Press "Enter" to skip to content

Детски лудории во забавниот парк на ДТВ Партизан во градскиот парк (фотогалерија)

Во детскиот забавен парк кој се наоѓа пред Друштвото за гимнастички спортови, во градскиот парк, овие летни жешки денови е преполно од дечиња кои се забавуваат на најразлични начини. Насекаде детски насмеани и озарени лица.

Секој се забавува на различен начин низ повеќето сектори современо опремени за детска игра. Еден од нив е делот со мал базен во кое се влегува со воден чамец и се плови на вода. Водените чамци се со најразлични фигури привлечни за децата така да секое дете одбира со што ќе плови.

Во делот со душеци на трамболината сите скокаат радосно. Се смета дека скокањето е посебно значајно за физичкиот и психичкиот раст и развој кај децата и најчесто како природен нагон децата сакаат да скокаат.

На големата гумена лизгалка “зелен октопод“ се спуштаат само најхрабрите. Се разбира од горе од висина со страв, но потоа радосни од наглото и брзото спуштање испуштајќи радосни извици.

Секој може да најде дел за себе каде ќе се забавува. Се е шарено и бучно. Се разбира тука е и енергичната музика со ритам која се вклопува во целиот весел амбиент.

-Во детскиот забавен парк им нудиме на децата интересни начини да се забавуваат во овие летни денови. Сите сектори од забавниот парк се добро опремени и безбедни. Исто така, додека децата тука се забавуваат, родителите можат во кафулето отспротива да се одморат и уживаат со кафе или сок на убавиот и свеж воздух во градскиот парк. Се разбира за грижа и безбедност на децата има поставено луѓе кои надгледуваат, ни кажа сопственикот, Љупчо Арнаудов.

Жанета Ристевска