Press "Enter" to skip to content

Интервју: Ана Врачаревиќ, тренер за реален аикидо “9 Дан“-за мене нема не можам, јас можам се, мото во спортот и животот

Разговорот го водеше: Жанета Ристевска

Повод за доаѓањето на Ана Врачаревиќ во Битола беше семинарот за реален аикидо кој се одржува во организација на клубот за реален аикидо  Пелистер со тренерот Ѓуро Илиќ, а тоа беше и повод за разговор со нашата соговорничка која ме воодушеви со големата позитивна енергија која ја има. И покрај тоа што беше уморна од патувањето од Белград до Битола таа низ широка топла насмевка ни кажува  и се извинува што ја чекавме.

-Малку го погрешивме патот и заминавме за Грција и направивме многу повеќе километри и пат, заради тоа стигнуваме доцна. Ама тоа е дел од искуства низ патувањата на кои одиме и кои јас многу ги сакам. Овие семинари на реален аикидо  и оваа вештина ми овозможиле да го пропатувам скоро половина свет. Но, јас се радувам многу на доаѓањето во Битола бидејќи нашиот домаќин, мајсторот по реален аикидо, Ѓуро Илиќ, е домаќин во вистинска смисла на зборот и секаде сме примени со отворена душа. Всушност и наша мисија и на овие семинари за реален аикидо е ширење на пријателства и размена на искуства и позитивна енергија и дух. Потоа доаѓа и ширење на вистински вредности и развивање на спортски дух. Заради тоа јас кажувам  прво треба да бидеме добри личности во душа, а потоа и се друго, тренери, учители и спортисти.Сето ова ни го кажува со очи полни со топлина во кои видов и силна емпатија која произлегува од нив. Со поглед како да разбира што сакам да ја прашам и како да ми ги чита мислите. На забелешката како ја гледаат како убава жена, плава, сини очи, нежен изглед, а носител на титула “9 Дан“ во реален аикидо се смее и ни вели:

-Се разбира имало и предрасуди за тоа колку сум спремна и обучена. Исто така и како ќерка на познатиот мајстор основоположник на реалниот аикидо кај нас, Љубомир Врачаревиќ, јас сум морала и повеќе да се докажувам. Но, ќе ви кажам дека во една прилика на семинар во САД, шериф од Тексас откако беше скептичен кон мене, јас со сите техники постапно му докажав и откако беше на земја со свртен ја сфати пораката која ја пренесувам и сум ја научила тренирајќи го овој спорт, а тоа е дека нема откажување и зборовите “Не могу“ (не можам) туку “Ја могу све“ (јас можам се).

Сигурно ова силно мото го научувте низ искуствота  во овој боречка вештина на реален аикидио чиј основоположник е вашиот татко Љубомир Врачаревиќ.  Кажете ни како и кога Вие започнавте? 

-Цел живот. Јас уште од многу мала на 4 години  и порано, јас всушност растев со овој спорт што е и  логично бидејќи мојот татко и мојата мајка беа тренери на оваа вештина, реален аикидо. Значи јас сега имам 41 година и велам, цел живот и мене овој спорт ми е цела животна филозофија и принципи по кои чекорам во животот, а ми ги пренеле моите родители. Мојот татко беше, како што кажав и на почетокот. Љубомир Врачаревиќ, мајстор за реален аикидо  основач и зачетник на реалниот аикидо кај нас и носител на титула “10  Дан“. Тој го  оформи Светскиот Центар за реален аикидо во Белград  кој е прв и единствен во светски рамки. Мојот татко со отварањето на овој центар всушност го рашири и му даде друга димензија на аикидото како боречка вештина на овие простори во бивша Југославија.  Имено, тој уште во далечната 1967 година тренирал аикидо кое како боречка вештина потекнува од Јапонија. Но, навлегувајќи и со душа во оваа вештина тој сигурно увидел дека нашите навики, култура на живеење, животни принципи и филозофија се различни од оние во Јапонија. Тргнувајќи од тоа тој ги прилагодил овие вештини за наше тло и го нарекол реален аикидо. Со отворањето на светскиот центар тука се обучувале други тренери и обучувачи кои го ширеле реалниот аикидо прво низ цела СФРЈ, а потоа и во други држави. Тука на почетокот биле социјалистичките како СССР, а потоа и сите други земји низ целиот свет.  Го прифатиле како вештина на самоодбрана која е дефанзивна и се развива дух на позитивен став дека јас сум подготвен во секој момент да се се борам, но не и да напаѓам и да бидам агресивен, со тоа се развива и една животна филозофија на упорност и да не се откажуваме. Така ги воспитуваме сите наши ученици на оваа вештина.

