Press "Enter" to skip to content

АД “ЕЛЕМ“ продолжи да стипендира 12 студенти од Техничкиот факултет од Битола (фотогалерија)

АД “ЕЛЕМ“ како општествено одговорна компанија продолжува со практиката да стипендира студенти од Техничкиот факултет во Битола, а 12 студенти ги продолжија стипенсиите со оваа државна компанија.

Денес во свечената сала на Техничкиот факултет од Битола беа свечено доделени решенијата на новите стипендисти, а нив ги доделија претседателот на Управниот одбор и генерален директор на АД “ЕЛЕМ“, Драган Миновски и директорот на РЕК “Битола“, Васко Ковачевски.

Корисници на стипендија се студенти од прва, втора и трета година кои веќе користат стипендии од АД ЕЛЕМ, а правото го стекнале со исполнувањето на критериумите предвидени во договорот, односно задржале просек не помал од осум.

Генералниот директор на АД “ЕЛЕМ“ Драган Миновски на денешната свеченост истакна дека компанијата се залага за тоа да им се даде до знаење на младите дека за нив има иднина во Македонија и дека институциите знаат да препознаат и да поддржат амбициозни и подготвени студенти, а доддека директорот на РЕК Битола, Васко Ковачевски, пак, ги повика младите своите знаења да ги стават во функција на развојот на македонскиот енергетски сектор и им рече дека сака во иднина да го види во Комбинатот каде заедно ќе работат.

Во понеделникот веќе е распишан и конкурс за доделување на пет нови стипендии за студенти од прва година во учебната 2017/18 година, а од нив пет стипендии се за студентите од битолскиот технички факултет.

Инаку, финансиската поддршка од АД ЕЛЕМ за студентите од Техничкиот факултет изнесува 6.000 денари, во траење од десет месеци секоја академска година.

More from ВестиMore posts in Вести »