Press "Enter" to skip to content

Поетско матине со поетот од Солун, Јоргос Јанополос (фотогалерија)

Во малата сала на Центарот за култура се одржа поетско матине, музичка поетска вечер, со солунскиот поет Јоргос Јанополус, во рамките на “Бит фест 2018“, во делот каде сите странски амбасади во Македонија претставуваат дел од својата култура на летниот фестивал кој го организира општина Битола.

Современиот грчки поет, Јоргос Јанопулос создаде една несекојдневна пријатна атмосфера исполнета со поезија и музика, каде присутните имаа прилика покрај со неговата поезија да се запознаа и со негови размислувања за поезијата на овие простори. Меѓу присутните беше и градоначалничката на Битола, м-р Наташа Петровска, членови на македонско – грчкото друштво од Битола, претставници на Влашката заедница во Битола и други истакнати гости.

Инаку, Јанополус е поет, романсиер, есеист, преведувач, уредник и издавач, Јанопулос, роден е во Атина во 1961 година, а живеел, студирал романска книжевност во Њујорк, Париз, Амстердам, Брисел. Моментално живее во Солун, каде од 1995 година, раководи со ревијата за култура “Енекен“, која цели кон истакнување на американски, канадски, француски, кинески, како и македонски уметници, интелектуалци и мислители. Од 2005 година е на чело на издавачката куќа “Енекен“.

Неговите песни, текстови и есеи се преведени на повеќе јазици. Неговиот превод пак, на американскиот поет Ричард М. Берлин е награден како најдобар превод во 2016 година. Досега објавил три збирки поезија „Патеки“ (2000), „Летото на смртните“ (2010) и „Зборови на смртта и љубовта“ (2016), како и романот „Црната книга“ (2003).
Во својата ревија превел дела од Владо Урошевиќ, Томислав Османли, а ја претставил и битолската ликовна уметничка Сандра Котевска.

-Љубовта на овој поет е едно длабоко проникливо препознавање на светот. Низ љубовта Јанопулос го открива заедништвото со другите луѓе, со другите суштества, со целокупната природа. Низ љубовта, спротивностите се изедначуваат, човекот и жената се враќаат кон своето потекло, кон претците и претходниците, назад во времето, се до минералното сеќавање, до основните елементи на материјата, од кои сме составени.

Низ средбата на две човечки единки, вели Јанопулос, се врши всушност, обновата на светот, неговото повторно создавање. (Не попусто Платон ја дефинира љубовта како врвна возвишеност и единствен пат до крајната цел на човечкото постоење: вистината).

Низ средбата на две човечки единки, вели Јанопулос, минатото станува сегашност, а сегашноста иднина. Низ љубовта ние стануваме едновремено свои претци и свои потомци. Љубејќи, ние препознаваме лица и предели, што веќе сме ги сретнале во некој поранешен живот, во некој сон, во кој ние сме ги сонувале нив, или во кој тие не сонувале нас.

Поезијата и музиката, онака како што ги разбираме ние денес, одсекогаш претставувале неделива целина. Затоа, поттикот при читањето на вечерашните песни беше даден од една извонредна музичарка – Илиопулу Мелина, која е родена во Варна, Бугарија од грчки родители. Таму ги завршила музичките студии по кои, во 1984 година се доселува во Тесалоники, каде започнува со педагошка и издавачка дејност. Од 1986 година е редовен член на државниот оркестар на Тесалоники, но членка е и на мали музички состави кои свират собна музика: Тес –квинтет и Фаготисимо.

More from КултураMore posts in Култура »