Press "Enter" to skip to content

Се поправаат плочки во Старата чаршија, дуќанџиите бараат казнување на оние кои влегуваат со возила

Веднаш по зголемување на температурите и стабилизирање на временските услови фирмата која е задолжена да ги поправа уличните плочки во старата битолска чаршија ги започна работите. Поправките започнаа од влезот во чаршијата кај дрвеното мовче, а деневиве се работеше на поправка на изместените плочки и замена на искршените.

Дуќанџиите и минувачите низ Чаршијата ја поздравија работата на работиниците и не го криеја задоволството од тоа плочките ќе се поправат.

-Пред дуќанот имаше неколку плочки кои се мрдаа и неколку кои беа пукнати, а недостасуваа и делови од нив. Кога времето е врнежливо не знам колку пати се имав искиснато, иако знам кои плочки не беа во ред. Едноставно кога ќе се погодеше таква плочка не беше возможно да не се испрскате. Сега се надевам дека тоа е минато и јас, а и моите муштерии ќе можат слободно да се движат по плочките, ни рече една продавачка која со задоволство ги гледаше работниците кои работеа на поправка на гранитните  плочки.

-Не е проблем тоа што ќе се поправат и ќе се променат, проблем се возилата кои тука поминаат како по автопат. Треба да се регулира тоа, тука да не поминуваат возила. Ако се движат возила тука низ Чаршија, бадијала е поправката, секој ден да се поправаат пак ќе има искршени. Истото е кај стаклената зграда на Широк сокак и под Камен мост. Мора полицијата да биде и тука присутна и да казнува, бидејќи јас сум во Чаршијата повеќе од 15 години и секоја година се поправаат, и секоја година повторно се кршат и оштетуваат, додава друг дуќанџија.

С.Р.

More from ВестиMore posts in Вести »