Press "Enter" to skip to content

Интервју: Кире Јошевски сопственик на “Бар Чаршија“ – слоганот “Душата бавча“ кај секого буди различни асоцијации, но и емоции

Пишува: Жанета Ристевска

Кафулето “Бар Чаршија“ кој се наоѓа на влезот во Старата битолска чаршија е амбиент со традиционална романтика и ехо на некои минати времиња доловени со стари предмети, фотографии, стари делови на намештај. Се е некеко што се вели “старовремско“ и безвременско. Секој дел од просторот со различен дизајн и стари предмети, фотографии, антиквитети вклопени со него, стари столици, маси, машина за шиење преправена како маса која додека се седи може да се придвижува тркалото, дивани за седење од стари греди, стари црно-бели фотографии… кои буди асоцијации на минатото кога во чаршијата живееле многу занаети и еснафи и тука се случувал богат социјален живот на градот, Битола.

Ги чувствуваме и ние многуте приказни, судбини се поврзани со сите предмети кои се овде, а токму затоа амбиентот е посебен. А, таквото чувство сигурно го делат и многуте гости кои се тука, на кафе-муабет во ладовината на просторот, особено странски туристи кои се фотографираат насекаде. А, и како не ќе го прават тоа, кога од секој дел е фотографија, оригинална и единствена. Ми паѓаат во очи различните видови цвеќиња во интересни саксии, кои се наместени насекаде дури и на зидовите. Дел од нив наредени по скали кои се искачуваат високо и излегуваат на покрив кој претставува тераса со зеленила. Горе виси табла со интересен слоган “Душата бавча“, кој секој што влегува во “Бар Чаршија“ го забележува.

И ни доаѓа, Кире Јошевски, оној кој го осмисли и ја реализира својата креативна идеја за овој простор да изгледа токму вака. Има некоја посебна ноншалатност и спонтаност во неговото однесување, кое зрачи со смирена, но силна енергија. Каков е сопственикот, таква е и атмосферата во “Бар Чаршија“, никого не остава рамнодушен. Кире веднаш ни објаснува дека е голем љубител на цвеќиња и овде ги има преку стотина засадени во саксии и сите се различни.

-За мене цвеќињата всушност внесуваат различни емоции и тука се емоциите на радост, среќа, љубов… и се подаруваат за различни прилики. Богатството на душата се емоциите кои се испреплетуваат, вели Кире, а на прашање од каде овој слоган, нашиот соговорник веднаш ни објаснува низ насмевка, на свој посебен начин.

-Отсекогаш сум сакал традиција, фолкор, народни мудрости. Мое мислење е дека мудроста е во обичниот човек, кој се преживеал. Така од еден постар човек ја слушнав изреката “Душата ми е како ливада“, значи широка и отворена. Оваа мисла ми се врежа длабоко во мене. Тоа мене ми асоцираше на еден друг слоган “Душата бавча“ кое стана мое мото. Душа богата како бавча, бидејќи во бавчата се има цвеќиња и овошки… има род кој земјата го дава. Таква и треба да е душата на човек богата и да дава. Јас си го воведов овој мој слоган во “Бар Чаршија“ и се разбира за секој човек може да има различно значење во зависност од сопствените асоцијации на него. Главно, на секој кој дошол овде му паѓа во очи и се замислува околу овие зборови и никого не остава рамнодушен.

Многу силно мото и интересна замисла да стои на стара табла во “Бар Чаршија“. Кажете ни како дојдовте на идеа за отварање на еден ваков простор, осмислен вака на интересен и оригинален начин и токму тука во Старата битолска чаршија?

-Како што кажав отсекогаш сум ја почитувал традицијата и низ слушање, а и како мал бев сведок кога Чаршијата имаше едно златно време на богат живот на излегување на младите, шетање низ неа и повеќе кафулиња кои работеа до доцните сати без да има проблем бучавата за околината. Поттикнат од тоа сакав да се врати тој сјај на излегување тука, но и место на културни збиднувања во смисла на една “алтернативна сцена“ каде младите ќе можат да се дружат, но и културно да се издигнуваат преку литературни дружења, промоции на книги, изложби… И се разбира тука музиката како посебен дел со промовирање на различни алтернативни бендови кои имаат да понудат нешто оригинално и креативно. Промовирање на авторски бендови “cover“ бендови и други музички промоции со еден збор – заживување на една алтернативна сцена. Замислата ми беше една сосема поинаква шема од шемата низ кафулињата на Широк Сокак.

Во тој период беше многу храбар чекор да се отвори нешто во Чаршијата каде после 5 часот се беше тивко и мирно. Но, оригиналната идеја и амбиент направија “Бар Чаршија“ уште веднаш да се издвои. Пред некој ден славевте три успешни години од отварањето. Кажи ни нешто околу осмислувањето и уредувањето на амбиентот и просторот?

