Press "Enter" to skip to content

Интервју: д-р Данчо Бизевски – сопственик на “Нова Дентал Хирургија“ од Скопје, оваа установа е остварување на мојот средношколски сон

Битола е место кадешто се родиле безброј успешни луѓе. Личности кои ја прославиле на секој можен начин. Вистински амбасадори за уметност, наука, спорт. Речиси не постои поле без успешен битолчанец. И во сите тие приказни свое место наоѓа и онаа на Данчо Бизевски, специјалист по орална хирургија и сопственик на една од водечките установи за хирургија на уста, вилици и заби “Нова Дентал Хирургија“ од Скопје.

Секоја приказна е историја сама за себе, како започна приказната на “Нова Дентал Груп“ на д-р Данчо Бизевски?

-Идејата за “Нова Дентал Груп“, се раѓа некаде во моите средношколски денови. Тоа беше сон којшто траеше долго и сеуште трае. Официјално започнува со работа како приватна здравствена установа по општа стоматологија во 2010, а во 2013 година со работа започнува и специјализираната установа за хирургија на уста вилици и заби “Нова Дентал Хирургија“, што ме прави особено горд и среќен.

Поради образованието ја напуштате Битола уште во вашите тинејџерски денови, како се развиваше Вашата професионална кариера?

-Морам да признаам дека патот беше трновит, но проткаен со многу љубов и трпение. Професионалната кариера ја градев во Македонија, но и во бројни еминентни институции низ Европа. Моето прво вработување, по дипломирањето беше на клиниката за орална и максилофацијална хирургија при воената болница во Скопје. Петте години кои ги поминав таму ги сметам за непроценливо искуство од секој аспект. Оттогаш оперирав речиси во секој поголем центар на Балканот и во Европа. Паралелно се посветив и на научно истражувачката работа. Во 2008 година запишувам магистерски студии, а 2013 и докторски студии од областа на оралната и максилофацијална хирургија.

Претходно споменавте дека основната медицинска гранка за која е специјализирана Вашата установа е оралната хирургија. Кое поле го опфаќа?

-Кога зборувам за оралната хиругија секогаш милувам да кажам дека тоа е гранка на стоматологијата која што е многу сериозна и не дозволува импровизации. Пациентите со коишто работам се соочени со најразлични комплексни медицински проблеми и состојби кои го зафатиле орофацијалниот систем и најчесто доаѓаат кога другите тераписки постапки се потрошени и не го дале очекуваниот успех. Полето на делување е широко и специфично. Било тоа да биде рутинско или комплексно поставување на импланти, решавање на тешки одонтогени инфекции, тумори, подигање на дното и пиезо-хирургија на максиларните синуси, тешки екстракции или апикотомии, пристапот е ист. Хирургија во строго контролирани услови, и работа во тим. Само таквата хирургија е успешна хирургија и безопасна за пациентот.

Кој е концептот?

-Основна е добрата услуга, хигиена на работното место и безбедноста на пациентот. Тоа значи превенција и сведување на минимум на интрахоспиталните инфекции и оперативните и постоперативни компликации. Оперативните зафати, за разлика од оние во општа стоматологија ги изведуваме исклучиво во операциона сала во која се запазаени сите светски стандарди на антисепса. За тоа е обезбедена и централна стерилизација со најсовремени автоклави и пакување на сите хируршки инструменти. Големо внимание посветив и на дијагностиката, како услов за успешен и предвидлив оперативен зафат. Нова Дентал хирургија располага со најсовремен рентген апарат за 3Д компјутерска томографија и панорамикс на вилици, синуси,заби и темпоромандибуларен зглоб. Планот на терапија се изготвува за секој пациент посебно, индивидуално. Со тоа пациентот добива брза, квалитетна и ефикасна медицинска услуга.

Како пациентите го прифатија сево ова?

-Морам да кажам дека наиде на големо одобрување со доза на изненадување. Ова се концепти кои важат во сите земји на Западна Европа. Бевме помеѓу првите приватни установи во државата што воведоа 24 часовен ургентен центар, посебни паркинг места за сите пациенти, потсетување за закажан термин преку СМС порака и можност за користење на приватно здравствено осигурување. Сето тоа го направивме и го правиме за пациентите. Всушност, пациентите се најважни во оваа приказна.

Како ја замислувате иднината на стоматологијата и оралната хирургија во Македонија?

-Да бидам искрен, има уште многу да се работи, но сум голем и непоправлив оптимист по природа. Самиот факт дека некој ви го доверил здравјето во ваши раце е светост. Мислам дека во центарот на вниманието мора да остане пациентот и оттаму да се надоградува и надополнува. Континуираната едукација, импелентирањето на нови технологии и процедури не смее да изостане. Тоа е процес што не запира и тече. Во нашата држава за жал, повеќе или помалку недостасува комуникација помеѓу колегите и јавно говорење за проблемите во стоматологијата и здравството и тоа мислам дека треба да се поправи за добро на сите.Сите колеги и студенти кои поминале низ курсевите “Implantologia Basica“, чии што овластен предавач сум јас, покрај професионалните орално хируршки техники ги советувам едно и најважно, да бидат и да останат вистински луѓе, со вистински вредности и идеали.

После сите години надвор од неа, што претставува Битола за Вас, денес?

-И после сите овие години ме исполнува секоја битолска улица, секој агол што крие различни спомени. Битола е местото каде што ги научив првите животни лекции и тука се раѓаа моите сништа. Во Битола го осознавав светот, и во неа секогаш со гордост и често се навраќам, затоа што ретки се местата во светот кои имаат во себе собрано толку љубов, топлина и душевен мир.

More from ИнтервјуMore posts in Интервју »