Разговорот го водеше: Жанета Ристевска
Се сретнавме за разговорот на кафе, во мирен амбиент, за да се назборуваме на рајат, како што ни рече со широка преубава насмевка. Зборува со интересен акцент на скопјанка во Битола, што ја прави многу интересна и шармантна. Нејзината позитивна енергија и ентузијазам ја пренесува наоколу. Непосредна, спонтана, емотивна, соговорник со широки погледи на свет и отворена за нови предизвици. Немирен дух и карактер за некој кој работи во библиотека. Можеби заради тоа е носител на многу проекти и активности како во нејзината работа во НУУБ “Св. Климент Охридски“- Битола така и во здружението “Сумнал“, чиј претседател е. Двигател и поттикнувач на многу активности и проекти за во иднина. Низ целиот разговор зборува со голема позитивна енергија и ентузијазам кој го пренесува наоколу.
Со вашата енергија и немирен дух на откривање на нешто ново сметам дека давате еден нов дух низ својата работа во НУУБ “Св. Климент Охридски“- Битола. Станавте препознатлива и некако ги поместивте границите за стереотип каков тип на карактер работи во библиотека.
-Сметам дека современата библиотека ги поместува границите за тоа дека тоа е место каде се работи смирено и само се земаат и враќаат книги, се оди во читална да се учи и консултира литература. Тоа е место и треба да биде место каде низ многу активности и проекти ќе се разменуваат и шират идеи од разни области на наука, култура, уметност… Таа некако треба и да биде центар на културни збиднувања на литературни читања, трибини, дебати, промоции и изложби. Всушност јас и со мојот карактер се пронаоѓам во едно такво современо библиотекарство во кое се надевам ќе ја вложам мојата енергија и ентузијазам, а секако и знаење. Заради тоа и запишана сум на магистерски с тудии по библиотекарство при Педагошкиот факултет во Скопје, бидејќи знаете се водам од слоганот “Знаењето е сила, знаењето е моќ“.
Кажете ни повеќе за вашето образование и работа.
-Јас сум дипломиран педагог на Филозовски факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Запишана сум на специјалистички студии по оперативен менаџмент на “БАСС“ и таму чекам да ми одредат датум за одбрана на трудот под менторство на проф. д-р Моника Марковска. Заради мојата работа во библиотеката НУУБ “Св. Климент Охридски“ – Битола каде работам во одделението за популаризација, сметав дека ми е потребна и некоја доедукација како што и претходно нагласив и се запишав на магистерски студии по библиотекарство на педагошкиот факултет “Св. Климент Охридски“- Скопје, моментално ја чекам одбраната на магистерската теза. Сигурна сум дека мојата доедукација ќе ми помогне да дадам поголем придонес во библиотекарството.
Вие сте скопјанка, но љубовта ве донесе да живеете во Битола. Со своите активности и проекти успеавте да се издвоите и вашето име е препознатливо во Битола. Кажете ни како се прилагодивте на животот во Битола и се истакнавте?
-Себеси би се опишала како Скопјанка која љубовта ја донесе да живее во Битола, ќе речам не случајно, бидејќи Битола е навистина убав град за живеење, опуштен, смирен, полн со културни настани и прекрасна природа. Но, морам да признам дека одвреме на време ми недостига и брзото темпо на живот во Скопје, кога немаш време за ништо, а успеваш да направиш се. Спаѓам во групата на жени со општи карактеристики кафе-муабет, шопинг, лесни елегантни прошетки во парк, покрај езеро на планина, готвењето не ми претставува проблем – помага сопругот, Нешат, кој е експерт за салати. Кога го прашувам која е тајната, тој ми вели. љубовта е највкусниот зачин. Она што ме прави посебна а што и како карактерна особина може да се забележи е дека околината ја прилагодувам на моите потреби.
Цело време со зборувате со посебен сјај во очите на жена која е сакана и успешна мајка и сопруга.