Кажете ни повеќе за Светскиот  центар за реален аикидо во Белград    кој сега го водите вие? -Во овој центар се обучуваат тренери,а и почетници, од најразлични возрасти и најразлични структури на луѓе. Потоа овој центар организира обуки и семинари низ цела Србија и низ цел свет. Јас кажав дека со оваа вештина го пропатував пола свет запознавајќи најразлични луѓе и ширејќи позитивна енергија на дух, не да се напаѓа туку да се биде свесен дека имаш силна верба во сопствената сила дека можеш се. Затоа би нагласила дека со оваа вештина се развива самодовербата како многу значајна карактеристика. Заради тоа во овој центар се обучувале и се обучуваат специјални единици во полицијата и војската на кои оваа вештина им е потрена. Потоа овој Центар и јас како обучувач бев вклучена во тим на стручни лица за помошна жени жртви на секаков вид на насилство. Јас бев дел на тим од психолог, психијатар, социјален работник за решавање посттрауматски состојби и тренирање на оваа вештина како надминување на таквата состојба и развивање на самодовербата и позитивната слика за себе, верба во себе и своите способности. Оваа вештина и техника многу им помогна на овие жени жртви на насилство да се справуваат со тежината на оваа ситуација. Низ тоа се  сретнав со потресни судбини на жени на кои јас им бев некаква надеж. Заради тоа јас сум ја развила и емпатијата за која зборувавме. Таа е многу важна во мојата работа како обучувач каде примам и пренесувам позитивна енергија да се истрае во животот во лошо. Онаму каде што сум помогнала ми дава енергија за понатаму. Тука би нагласила дека во овој центар посебни ме радува што бројот на деца кои доаѓаат е многу голем и многу ми е мило што тие се насочуваат да растат во еден поинаков дух и развиваат правилни етички и морални вредности и принципи.  

Кажете како е да се работи со деца и кога е најдобро да почнат да се занимаваат со оваа боречка вештина и дали агресивноста се контолира со тренирање на оваа вештина?-Најголема љубов ми да тренирам деца. Но, со нив треба да се биде и психолог и педагог и некако да те почувствуваат како своја, за да се воспостави тој контакт. Тие се многу интуитивни и не можешда се “фолираш“ со нив. Енергијата која ја пренесуваш тие како радари ја примаат. Но, како што и претходно нагласив тие со оваа вештина учат правилни принципи на фер-плеј борба каде учат вештина на самоодбрана која со усвојувањето им ја зголемува самодовербата. Тука нема место за агресивност и на таквите деца, едноставно ако не можат да воспостават контрола на агресивното однесување се откажуваат. Границата на започнување е од многу мала возраст 4-5 годишна возраст. Но, би нагласила дека секој може да се занимава со оваа вештина и да започне и подоцна, но мора да тренира редовно за да се постигнат резултати. Со тренирање на оваа вештина кажав развиваат борбеност и упорност како значајни карактеристики на личноста. Тие се учат да не поминуваат долго време со новите технологии каде сме пасивни и завземаме еден летаргичен став за се околу нас, односно да бидеме пасивни набљудувачи. Со сите наши обуки ние делуваме воспитно и сакаме да допреме до нив. Мене ми е многу мило кога после некоја обука и се постигнала размената на енергија и децата доаѓаат кај мене сакаат да им се потпишам на маиците или да се сликаме заедно.Нејзината харизма и позитивна енергија се пренесе и нас и иако разговорот траеше еден час заврши брзо и како да остана уште многу да ни кажува за богатото искуство во реалниот аикидо. Сигурно нејзината силна порака „Јас можам се“ ми остави силен впечаток и сигурна сум дека  оваа жена може се!

Фото: С. Ристевски

More from ИнтервјуMore posts in Интервју »