-Да ви кажам јас сум по професија машински инженер, но отсекогаш ме интересирале интересни и оригинални решенија за се. Така сите овие предмети кои ги гледате тука се најдени, односно стрпливо барани во стари визби, отпади, подруми, тавани… Минатото ме инспирира во смисла на онаа романтика, така да се што најдовме, заедно со мојот ортак Виктор Алиевски, ние го обновивме, лакиравме и дадовме некој шмек, се, ние сами. “Бар Чаршија“ го отворивме на 15 јули 2015 година. Просторот пред 500 години претставувал турски амам, а ние го преправивме и го доби овој изглед како што е сега. Еве чувствувате, дека иако е надвор жешко, тука има природно ладење од зидовите и нема потреба од климатизација, а воздухот е чист и убав од зеленилата наоколу кои се всушност двор. А на природната тераса која ја гледате и претставува кров, можете да се искачете по овие скалите. Во зимскиот период се заградува овој простор и внатре е топло, а надвор во овој дел се гледа снегот како врне. Сето тоа и со внатрешниот дизајн дава една посебна романтика на минато споена во современ начин на живот на младите. Тогаш служиме најразлични топли напитоци кои во овој простор секако добиваат поинаков шмек, а ритуалот на пиење кафе овде е посебна приказна. Секој предмет што се наоѓа тука раскажува некоја приказна и судбина. Сето тоа вклопено се добива оваа атмосфера кој им е многу интересна на странски туристи кои се многу чести посетители тука. И како што кажав претходно и сите културни збиднувања добиваат поинакво значење заради овој амбиент. Тука би го споменал и “Локум фест“. Во последните три години главните случувања се на просторот пред “Бар Чаршија“ кој одговара на оваа манифестација.

Кажете ни за повеќе како сте вклучени Вие и “Бар Чаршија“ за “Локум фест“?

-Вклучен сум и како соработник во организацијата на “Локум фест“ и случувањата околу него. “Бар Чаршија“ е и спонзор на фестивалот. Во последните години сцената е тука пред “Бар Чаршија“ и многу ми е мило што со таа манифестација и тие денови заживува Чаршијата. Има многу луѓе, се е раздвижено. Доаѓаат и странски туристи и домашни гости на кои овој простор им е многу интересен. Потоа локумот како десерт заедно послужен со кафе е интересен како чин на уживање и хедонизам, во модерни услови и современ начин на брз живот на конзумирање на многу видови на кафе, дури ина нога во одење „тake off“. Сето тоа по мое мислење може да се нуди на туристите како атракција. Сцената на фестивалот е пред “Бар Чаршија“ и гостите заедно со локумот, кафето уживаат и во извонредната музика која ја надополнува атмосферата.

Што ве инспирира да бидете креативни и реализатор на интересни идеи?

-Патувања до различни дестинации се тие кои ме полнат со енергија. Морам да ви признаам дека на тие патувања впивам се и понекогаш заради моето големо воодушевување од нешто јас да украдам некоја идеја и ја осмислам и реализирам. Но, морам да кажам дека кога нешто е докажано добро убаво е да се донесе кај нас но се разбира да се прилагоди на наши услови.

Покрај патувањата кажете друга Ваша страст или хоби?

-Јас сум авантуристички дух и сакам се да пробам, и тука би го истакнал спортот односно велосипедизам, возење тротинет како што кажав пробувам и експериментирам со многу работи. Го сакам спортот и јас сум голем фан на ракометот и двете опсесии спорт и патувања ги поврзав со одење на значајни спортски натпревари. Со тоа запознавам луѓе, се дружам, а и запознавам нови места и следам натпревари. Одам на сите ракометни натпревари кои се случуваат и тука и во странство. Заради сите овие патувања јас сум голем пријател со ракометарите кои се мои другари и се дружиме и приватно, а често доаѓаат и тука во “Бар Чаршија“.

Кажете кои се ваши идни планови?

-Сакам во “Бар Чаршија“ и понатаму да доаѓаат позитивни луѓе како и секогаш. Овде доаѓаат и се дружат луѓе од разлишни возрасти, професии, националности, држави. Се склопуваат пријателства. Во просторот исполнет со романтика на минатото се развива љубов. И тогаш душата ќе биде бавча. Широка, богата со емоции, но и отворена и дарежлива. Како што кажува и мудриот слоган.

Му посакуваме на нашиот соговорник уште многу успешни години на “Бар Чаршија“ каде традицијата, романтиката на старото минато време се преплетува со современиот начин на живот. И заради тоа се добива една поинаква димензија.

Фото: С. Ристевски

More from ИнтервјуMore posts in Интервју »