Press "Enter" to skip to content

Друштвото за толеранција од Бачка Паланка во посета на општина Битола

Членови на Друштвото за толеранција со седиште во Бачка Паланка, Република Србија, во рамките на форумот „Мост на пријателство“, денес ја посетија Општина Битола и остварија средба со градоначалничката Наташа Петровска, со што ја заокружија седумдневната посета на Битола.

-Беше вистинско задоволство во моите работни простории да ме посетат деца од Германија, Босна и Херцеговина, Србија и нашите деца, како домаќини. Особено што тие деца промовираа мир, толеранција и зближување на народите пред се во средините во кои што живеат, а потоа и на глобално ниво. Младите членови на Друштвото за толеранција истакнаа дека се обидуваат преку нивните активности да создадат масовно движење меѓу граѓаните за промовирање на мирот, а со тоа да му дадат блесок на самиот начин на живот, насекаде низ Балканот, рече градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.

Сите активности на Друштвото за толеранција од Бачка Паланка, Република Србија, се одвиваат во рамките на форумот „Мост на пријателство“, чија крајна цел е изградба на пријателство и мир помеѓу младите и покрај сите можни различности на било кое поле.

По посетата на Битола, денес продолжуваат за Охрид, во насока на реализација на нивната програма за ширење на мир и пријателство помеѓу луѓето, со акцент на младата популација.