–Тоа се рефлектира во се, а и во приватниот живот, а особено во мојот придонес кон успесите и работата на Здружението „СУМНАЛ“. Фатма Бајрам Аземовска е сопруга и мајка на седумгодишната Леона и тригодишниот Даријан. Мајчиниството ме измени многу бидејќи во очите и насмевката на Леона и Даријан ја пронајдов смислата на постоењето и тајната на животот. Семејството ми е на прво место и од него црпам енергија за сите други мои активности и професионални обврски. Се вложувам максимално како мајка во воспитанието и образованието на моите деца и ја потикнувам нивната креативност и секогаш да бидат отворени за нови погледи кон светот. Тоа се прави со читање на многу книги кои ја поттикнуваат фантазијата, а многу често и моите деца се вклучени во активности од проектите на кои работам.
Покрај вашите обврски со семејството вие сте и претседател на Вашето здружение “Сумнал“ за развој на ромската заедница во Македонија кое се занимава со помош во едукација на децата од ромската заедница, различни образовни и општествени активности. Објаснете ја улогата на здружението.
-“Сумнал“ е организација која настана како резултат на ентузијазмот на група млади луѓе кои не сакаа да ја прифатат суровата реалност во која живее ромската заедница во Република Македонија. На почетокот водени од високата мотивираност мораше да ги зајакниме сопствените капацитети, да привршиме со студиите за да може да се посветиме на развојот на ромската заедница со сопствените потенцијали, но комуницираме и со факторите на надворешната средина на нашето непосредно опкружување и предмет на работа. Што значи тоа? Тоа значи дека нашите проекти произлегуваат од потребата на заедницата и истите се спроведуваат во соработка со институциите на системот како дел од стратегиите и развојните програми на национално ниво.
Кажете ни повеѓе околу активностите кои ги ги реализиравте за 8-ми април – Меѓународниот ден на Ромите?
НУ Универзитетска библиотека “Св. Климент Охридски“ – Битола, Фондацијата “Чекор по чекор“ и “Сумнал“ – здружението за развој на Ромите заеднички го одбележаа 2 април – Светскиот ден на книгите за деца и 8 април – Меѓународниот ден на Ромите. За таа цел, ја промовираа кампањата “Прочитај ми сказна за да го разберам светот”, со цел да се популаризира читањето книги кај ромските деца од најмала возраст, како и кај сите деца.
Со оваа Кампања која опфати средба со писатели, читање на книги од познати личности, едукативни работилници за деца и родители Вие поттикнавте проект за шитање книги и ги поврзавте вашите активности со вашата работа во библиотеката како многу значајна за оваа кампања.
-На настанот во Битола беа присутни над 100 ученици од основните училишта од Битола “Стив Наумов“, “Гоце Делчев“, децата од градинката “Естраја Овадија Мара“ – Битола и деца кои го посетуваат “Сумнал“ – здружение за развој на Ромската заедница. Со децата се разговараше за книгите и ги гледаа аудио визуелните сликовници во издание на Чекор по чекор. За прв пат пред влезот на библиотеката беа поставени маси и столчиња да можат учениците да читаат книги, да бојат сликовници итн. Истиот ден „Сумнал“ – здружението за развој на Ромите и Коалицијата на Ромски невладини организации „Khetane” го одблежаа 2 Април – Светскиот ден на книгите за деца и 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите заедно со министерот без ресор Аксел Ахмедовски ја промововиравме кампањата “Прочитај ми сказна за да го разберам светот“. Министерот Ахмедовски им прочита книга на децата кои го посетуваат центарот, им зборуваше за важноста на посета на основното училиште и за читањето на книгите. Читањето е забавно. Тоа е клучна вештина која ни помага да учиме и да го живееме животот – и затоа започнувањето со читање е возбудлива и важна фаза од развојот на децата. Да им овозможиме на децата редовни дружби со книгата од мали нозе, да им го збогатиме детскиот вокабулар со нови зборови, да ја поттикнеме љубопитноста од најмала возраст, да им ја развиеме способноста за памтење и креативност. Децата се како сунѓери, да им овозможиме нови знаења во забавна и опуштена атмосфера.
Оваа 2018 година го избравте слоганот “Партнерство за поголема социјална и економска“. Објаснете ни што значи тоа?
