Иако е долго време во ракометниот спорт, сепак неговата харизма никако не го нашушта, а каде и да се појави на ракометните терени во некоја од балканските држави, или во државите од поранешната држава Југославија, е мета на фоторепoртери, новинари, навивачи… А токму така беше и минатата седмица кога ракометната легенда, Касим Каменица се појави во Битола на завршницата од ракометниот куп на Македонија која се одигра во Битола.
На Каменица му кажавме за што сакаме да разговараме, за времето поминато во Битола пред 30 и некоја година, за неговото тренерско искуство, за пријателите тука во Битола, за неговото неочекувано заминување од Пелистер пред една година, а на ова последното бурно реагираше и не дозволи да продолжиме, туку сам почна да зборува:
-Ако за битолската јавност моето заминување е неочекувано, за мене и за неколку луѓе кои беа со мене, тоа беше сосема очекувано. Иако имав договор со тогашниот градоначалник на четири години и веднаш да кажам дека се уште не ми е раскинат, некаде во ноември започна создавањето на клима за мојот отказ. Имавме одлични резултати, а наеднаш се појави Алушевски со идеја за нов голем спонзор, и со малку политичка моќ се наметна како ново решение за клубот, иако за тоа никој јавно не зборуваше, а неколку ракометари работеа и играа на штета на клубот. Потоа ме уверуваа дека ќе започнам со подготовки на 16 јануари, а Алушевски во име на клубот разговараше за зимски подготовки во Маврово. Сето ова кажува дека мојата смена не е неочекувана, и дека на тоа подолго време се работело, а мислам дека и некои одлуки на Советот на општината беа во таа насока, некој да го преземе клубот со нов спонзор, Алушевски да биде тренер. За жал на сите, спонзорот не дојде и клубот потоа во наредната сезона, осносно оваа како помина. Од мојата работа во клубот сум сосема задоволен, а јас и луѓето околу мене не ја направивме школата на Пелистер како ја замисливме, секако поради некои луѓе внатре во клубот, кои секако доколку ова го читаат ќе се препознаат.
-А сега да ви кажам за моето доаѓање во Битоал по толку многу години како случи. Се беше во “режија“ на Никола Пискачев, кој ме убедуваше да се вратам во Битола, а откако се одлучив да се вратам по толку време, дојдов во Битола, бев кај тогашниот градоначалник и падна договор, а тој договор се уште е важечки, не раскинат и сега сум тренер на Пелистер, низ смеа додава Каменица.

Но, само за момент станува сериозен, како и секогаш кога зборува за ракомет и ни кажува дека во тоа време по одличните есенски резултати, пред како вели “да почнат да го бушат“ тој и управата имале веќе договорени неколку ракометари со кои веќе имало сериозни разговори и паднале преддоговори.
-Иако знаевме дека се работи против мене и моите соработници сепак не се откажував од идејата да се направи силен Пелистер. Кога го зедов во салата “Младост“ имаше на натпревар помалку од стотина гледачи, а Пелистер беше во плеј аут, салата почна да се полни со пристоен број на гледачи, а идејата почна да се реализира. Но, тоа е тоа ,кога нема се да биде во функција на ракометната игра, таа страда, па така се случи и мојот (не)очекуван отказ од Пелистер, вели смирено Каменица, но му се гледа на секогаш смиреното лице, дека горчината и смената се уште “го болат“.
Потоа неочекувано заминува за Хрватска, каде го презема хрватскиот ракометен великан, екипата на Загреб, за што вели:
-Загреб се случи навистина неочекувано. Веднаш по отказот од Пелистер се јавија од Загреб, и таму повторно иста слика како во Пелистер пред една година. Неподготвени ракометари, но плус управа која сака да кажува од трибина кој ќе игра, а кој не. Имав неколку инервенции на полувреме со сугестии кој да игра и на која позиција во второто полувреме, а посебно за еден ракометер. Не само што не попуштив во мојата концепција, туку тој ракометар за кој беа интернезиите не го ставив во продолжението во игра. Веднаш да кажам, дека тоа е неправедно за било кој ракометар, а по натпреварот му се извинив и му кажав зашто не беше на терен, но тоа ситуацијата тогаш беше таква. По оваа кавга не очекував ништо друго освен отказ кој дојде за брзо.
По Загреб, повторно истата приказна, и повторно неочекувана покана Каменица да седне на тренерската столица, но овој пат по Македонија и Хрватска, во Србија, во Нови Сад, во ракометниот клуб Војводина. И повторно отказ, но сега поради недисциплина, Каменица како тренер не го прими сребрениот медал кој го освои со екипата во Купот.
