Press "Enter" to skip to content

Македонците во Рокдаел, Сиднеј прославија 40 години на црквата “Св. Петка“ (фотогалерија)

Од Сиднеј, специјално за bitolanews.mk, текст и фотографии: Кире Циревски

На 10. април, ова лето господово, третиот ден од Христовото Воскресение – Велигден, во просториите на Македонскиот Културно образовен центар Илинден веднаш до црквата “Св. Петка“ беше организирана прослава со која сe одбележa 40. годишниот опстој на МПЦО “Св. Петка“ во Рогдаел, која првите дваесетина години ги помина во вистински растеж и промотор на македонскиот самобит на овие простори. Последниве дваесет години ги помина во австралиските судови, во растурање и отуѓување на се она што дотогаш сме го направиле и изградиле.

Но, покрај таа горчина што ја носиме  во нашите души смогнавме сили да се собереме и да го одбележиме 40-от јубилеј од големото осветување на црквата на 19 фебруари 1978 година, од тогашниот Архиепископ г.г. Доситеј, прв поглавар и возобновител на Охридската Архиепископија, олицетворена во Македонска Православна црква, придружуван од тогашниот прв надлежен Митрополит  на Американско-канадската и Австралиска Епархија на МПЦ  г. Кирил.Оваа скромна но историска јубилејна прослава се софпадна во времето на канонската визитација на надлежниот  Митрополит  на Австралиско-сиднејската Епархија Митрополитот Тимотеј кој присуствуваше со неговите соработници: протоереј-ставрофор Димче Ѓорѓиевски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Покрај црковната делегација на МПЦ – ОА на оваа скромна свечаност присуствуваа Фред Наил член на горниот дом на парламентот  на Нов Јужен Велс и неговата сопруга Силвана Наил, Танја Михаилук член на парламентот на НЈВ, за изборното место Бенкстеон, која го преставуваше лидерот на опозицијата, Лука Фоли. Генералниот конзул на Романија во Сиднеј, Лулиан Ниту, генералниот конзул на руската федерација во Сиднеј, Сергеј Шипилов. Тука беа и преставниците од Антохиската православна црква епархија за Австралија, Нов Зеланд и Филипини, преставниците на Руската православна црква надвор од Русија, преставниците на Романската православна црква за Австралија и Нов Зеланд. Вечерта присуствуваа сите свештенослужители од Австралиско-сиднејската  епархија и преставници од сите црковни општини.

Секретарот, Петар Котевиќ, ги поздрави гостите и на англиски даде краток извештај, а реферат прочита заменик претседателот,  Кире Циревски, кој мегу другото рече:-Оваа 2018 година ја прославуваме како четириесетгодишнина на нашите напрегања во изградбата на сенародното единство, врз база на вечната љубов, чувана во ризницата  на  Мајката  Македонска Православна  Црква, водена и раководена  од Светиот  Дух,  по  молитвите на  Македонскиот  народен и Црковен закрилник Свети Климент Охридски  Чудотворец. Пред четириесет години стоевме како растурено по терените на огромниот Сиднеј и околијата стадо, без пастири, без поткрепа и без поука. Не  се  знаевме  и  не се познававме, тагувавме за свое и боледувавме  да  се  сретнеме и  ја искажеме душата, како тоа да го чиневме  во  родниот  крај.  Растурени  не  можевме да ги сумираме нашите желби и да ја впрегнеме нашата народна енергија и волја за сенародно  творештво  во оваа демократска земја, преку кое ќе се покажеме   дека  сме  народ  и  дека  и  ние можеме да дадеме голем прилог кон општото добро на Австралиската  многународна  заедница, во која заедница и ние Македонците, како дел од нашиот народ, сме се припоиле  и  слободно  живееме. Еве, четириесет  години како се слуша звукот на македонската православна камбана во Сиднеј и го кани  нашиот  благороден  народ  на единство, слога, заеднички  превземања  и  молитва  кон  Всеблагиот  Бог Исус  Христос, за  добра  волја  меѓу  луѓето  и  слава  на  Вседржителот. Тој сакан камбанен звук беше четириесет години известител дека ние православните Македонци  сме  народ, кој не се откажал  од  себе  си, а живее, твори  и  гради  дела  за  светла  иднина  за  себе  си  и  за  сите  оние кои ја почитуваат правдата, слободата, еднаквоста и правото на македонската  самобитност.  Оние, пак, кои го заборавиле  нашиот народ, таа  канбана  ги  кани  да  се  освестат  и  разбудат  од  својот  летаргичен сон  и  ја  согледаат  вистината,  дека  ние Македонците сме живо постоење  во светот и  дека  ќе  живееме  со  силата  на  правдата што свети и извира од Светата  Македонска  самостојна  народна  Православна Црква.

