Press "Enter" to skip to content

“АКТО“ започна со засадување на јавор, а се готвеше и на “Соларната кујна“ (фото)

На платото кај Офицеркиот дом, денес на пладне започна 13. издание на фестивалот “АКТО“ или фестивал за современи уметности, кој годинава ќе работи на тема: “Општество во изградба“.

Како прва активност на отворањето беше засадување на јавор во паркот пред Офицерскиот дом, потоа фестивалот продолжи со промоција на проектот „Соларна кујна“, како и растечкиот споменик на Катарина Поповиќ

–“Општество во изградба“ значи моментум на поинакви идеи, наспроти нео(и)либералната парадигма, имајќи го предвид наследството на силната социјална компонента на уметноста. “Општество во изградба“ значи сите заедно, со сите гости и програми на АКТО за да се врати полето на слободна мисла и прогресивност, на идеи во чекор со времето и на идеи кои му пркосат на секојдневието, беше речено на свеченото отворање на АКТО во Битола.

“АКТО“ фестивалот годинава има пет програми: уметничка програма, музика, агора, за заедницата и воз.

Фестивалот се реализира со директна поддршка на платформата “Мрдни со прст“, чија мисија е да се поттикне акција на размислување за индивидуалната одговорност и зголемување на вклученоста во решавање на општествените прашања, кои сите не засегаат, бидејќи секоја активност на граѓаните придонесува за поголеми резултати и промени.