Основните училишта “Св. Климент Охридски“, “Елпида Караманди“, “Даме Груев“, “Коле Канински“, “Трифун Пановски“, “Александар Турунџев“ во с.Кукуречани и “Крсте Петков Мисирков“ во селото Бистрица, како и две средни училишта од Битола СОУ “Таки Даскало“ и Средното медицинско училиште “Д-р Јован Калаузи“ поради неплатени сметки за електрична енергија ЕВН ги исклучи од напојување со електрична енергија.
Сите училишта имаат блокирани жиро сметки по разни основи и не се во можност да ги плаќаат сметките за електрична енергија.
На почетокот на оваа седмива Општина Битола се огласи со писмено соопштение дека училиштата во Битола се во незавидна финансиска состојба, со наследен долг во износ од 4,5 милиони евра и дека ваквата затекната состојба во образованието, која со години наназад се провлекува во битолските училишта, може да донесе и дополнителни проблеми во нивното работење.
Општината во рамките на своите можности за надминување на ваквата наследена состојба во образовниот процес презема мерки, а една од нив е навремено информирање до сите владини надлежни институции за овој проблем. Побарано е истите да се вклучат во решавање и надминување на проблемот со блокираните сметки и евентуалните реакции на добавувачите, поради неисплатените долгови на училиштата и можните натамошни последици, стоеше во соопштението на општина Битола.






