На втората Меѓународна конференција за надарени што деновиве се одржа во Руше – Марибор, Словенија со свој научен труд се претставија проф. д-р Љупчо Кеверески од Педагошкиот факултет од Битола и м-р Драган Ристевски од Гимназијата “Јосип Броз Тито“ од Битола.Пред повеќе од 300 слушатели, наставници и научни работници, за актуелниот “одлив на мозоци“ од Македонија авторите на овој труд на репрезентативен начин го презентираа ова истражување, кое опфаќа 300 матуранти и 100 апсолвенти од пет градови од нашата земја.
-“Одливот на мозоци“ претставува глобален и епохален проблем со кој се соочуваат и развиените и помалку развиените земји. Мотивите и причините за “бегството“ на македонските потенцијални кадри и стручњаци не секогаш се од материјално-финансиска причина, туку многу често тие се резултат на индивидуална, лична перцепција на состојбите и општествените појави од нашето секојдневие, од кој не е имуна ни Битола, изјави Драган Ристевски, магистер од областа на надарените и талентираните.Инаку, проф. д-р Љупчо Кеверески е еден од иницијаторите и носителите на групата за магистерски студии за надарени и талентирани при Педагошкиот факултет од Битола и формирањето на докторските студии од оваа област, кои инаку се единствени од ваков вид на Балканот и пошироко.
С.Р.