Press "Enter" to skip to content

Дечињата и учителката Весела Богдановиќ запловија во магичната земја на тајните (фотогалерија)

Општина Битола и Национална установа Универзитетска библиотека “Св. Климент Охридски“ од Битола се грижат за своите најмлади граѓани и ги задоволуваат нивните желби и детски потреби, а во таа насока со поддршка на проектот на нашата учителка, Весела Богдановиќ, овозможија прилика за креативно лето на дечињата од овој град и околината.

Проектот насловен како “1000 зошто 1000 затоа, во магичната земја на тајните“ има за цел да понуди работилници базирани на учење низ игра кое интегрирано вклучува збогатување на детскиот речник, читање во функција на истражување и селекција на корисни информации, поттикнување на љубопитноста за примена на книги, енциклопедии и современи извори на информации уште од рана училишна возраст, креативно изразување и творење од областа на литературата и ликовната уметност.

-Љубопитноста живее во секое детете и токму таа треба да биде мудро искористена за насочување на децата, поттикнување на различни интереси, сензибилитет кон светот кој ги опкружува. Читањето ставено во функција на истражување на информации кои се интересни за децата, поврзано со креативни игри и активости, е одлична вежба за концентрација, упорност, стекнување навики за читање и вештини за читање со разбирање на прочитаното, истакна учителката Весела Богдановиќ.

Денес, за време на првата работилница дечињата од нашиот град имаа прилика да патуваат во светот на гинисовите рекорди. Водени под мотото “Ајде да откриваме тајни“ преку приказна соодветна за нивната возраст се запознаа со “Книгата на гинисови рекорди“.

Учителката Весе на едноставен детски јазик успеа да им ја раскаже историјата и идејата за настанок на најпопуларната збирка на информации на сите времиња и предизвика интерес за понатамошни истражувања за време на летото преку кои може да се стигне до интересни информации за теми со кои дечињата секојдневно се среќаваат. Преку читање и селекција на важни информации од повеќе извори и самите дечиња учествуваа во тимски истражувања со цел да се запознаат со историјата на гумите за џвакање.

За приказната да биде комплетна и забавна, се запознаа и со светскиот рекор за најголем балон направен од мастики, а изненадувањето беше големо кога преку изработен модел ја видоа неговата реална големина. Групата дечиња за време на овој настан учестуваше и во забавен обид за постигање на личени рекорди во дување балони од мастики, а работилницата заврши со тимска работа за изработка на креативни слики “цртани“ со џваканите гумички.
Се разделивме со интересен предизвик за дечињата, но и за домашните. Историјата на сладоледот и рекордот на најмногу топчиња сладолед ставени во само еден корнет е нашата незадожителна домашна задача за истражување која сите со воодушевување ја прифатија.

За време на нивната следна работилница “Пет возбудливи авантури околу логорскиот оган“ дечињата ќе имаат прилика да ги откриваат тајните на Титаник, да патуваат во средновековен замок, на мисија на Месечината и да бидат гости на пиратски брод. Работилниците се бесплатни и отворени за сите заинтересирани дечиња.

Библиотеката ќе објавува јавен повик за секоја следна тема и време на изведување на секоја следна работилница, а родителите можат навремено да ги пријавуваат своите дечиња се до комплетирање на бројот на дечиња предвиден за секоја работилница.

Работилниците се дел од годинашниот “Бит фест“.