Press "Enter" to skip to content

Одличен настап на фолклорната група “Селенце“ и оркестарот “Фокош“ од Бечеј (фотогалерија)

Синоќа на плоштадот “Магнолија“ се одржа концерт и фолклорен настап на фолклорната група “Селенце“ и оркестарот “Фокош“ од Бечеј, како резултат на соработката со амбасадите и конзуларните претставништва, која Општина Битола ја започна годинава, во рамките на фестивалот “Бит Фест“, а таму беше и заменик градоначалничката Емилија Костурска и пратеникот Горан Милевски.

-Одличното претставување на групата и оркестарот се случи по барање на Општината за учество на странски уметници по предлог на амбасадите. Така на предлог на Амбасадата на Унгарија и јас како почесен конзул на Унгарија видовме на плоштадот “Магнолија“настап на фолклорната група “Селенце“, народниот оркестар “Фокош“ и изложбата на фотографии на Филип Лафазановски, рече почесниот конзул на Унгарија, Сашо Јанакиевски, кој потоа во вино-барот “Буре“ организира и унгарска вечер на која присутните имаа прилика да ги вкусат највпечатливите унгарски јадења.

Фолклорна група “Селенце“ е основана е 1994 година како дел од културното друштво “Шандор Петефи“ од Бечеј, Војводина. Членови на ансамблот се средношколци, студенти и млади вработени и спаѓа во елитното друштво на фолклорните групи во Војводина. Редовно учествува на најзначајните смотри и натпревари во Војводина, каде редовно се вбројуваат во гала претставите.

Покрај голем број на други награди досега шест пати е прогласена за „извонреден национален ансамбл“, а во 2017 градот Бечеј ги одликувал со највисоко општинско одликување. Раководителите на ансамблот се: Кишимре Арпад и Кишимре Серда Ана.

Исто и народен оркестар “Фокош“ потекнува од Бечеј, Војводина. Формиран е во 2009 година, како оркестар Чикош, а во 2010 година го добива сегашното име. Исклучително ја свири унгарската народна музика од Војводина. Членови на оркестарот се: Серда Балаж – тамбура контра – раководител на оркестарот, Балаж Чонка – прим тамбура, хармоника, Петер Јовановиќ – контрабас, Ласло Штербик – виолина, Андраш Сабо – виолина. Четирикратни се победници на државниот натпревар за средношколски оркестри.

Во 2012 година постигнаа голем успех и станаа полуфиналисти во талент шоуто на најголемата сателитска ТВ станица во Унгарија “Дуна ТВ“. За заслугите за општината, одликувани се со наградата на градот Бечеј. Како награда за успехот во шоуто им е овозможено издавање на сопствена плоча (ЦД) во една од елитните тонски студија во Будимпешта. Насловот на ЦД-то е „Kiskoromtól nagykoromig“ односно “Од детските денови до возрасна доб“.

На изложба на Филип Лафазановски изложени се фотографии направени 2015-2017 година, а на оваа изложба ѝ претходи изложбата во Печ, Унгарија во април минатата година. На изложбата беа изложени 20 фотографии. Дел од неговите фотографии се објавувани во европски интернет галерии и списанија како и восветската книга за фотографија WestreetBook 2016. Има една самостојна изложба во Печ, Унгарија (Април, 2017) која беше дел од летната културна сезона на галеријата Civil Közösségek Háza.

More from КултураMore posts in Култура »