Синоќа во Центарот за култура во Битола свечено беше отворена првата ретроспективна изложба на Иван Димитријевски, насловена “Мозаици на животот“.
На свеченото отворање на изложбата присуствуваа голем број на гости на Димитријевски кои уживаа во прекрасно изработените мозаици на кои се “насликани“ разни видови на цвеќе – особено булки, македонски цркви и манастири, животописна природа на битолскиот регион, изгрејсонца на пролетни утра со златна сончевина, зајдисонца на Пелистер, разлетана пеперутка во раскошен танц…
-Ова што е тука изложено е само мал дел од мотивите кои ги имам насликано на платно преку повеќе техники и претставува печат на моето творештво кое трае два децении, рече Димитријевски на отворањето на неговата прва ретроспективна изложба.
Димитријевски уште како млад, работејќи како возач, сакал да научи некоја ликовна техника,па така не една, туку повеќе од нив научил гледајќи го сликарскиот занает кај врвните битолски уметници Димовски и Крнчев.
-По пензионирањето деновите ги минувам квалитетно, па така покрај времето за семејството и пријателите одвојувам значително време и за дружењето со боите и сликарските четки, бидејќи тоа ми ја негува душата, вели Димитријевски, кој иако себеси се опишува како уметник – аматер Димитријевски има насликано дела за паметење и воодушевување.
Димитријевски две години е член на ЗУР “Македонски ракотворби“ каде учествувал на многу изложби и работилници.
Оваа прва изложба која како стои на официјалниот рекламен материјал е самофинансирана, неа ја помогнаа Центарот за култура од Битола и ЗУР “Македонски ракотворби“.
С.Р.






