Press "Enter" to skip to content

Маја, Лина и Вики: нашите дечиња се најубавата и најискрената публика на светот (фотогалерија)

И последната вечер од детскиот перформанс кога беше изведена претставата “Добра ноќ – Фаќач на соништа“ тревникот пред Центарот за култура, беше премал за да ги собери сите дечиња, кои од ден во ден доаѓаа во се поголем број на детските претстави од проектот “Добро Утро – заборавените кукли“, “Добар ден- насмевки по пошта“ во изведба актерките Маја, Викторија и Илина.

Над 500 дечиња ги полнеа паркот кај сатот, гратскиот парк и тревникот на Центарот за култура, кои задоволни после претставите, заминуваа дома полни со впечатоци.

Последната претстава говореше за важноста на децата да читаат книги и бајки и дека во нив се крие многу поголема магија отколку во игрите кои ги играат на комјутер, таблет и телефон.

Преку играта на актерките Маја, Викторија и Илина им понудија вистинска магија на децата кои после завршувањето на претставата ветија дека ќе читаат повеќе, а децата со слични пораки си заминаа и од претходните две претстави кои исто така предизвикаа голем интерес кај децата.

За тоа како поминале трите претстави од детскиот перформанс подносителот на проектот Маја вели:

-Како подносител на проектот сум презадоволна од изминатите три дена кога се играа претствавите. Срцето ми е исполнето бидејки децата навистина покажаа дека се жедни за убава приказна и сакаат театар. Она што го замисливме и остваривме со Викторија, Илина и Билјана се надевам дека ја оправдавме довербата која ни ја дадоја од “Бит Фест“. Бројот на публиката која од ден во ден се зголемуваше е најголемата награда за нас актерките и драматургот кој ги напиша овие текстови, бидејки ова ни беше уште еден доказ дека добриот глас надалеку се слуша и од ден на ден се зголемуваше интересот за претставите кај децата. Ние на децата им ветуваме дека ова е само почеток на убави дружења и интересни приказни, кои планираме да ги има и во иднина. За крај само ќе додадам дека нема поискрена и поубава публика од детската, тие се нашата идна театарска публика и наша задача е да се потрудиме желбата за театар да станува се поголема.

И актерката Лина за перформансот вели дека е задоволство да се работи за деца и со деца и додава:

-Во изминативе три дена заедно уживавме, се смеевме и сонувавме. Заедно влеговме во светот на приказните. Им благодарам на сите прегратки кои ни ги дадоа по завршувањето на претставите, а тие ќе ни бидат поттик за следните проекти посветени на нашата најмлада публика.

Викторија на сето ова ќе додаде дека во Битола неочекувано се случи чудо.

-Викендов во Битола се случи чудо. Над 500 дечиња, заедно со своите родители, баби и дедовци се собраа под ведро небо, на три различни локации и уживаа во три различни претстави, по текст на нашата прекрасна Биљана Крајчевска. Им благодариме од наше име на родителите што ги донесоа дечињата и што вложуваат во нашите ангелчиња. Добивме многу со нивната поддршка упатена преку безбројните пораки и пофални зборови, вели Викторија, која на новите, мали другарчиња, заедно со Маја и Лина им порачаа:

-А вас драги другарчиња, ви благодариме што сте најубавата и најискрената публика на светот. До следната дружба, ве прегрнуваат Вики, Маја и Лина 😘.

More from КултураMore posts in Култура »