнуваат Мартин, Марта…






