Сабота 27 април 2018 година. Преубав пролетен ден. Влегувајќи во дворот на ОУ “Елпида Караманди“ околу нас насмеани и расположени ученици. Преубаво, облечени со некој посебен свечен изглед. Девојчињата носат романтични венчиња со цветови. Тоа беа ученици членови на училишни хорови кои се собираа за своите настапи на смотри на хорови кои се одржуваа во ОУ “Елпида Караманди“.
На овогодишните смотри учество зедоа неколку основни училишта од Битола, Ресен и Демир Хисар. Сите имаа настапи со различни теми водени од своите ментори наставници по музичко образование.Катерина Пејовска наставник и ментор на хорот од ОУ “Св. Кирил и Методиј“ после настапите беше видно возбудена, но и задоволна од изведбата на своите хористи. Таа ни соопшти дека освоиле 2. место меѓу настапите од 10 хорови на регионално ниво.
-Со хорот работиме преку целата година и одржуваме проби. Но, последниот месец пред одржувањето на смотрите пробите се поинтензивни и последните денови имавме и по 4 пати неделно проби. Во хорот учествуваат ученици од 6, 7 и 8 одделенија. Би истакнала дека сите хористи се талентирани и музички надарени. Многу од нив одат во музичко училиште уште од мала возраст. Посебни талентирани се учениците кои настапија како солисти и освоија награди. Тие се Емилија Ристевска која освои 2. место и Јована Балуловска 3. место во конкуренцијата на солисти, ни вели Пејовска, а за настапите на хористите додава:-Настапивме со 2 песни, првата македонска “Давај ме мила мамо давај ме“ и другата француска песна “Voj sur ton“. Хористите пред настапот имаа трема како и јас бидејќи сите сакавме да се претставиме што подобро. Но таа беше позитивна трема која ни даде сила да ги изведеме двете песни најдобро што можеме. Заради тоа и не изостана награда, а тоа е освоеното 2. место на кое сме горди сите.
Ж.Р.