Потоа на присутните им се обрати и Митрополитот Тимотеј  кое обраќање го пренесуваме во целост:

-Почитувани преставници од јавниот и политички живот на Австралија, дипломатските преставници на Русија и Романија, преставниците на помесните  православни цркви, Романската, Руската и Антохиската Православна црква, преставниците на Македонските православни цркви од Австралиско – сиднејската Епархија.  Почитуван претседателе на Црковната општина „Св. Петка“, почитувани членови на Управата, претставници од останатите Македонски православни цркви од Австралија, пречесно свештенство, драги браќа и сестри, Ми претставува особена чест и задоволство што, како архиереј на МПЦ – ОА, можам да го споделам со вас овој јубилеј, а во исто време, од името на неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан и од останатите членови на САС на МПЦ – ОА, да ви го честитам овој значаен ден.

Нашиот Спасител Господ Исус Христос вели: „Јас сум патот, вистината и животот“ (Јн. 14, 6). Овие зборови ги раководеле сите луѓе во христијанството, коишто сметале дека преку нив се постигнува совршенство и по тој принцип треба да се држат во нивниот живот и воопшто во нивното однесување. Тоа ни е животно правило и животен пат по кој треба да одиме. Оваа, пак, животна патека, нè враќа во времето на основоположникот на нашата Македонска православна црква, светиот Климент Охридски, како и кон животниот пат и на покровителката на овој свет храм, светата Параскева – Петка. Зборовите на Господа Исуса Христа, Јас сум пат, вистина и живот, постанале правило за сите луѓе кои не се приврзуваат за земните богатства, туку, кои го следеле патот на Божјите угодници. Патот вистински и животот вистински е Самиот Господ Исус Христос. Тој пат ни го покажаа и нашите предци низ долгата историја. Оние кои се одлучиле на тој духовен живот, нè подучуваат дека тој пат е тесен и трнлив. Тоа е пат тежок, но пат свет. Пат спасоносен, пат кој вистински води во вечниот живот.Оваа црква, која е посветена на св. Петка, подигната е пред четириесет години и таа е патеводителка на нашиот народ кон Господа Исуса Христа. Пред четири децении, вашите предци, како иницијатори, биле водени од религиозно – националните мотиви, овде во Рокдајл, да подигнат дом Божји за нашите луѓе. Да подигнат дом Божји онаму каде што се наоѓаат најголем број од Македонците, во овој дел на Сиднеј. Верувам дека подигањето и осветувањето на овој храм ги оправда своите цели. Покрај верскиот црковен живот, оваа црква даде сериозен влог во сите овие изминати години. Даде прилог  не само на културен плам, туку и на просветен, национален и  спортски план. Со своите активности вие го закрепнувате и засилувате македонскиот бит во оваа демократска земја.

Верувам дека сè уште има некои од иницијаторите и од организаторите за подигнување на овој дом Божји. Но, најголем дел се преселени во вечноста. Во овој момент, должни сме да им искажеме искрена благодарност за нивниот подвиг, за нивниот труд, за нивните маки во реализирање на ова Богоугодно дело. Истовремено, упатуваме молитва кон Бога да ги успокои нивните души во царството небесно. Додека, пак, на живите, како и на сите учесници во раководењето на оваа црква во изминатиот период, им посакуваме крепко здравје, бодар дух, силна и непоколеблива вера и да продолжат и понатака да редат успеси за доброто на Македонскиот народ, на Македонската црква, а сè со цел, прослава на Бога и афирмација на Р. Македонија.

Нека е честит јубилејот и за многаја и благаја лета. Амин!Преседателот на МПЦО  “Св Петка“ Борис Димчевски на Митрополитот Тимотеј му подари ПАНАГИЈА со ликот на Богородица изработена во филигран, а управата на црковната општина беше удостоена со благодарница.

Мајкал Радин во името на сите преставници од црковните општини на домакините им го честита јубилејот со желби на поголеми успеси и сплотување на Македонската дијаспора.

Со неколку сплета се преставија и фолклористите на КУД “Илинден“ кое работи во доменот на црковната општина “Св Петка“.

More from ДијаспораMore posts in Дијаспора »