Press "Enter" to skip to content

Мирјана Стојановска, поетеса: “пее, создава песна за судбината, вечноста и истрајноста“

Повод за нашиот разговор беше издавањето на нејзината актуелна поема „Светлината на буквите“ седма по ред и чиј издавач е здружението за наука и култура “НОВА“. Рецензентот на книгата проф. д-р Христо Петрески напиша: Поетесата, Мирјана Стојановска, заветно и тестаментално говори за родната земја Македонија како колективната и лична судбина, како ретко кој друг автор во ова “време – невреме“, Мирјана пее, создава песна за судбината, вечноста и истрајноста.

Со свои 7 издадени книги од кои една препеана на германски ќе не претставува на Европскиот саем на книгата во Франкфурт – Германија. Мирјана Стојановска е член на Друштвото на писатели на Македонија од 2007 година и застапена во едицијата “Современа македонска поезија. Таа е исто така претседател на клубот на писатели “Даница Ручитај“. Наставник по македонски јазик во ОУ “Св Климент Охридски“, а сеето ова не поттикна да поразговараме и за други интересни теми со неа.

Поемата има интересен наслов “Светлина на буквите“ и од каде поттикна инспирацијата за неа?

-Инспирација за поемата беше нашата азбука и нејзиниот пат низ историјата. Поемата ги опишува и испишува буквите на нашата земја. Таа содржи 10 пеења и создава магистрал и создава магистрал од прва до десетта светлина. Секој циклус ги носи буквите од името “Македонија“ и тоа М – прва светлина, А – втора светлина… Таа ја следи историјата на азбуката – кирилицата и појавата на значајните имиња кои оставиле белег низ нашата јазична и литературна историја: Св. Климент, браќата Миладиновци, Прличев, Рацин, Неделковски, Конески па до ден денешен на современи технологии за пишување. Метафорично судбината на буквите ја носи судбината на кирилицата и судбината на нашиот македонски јазик. Промоцијата на книгата беше во април и издаден е со подршка на Министерството за култура. Издавач е Здружението за наука и култура Нова.

Со поемата “Бегалци на својот дом“ која е препеана на германски јазик ќе учествувате на меѓународниот саем на книгата во Франкфурт кажете ни повеќе околу тоа ?

-Здружението за писатели од дијаспората со седиште во Фрнкфурт ќе земе учество на Европскиот саем на книгата кој ќе се одржува во октомври оваа година. Јас ќе земам учество со препевот на мојата поема “Бегалци од својот дом“ која е преведана 2017 година. Тоа ќе биде едно големо искуство за мене каде ќе има промоција на нмногу книжевни дела од цела Европа.

Како координатор на здружението за наука и култура Нова го организирате меѓународниот поетски фестивал “Поетски синтези“ кој оваа година славеше јубилеј 10 години. Што претставува за нашиот град овој фестивал?

-Оваа година фесивалот славеше јубилј од 10 години и горди сме што во нашиот град постои еден таков фестивал каде поезијата спојува и обединува поеати и книжевници од различни простори, култури, земји. Тие сите се разбираат со убавиот збор на поезијата кој јазик е универзален. На овој фестивал учество зеле повеќе од 200 поети. Во негови рамки во овие десет години на постоење се одржале многу литературни читања, работилници, симпозиуми. Учество зеле многу поети, писатели, литературни критичари, книжевници. Би ги споменала насловите на некои симпозиуми кои се многу интересни и значајни. Тие се “Дејноста на браќата Миладиновци во Битола и Битолско“, “Поезијата на Матеја Матевски“… Гости на фестивалот низ годините биле познати кни/евници и поети како Владимир Мартиновски, Иван Џепаровски, Кристина Николовска, Христо Петревски…

Работите како просветен работник и тоа наставник по македонски јазик во ОУ “Св. Климент Охридски“ како ги насочувате и воспитувате учениците кои растат во модерна технологија кога можат книгите да ги читаат на интернет, или пишуваат многу повеќе на тастатура одколку со “перо во рака“ што се вели? Тоа е опишано во вашите стиховите:
Сега и буквите прават свое селфи
Се постираат на инстаграм
Меѓу други клинови –букви
Како недоветни хиероглифи
На своето постоење
А јас ја барам светлината
Светлината на идните светови
Ги заслепува патниците
Буквите се зашеметени
Марионетки во нивните
Компјутери.

-Многу добро прашање кое задира во темата на судбината на буквите во целост. Децата растат и учат во време на модерни технологии кога се е брзо и тука и пишување на скратеници, со осиромашување на нашиот македонски јазик. Читањето книги се занемарува а со тоа и се осиромашува говорот и речникот. Јас многу често ги поттикнувам моите ученици да размислуваат со своја глава и творат, а не да препишуваат или читаат дела на интернет. Самата книга во нашите раце не облагородува. Да ја бараат и почуствуваат светлината која доаѓа од нив. Бидејќи што повеќе читаме така и повеќе ни се осветлува патот низ темнината односно незнаењето.

На крајот на поемата поетесата Мирјана Стојановска го поставува есенцијалнотон прашање кое сите треба да не поттикне да размислиме подлабоко. Овие стихови ми оставија силен впечаток и го завршувам разговорот со нив.
Што ќе се случи?
Каква ли ќе биде судбината
На танцот
На сите букви
На оваа планета?!
Ќе издржат ли до целта?!

Ж. Ристевска

More from ИнтервјуMore posts in Интервју »