Press "Enter" to skip to content

Интервју: Бобан Катароски, по 18 години и многу награди во светот на танците сега предизвик ми е мјузиклот

Пишува: Жанета Ристевска

Го посетивме за разговор во студиото за модерни танци “Expose“. Веќе беше 22 часот но заедно со партнерката Ана им даваа инструкции на час по танц на пар кој се подготвуваше за свадбена церемонија, час за свадбени танци. Бобан не пречекува со посебен шарм и непосредности и на наше прашање ни објаснува “овие часови се доста популарни во последните 2-3 години и продолжува:

-Студиото ни е втор, односно да кажеме, прв дом бидејќи заедно со Ана тука сме по цел ден со пауза од 2 часа за ручек, така ни поминува секој работен ден од 9 наутро па до овие доцни вечерни часови. Но, не ни е воопшто тешко, бидејќи кога нешто се сака со душа нема броење на часови.

Ни зборува со некој посебен жар и љубов кон тој свет на танцот каде за сите тие години е многу успешен, прво како натпреварувач со бројни награди и признанија, а сега како инструктор во танцовото студио за латино и стандардни танци “Expose“. За тоа сигурно придонесува и неговиот совршен изглед на латино танчар-средна висина, црна замазнете фризура, мистичен поглед и се разбира одмерени, но отсечни движења. Заради тоа уште на своите почетоци во операта “Евита Перон“ беше танчар кој го претставуваше ликот на Нико. Операта се изведуваше на “Битфест 2012“. Таа улога ја играше Антонио Бандерас во мјузиклот за Евита Перон. На мојата забелешка дека беше совршен за таа улога и подобро танцуваше од Бандерас ни кажува дека му е една од најзначајните и прекрасно искуство да се биде во еден таков проект како танчар. Операта се изведуваше во интересниот амбиент на Офицерски дом и тоа неколку вечери пред многу публика.

-Јас во тој период потполно и целосно се имав соживеано со улогата бидејќи и латино танците кои се изведуваа на беспрекорната музика од мјузиклот како „Don’t cry for me Argentina“ и сите други тотално ме имаа обземено. Тогаш бев многу млад и ми годеа сите аплаузи на сцената, вели со радост Бобан.

Какви беа Вашите почетоци, односн како започнавте да се занимавате со танци кои се сега ваша професија?

-Се започна како што споменав на почетокот на мои 5 години кога се запишав на училишен курс за танци и имав тогаш дури и партнерка. Значи во овој свет на танци сум 18 години, а роден сум 1995 год. Првиот натпревар ми беше 2004 година, значи на 9 годишна возраст. Во 2005 бев државен првак, како и следните години до 2009 година. Во тие години променив повеќе партнерки, а со Ана Маркоска имам освоено 2 сребрени медали и од 2013 година сме заедно како танцов пар и инструктори во танцовото студио “Expose“ кое се отвори во декември 2013 год.

Што се работи танцовото студио „Expose“?

-Студиото го отворивме заедно со мојата долгогодишна партерка во танци Ана Маркоска во декември 2013 година. Тоа е танцово студио за деца и возрасни за латино танци (самба, чачача, румба, пасдобле, џив), стандардни танци (валцер, танго, виенски валцер, слоу фокс, аргентионско танго, квик степ) и карибски танци (салса, бочото, меренге). Групите кои доаѓаат се од 3 – 18 годишна возраст и групи на возрасни. Организираме групни часови, индивидуални часови, свадбени часови, кореографии за фестивали, спотови, реклами, хуманитарни акции, проекти и работилници. Парот на кој им дававме инструкции кога дојдовте се подготвува за свадбена церемонија и сакаат да бидат добро подготвени за танцување на различни танци. Имено со доброто организирање на свадбените церемонии денес младите брачни парови сакаат да бидат супер подготвени, уште со влегувањето кога сите очи се вперени во нив како главни ликови на свадбата. Тие сигурно како што се подготвуваат визуелно така сакаат и танцот, посебно првиот, да им биде совршен, а при тоа добро се забавуваат. Танцот по мое мислење за едно посебно зближување и разгорување на страст и емоции меѓу нив, а тоа ќе придонесе за една поинаква атмосфера на свадбата која ќе се почуствувува бидејќи главни ликови се зетот и невестата. Се разбира ако тие шират таква позитивна енергија при танцувањето и другите ќе танцуваат со поголема жар. А, тоа е најважно во танцот, да се игра со душа и емоции. Ќе го нагласам Аргентинското танго кое се танцува со целосно предавање на емоции.

