Press "Enter" to skip to content

Отворена изложбата кошули и горни традиционални облеки од колекцијата на Јоне Ефтинов (фотогалерија)

Во Магазата синоќа, свечено беше отворена изложбата на кошули и горни традиционални облеки од збирката на музејот за народни носии на колекционерот Јоне Ефтимов.

Изложбата за отврорена ја прогласи директорката на Центарот за култура од Битола, Маја Андоновска-Илиевски, која при тоа рече:

-Кога луѓето размислуваат за тоа што е фолклор, најчесто прво нешто што им паѓа на памет е зборот традиција или обратно кога размислуваат за традиција прв збор што им паѓа на памет е фолклор. Традиција е збор од латинско потекло и значи нешто што се пренесува, нешто што споделуваме, нешто што создава и потврдува идентитет и нешто што се пренесува за да остане. Народните носии во Македонија имаат многу вековна традиција, тоа е нашето богаство, тоа е нашата материјална култура на македонскиот народ, но тоа е нешто што е создавано како значајна продобивка е се пренесувало од поколение на поколение. Народната носија е претставник на народот кој создавал и таа не направиле свои, посебни и различни по идентитет. Таа е богатство, аманет и традиција. Јоле Ефтимов кој реши да го сподели своето богатство е еден вид амбасадор, кој го поврзува минатото со сегашноста. Тој има збирка која го победила времето и останува печат на она што сме.

Јоле Ефтимов рече дека ова е трета изложба која тој ја има поставено во Битола од предмети од неговиот етно музеј кој се наоѓа во селото Подмочани, Ресенско и дека ќе биде среќен ако тоа за брзо време го направи и по четврти пат, бидејќи во неговата колекција има вредни работи кои треба сите да го видат, не само во неговиот музеј, туку и пошироко и додаде:
-Трет пат изложувам во Битола и одлучив повеќе внимание да посветам на кошулите и облеки од Пелагонија кои имаат посебни белези и се разликуваат од другите. Најголем дел од кошулите се од почетокот на 19 век, но има и постари кошули кои грижливо ги чувам за да не се оштетат.

Маја Андоновска-Илиевски ја изрази благодарноста од името на Центарот за култура до Јоле Ефтимов, кој доаѓа како најава на 48. Републички фестивал на народни песни и игри “Илинденски денови“.

Изложба на кошули и горни традиционални облеки ќе биде поставена за време на сите фестивалски денови.

С.Р.

More from КултураMore posts in Култура »