-Некои работи се случуваат така не очекувано и се редат една по друга. Па така и кај мене три клуба од три екс Југословенски држави, Пелистер, Загреб па следуваше Војводина. Иако повод за мојот отказ беше непримањето на медалот по Купот, имаше и други причини, а повторно несогласување со управата и мешање во некои работи кои не се нивна работа. Па дојде отказот, а и од таму немам официјален документ дека сум разрешен, па сега според правната наука, јас сум тренер на три клуба, вели повторно во смеа, популарниот Камени, а за тоа како понатаму вели:
-Пак неочекувано добив веднаш покана за да водам еден голем клуб, кој сега нема да го кажам, бидејќи на Управата со која преговарав му реков дека иако мене ме сменуваа на сред сезона, три пати, јас така не работам. Им реков да го остават тренерот да ја заврши сезоната, да седнат со него да направат анализи и потоа да разговараме за детали, а тоа ќе се случи за брзо. А дотогаш сум секаде, но најмногу во Горажде, каде ми е сега најубаво. Одмарам со моите најблиски, е најмногу време поминувам со моето куче, волчњакот, Рекс, кој едвај чека да ме види, а како ми велат од дома, без мене е многу тажен.
По поминувањето на цела екс Југославија се враќаме со разговорот повторно во Битола, за состојбите во клубот Пелистер, за ривалството со Еурофарм Работник, за Купот, за пријателите кои ги има тука…

-Прво ќе ви кажам за негативните страни кои ги видов тука потоа за убавите. Пелистер на Купот, првиот ден, имаше помалку публика против Вардар отколку Еурофарм против Металург. Не може да е така, да игра Пелистер против Вардар и да не е салата полна. Океј, сега Вардар е силен и е Европски првак, но честитките за тоа е едно, а ривалството друго и тоа мора да остане, друго нема. Пелистер мора да има своја публика и кога е во криза салата да биде полна со пет илјади гледачи кои ќе го бодрат 60 минути. Иако неславно заминав од Битола сепак следам се што се случува, а ако нешто пропуштам ми кажуваат старите пријатели со кои редвно се слушаме и разбирливо зборуваме за ракометот. Се израдував, без разлика на се, на новата управа, на новите планови, на поголемиот буџет на некои новини. Но, кога дојдов во Битола, за неполн час повторно шок, слушам ќе имало физуја со Еурофарм Работник. Мислам дека ова никој не го потврдил и јас би сакал тоа да не се оствари, но пак ќе кажам ова е некој и некаде и нечија желба. Во двата клуба имам пријатели, но Пелистер е клуб со традиција, а Еурофарм Работник со младост и нека се докажува. Според мене фузијата во овај облик не во интерес на Пелистер треба да остани на Битола и битолчани, тоа е нивна гордост и да се изнајди начин на негово финансирање, или со неколку збора, да биде како што, е градски клуб. Но, морам да кажам дека видов многу поделеност на битолчани, секој трга кон својот клуб. А, за жал така е не само во ракометот, се е поделено пред се партиски, а потоа се оди во таа насока, па стигнала таа поделеност и според мене во едно од “светите“ работи во Битола, ракометот. Би сакал да не го кажам ова, но е така според мене, а и според оние со кои на оваа тема разговарав од двата клуба, со видлива тага констатира Каменица.
На крај по емотивното излагање го запрашавме дали размислува за тоа еден ден да направи натпревар за крај на тренерската кариера и каде би се одржал тој.
-Ма какво откажување јас имам сили и се подготвувам за нов проект, сакам да водам клуб кој ќе стави круна на мојата кариера. А, за како вие ми велите натпревар за круна на кариерата некако и не ми се размислува. Но, ете ако ме наведувате на овој одговор, ако се случи тоа би сакал…, а зошто да не биде во Битола. Тука имам голем број на пријатели, сеќавања… Секогаш се сеќавам на публиката во “Младост“, на ракометната игра, на дружењето со пријателите кај Кубурот во Бистрица, во “Корзо“ каде славевме титули, и што се уште не. За жал некои клубови каде сум работел се згаснати, но ракометарите се тука, а ако се случи тоа мислам дека долго за тоа ќе се зборува, не само во Битола,туку и пошироко во регионот.
Нам не ни преостанува друго туку да му посакаме да го сработи новиот проект, а потоа да очекуваме спектакл во “Младост“, по можност со титула и пехар на Касим Каменица заедно да го прославиме.
Сашо Ристевски