-Партнерство и соработка значи заедничко справување со предизвиците со кои се соочуваме сите ние во изградбата на современото општество но со посебен аспект на маргинализираните и социјални исклучени лица од кои во најголем број се припадници на ромската заедница. Како партнерство подразбираме односи на соработка со сите вас, за да постигнеме одредена цел. Сите ние како партнери потикнуваме промени во нови и алтернативни форми кои доведуваат до успех. Партнерството и соработката ни се важни да се соочиме и да ги надминиме предизвиците со кои се соочуваме: социјалната и економска интеграција како основа за подобар и поквалитетен живот на сите. Поради таа цел по повод 8-ми април – Меѓународниот ден на Ромите, на градоначалничката на Битола, м-р Наташа Петровска и на градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу им доделивме благодарници за особен придонес и развој на Ромската заедница. Во Советот на општина Битола пред Советниците, претставниците на медиумите и припадниците на ромската заедница беше промовирана програмата „РОМАКЕД“ за активно вклучување на припаднициет на ромската заедница во процесите на планирање, програмирање, буџетирање и одлучување на локално ниво. Програмата е финансирана од Европската Унија, а се спроведува во партнерство помеѓу Советот на Европа, Министерството за труд и социјална политика на Република Македонија и 12 општини меѓу кои и нашата општина. ромсмката. На средбата беше присутени Ферди Исмаили, претседател на Демократската развојна асоцијација „Сонце“ од Тетово која е одговорна за спроведување на овој процес во Република Македонија.
Што ве погодува најмногу од искуството кое го имате работејќи со луѓето од ромската заедница, особено затоа што и самата сте дел од неа?
–Луѓето како луѓе сите се со различни карактери и за комуникација се потребни посебни вештини и способности. На почетокот не можев да разберам како некои луѓе се довеле во непријатни ситуации но сфаќањето дека минатото не може да се промени туку дека е важна сегашноста која ја креира иднината на сите нас ни стана водечка мисла во напорите за развој на ромската заедница. Искуството и работата ни покажа дека луѓето често пати емотивно реагираат на дадени ситуации кога се под силен социјален и економски притисок. Од тоа успеавме да ја развиеме нашата социјалната и емоционална интелигенција и да сочувствуваме со луѓето разбирајќи ја нивната положба. Ваквата емпатија ја зголеми меѓусебната доверба и сите не направи подобри личности и карактери како луѓе.
Сумнал делува и на меѓународно ниво. Кои се проектите кои би ги истакнале.
Да. Сумнал како организација е активна и на меѓународно ниво. Тука би го издвоила проектот „Грижа за здравјето на Ромите“. Овој проект е финансиран од Европската Унија преку ЕРАЗМУС Плус програмата. Заедно со уште 4 организации од 4 европски земји разменуваме искуства и идеи за унпаредување на здравјето на припаниците на ромската заедница. Средината на овој месец во нашиот град ги очекуваме партнерите од Германија, Бугарија, Унгарија и Грција. Важно е да напоменам дека покрај официјалниот дел, во меѓународните проекти подеднакво важен и неформалниот дел преку кој се промовира нашиот гради и нашата држава па така стекнуваме и повеќе пријатели и поддржувачи. Друг проект е „Помош на Ромите жртви на холокаустот“. Проектот е финансиран од германската фондација „Сеќавање, одговорност иднина“ (“Erinnerung, Verantwortung und Zukunft – (ЕVZ)” од Германија. Во рамките на овој проект во месец мај ќе учествуваме на меѓународна конференција за пропознавање на Ромите како жртви на холокаустот во Белград, Република Србија.
Каков совет им давате на луѓето кои доаѓаат во вашето здружение, со оглед на вашето искуство во оваа област низ годините?
-Вложувајте во образованието на вашите деца ако сакате да се интегрираат во општеството. Само преку образованието можеме да направиме интегрални промени!
Сите овие пораки Фатма ги шири на еден спонтан и инспиративен начин. Неуморна, за уште многу идни проекти за кои низ разговорот ни навестува. За кои ќе пишуваме понатаму.
Фотографии: Сашо Ристевски






