Press "Enter" to skip to content

Учителка со прачка во рацете! Каде? Во Битола, да! (фотогалерија)

Наместо во креативна „игротека“ полна со весели ѕидови, масички и примамливи катчиња за работа на подот, учителката Весела ги прими дечињата во малку поинаков „свет“ од она што таа обично го прави со своите креации во средината за учење. Ги пречека со шеги, со прачка во рацете и стара, искината книга со картонски корици.

Читалната на библиотеката беше обично, но и сосема необично место за патување низ времето, како временска капсула која може да те одведе на патување назад низ историјата. Учениците „тропнаа“ на вратата на старите училници и имаа прилика да откријат интересни податоци за училниците, учителите и строгите правила од минатото, но и да ја споредат својата улога и положба денес, како почитувани партнери на наставникот.

Патуваа во времето на глинените плочки, папирисот, пергаментот, златните и бакарни плочи, дрвени и восочни таблети. Добија повеќе идеи за истражувања и креативна работа во домот, а книгата “1000 зошто 1000 затоа“ во целост го привлече детското внимание.

Дечињата ги поздрави и директорката на библиотеката, м-р Јелена Петровска, домаќин и поддржувач на проектот кој широко ги отвори вратите на оваа институција за младите читатели, како прилика за креативна работа со учителката Весела, а присутните ги награди со бесплатно зачленување и најави уште многу изненадувања во периодот што следува. На огромна чест и задоволство, дечињата денес имаа прилика да се запознаат и дружат и со еден од авторите на нивните учебници по македонски јазик, госпоѓата Љубица Севдинска, која допатува од Скопје за оваа прилика.

После неколку брзи совети и практични примери за убав ракопис, дечињата поминаа неколку предизвици кои имаа за цел да придонесат за унапредување на свеста, потребата и навиката за убаво пишување.

-Иако имаме современи дечиња кои секојдневно работаат на компјутери, таблети, во шарени тетратки со современ прибор, сепак верувајте, тушот и трската им се омилени и навистина уживаат да работаат со нив. Ова е доказ дека на децата секогаш им требаат промени. До вчера на работилниците имавме различне материјал привлечен за нив и навистина уживавме, а денес ја имавме истата радост со обични трски собрани од Стрежевското езеро.

Ова ни кажува дека ние како возрасни имаме многу работа- се шегува учителката Весе. Наша работа е постојано да смислуваме новини и со тоа да ја придобиваме нивната љубопиност и внимание, независно дали сме учители или родители, посебно ако знаеме дека „со сила убавина не бидува“.

Учителката упати и посебна благодарност до м-р Фатма Бајрам Аземовска и чико Илче, вработени во библиотеката кои од срце го поддржуваат проектот и секогаш се тука со грижа за секое детенце и услови за работа.

More from КултураMore posts in Култура »