Покрај организирање на групи за танци, кореографии, споменавте проекти со работилници. За што станува збор?

-Покрај курсевите за латино и стандардни танци како што кажав претходно, учествуваме во кореографии за фестивали, потоа тука се и многуте кореграфии за рекламни спотови и музички спотови. Во последните 2-3 години организираме проекти со работилници кои ги нудиме на фирми кои организираат семинари и во паузите или во определени денови им нудиме часови по танци за релаксирањe и јакнење на меѓучовечките односи и комуникациај т.н „teambuilding activities“ кои се особено популарни во менаџментот. Овие часови придонесуваат за опуштање, подобра атмосфера и клима меѓу оние кои го посетуваат семинарот или други видови на обуки. Нудиме различни проектни активности на фирми.

Кажети ни сега и за вашите хуманитарни акции кои ги организирате и по кои е познато студиото “Expose“ ?

-Во нашето студио доаѓаат повеќе од сто деца од различни возрасти, а во гужва на преслекување и брзо доаѓање и заминување многу од нив забораваат различни делови на облека која по принципот „Lost and found“ ние откако ќе ја изложиме гледаме дека никој не си ја зема. Ги складираме тие алишта во пакети кои откако ќе ги испериме и испегламе убаво сортираме и сложуваме. Потоа се разбира купуваме со наши средства и дополнуваме и по неколку пакети. Тие ги донираме во Црвен крст или каде што е потребна. Имаме организирано неколку вакви акции и донирањето се случува некаде на пролет околу Велигденските празници секоја година.

Гледаме многу награди, пехари, пофалници од учества на различни натпревари. Кажете ни повеќе околу тоа?

-Наградите се голем поттик и се ова што што краси нашето студио се освоени награди од наши членови. Имаме многу награди, но јас тука би го го истакнал светското првенство во 2017 година кое се одржуваше во Атина каде за нашата федерација настапуваа повеќе од 109 танчари . Со гордост можам да кажам дека настапувавме под името Република Македонија и кога ги земавме наградите чест ни беше кога не претставуваа со тоа име и на химната кога се пееше. Се уште ги носам тие импресии. Можам да кажам дека во тој свет на музика и танци политиката воопшто не е значајна и заради тоа јас убаво се чувствувам во тој свет каде само талентот е важен, а не кој од каде доаѓа и припаѓа. Тука би го истакнал и Државното првенство кое го организиравме во нашиот град во кое се претставивме како одлични организатори. Нашето студио се претстави во најдобро светло бидејќи настапивме со многу танчари и освоивме многу награди. Сега само би ги споменал во бројки бидејќи не можеме да ги пишуваме сите имиња. Со гордост кажувам освоивме: 13 пехари, 127 златни медали, 101 сребрен, 39 бронзени. Настапивме со 521 натпреварувачи и 148 кореографии.

Кажете ни ги кои се плановите во иднина?

-Не очекува “ Dance Masters – 2018“ кој ќе се одржува во Скопје од 5 ноември 2018. Потоа Светско првенство во Сараево – 2019 кога планираме да настапиме со голем број на танчари. Не чека прослава и одбележување на 5 годишнината на стуидиото за танци “Expose“ во декември 2018 кога планираме повеќе проекти. Сакаме да направиме мјузикл за кој е потребна многу работа и труд бидејќи тоа не е едноставна работа, сакам да биде нешто во стилот на операта “Евита Pерон“ за која разговаравме на почетокот која мене ми остави силен впечаток.

Со сите активности што ги споменавте не e ни чудо што поминувате по цел ден во студиото? Кажете покрај обврските во студиото кажете ни нешто за себе и други преокупации?

-Студирам и на БАС и сигурно е дека образованието и знаењето ми помагаат при организирањето на многу проекти кои ги остваривме и планираме други. За опуштање од работаат морам да се опуштам и со други спортови меѓу кои најповеќе го сакам пливањето, а сакам дружење со пријатели и излегување.

Сигурно е дека за да постигне се нашиот соговорник иснспирација и жар има од љубовта кон работата, и светот на танци во кој живее. Можам да кажам дека дека со истата жар и страст со кои танцува аргентинско танго, самба, румба…. тој прави и се друго во животот и работата заради што е успешен и со сите емоции ме воодушеви низ целиот разговор.
Фото: Сашо Ристевски

More from ИнтервјуMore posts in Интервју »