Press "Enter" to skip to content

Фоторепортерот и новинар, Јован Мирчески, наш човек од “Ушици“ ја напиша фото-монографијата на Новак Ѓоковиќ

Разговорот го водеше: Сашо Ристевски

Секогаш не радуваат успесите на битолчани кои успеале да се докажат некаде по светот на разни полиња, а кога ќе разберете дека сограѓанин, комшија… го постигнал својот врв во кариерата е посебна радост. Таков е примерот со нашиот, Јован Мирчески, кој по многу перипетии кои може да ги приреди само животот, ја постигна својата животна цел, се радуваше заедно со светскиот тениски ас, Новак Ѓоковиќ, во Парис на освојувањето на“Роланг Гарос“, а потоа и ја објави неговата фото-монографијата.

Но, бидејќи Јован Мирчески е непознат за најголем број на битолчани, прво ќе се обидеме да го претставиве, кој е и како стигнал до тоа да биде автор на фото-монографијата, на, според многумина, најдобриот спортист на планетава.
Јован Мирчески е по потекло од село Брезово, Демирхисарско, а неговите родители некаде во 1965 година, кога и е градена населбата “Ушици“ во Битола, на улицата “7-ми Јули“ број 59, тука решиле да го направат својот дом, а како вели тој само малку време помининал тука, бидејќи татко му бил офицер во ЈНА. Инаку, тој е роден во Ниш, каде и ја завршил Гимназијата.

-По гимназијата се запишав и завршив Воена академија во Белград, – тенкист, од кои две години се школував во Белград, а потоа две во Бања Лука. Потоа воената служба ме “шеташе“ по Југославија Суботица, Вараждин, Београд, Пожаревац, а потоа се случи така, да завршам повторно во Суботица. Претходно бев три години во Белград каде работев како новинар во военото списание “Фронт“. Пензијата ја дочекав во Суботица во 1997 година на нецели 50 години. За време на воената служба бев една година во војна, ја водев тенковската единица во Хрватска. Македонец, јас, ја водев оклопната единица на српската војска и бев трн во окото на сите, но за среќа таму немав загинати војници, што за мене беше добро, вели Јован, но додава дека војната во хрватска му е најлошиот дел од животот. Од таму се вратил само со шеестина килограми.

-Од таму покрај што ја водев единицата бев и воен репортер, а моите фотографии кои ги снимив, додека бев во тенк, од почетокот на војната ги објавуваа “Политика“, “Вечерни новости“…, а беа пренесувани и во голем број на странски агенции кои немаа во тоа време пристап на боиштата во Хрватска. Сега имам од тој период многу филмови со фотографии, но се спаковани во кутии, архивирани по сите правила за чување на фото-документација, а си дадов збор дека никогаш нема да бидат објавени, иако имам голем број понуди тоа да го објавам. Но, пак ќе речам тоа е најлошиот дел од мојот живот, болен и тежок, и ќе остане како што е, со мачнина во душата зборува Јован.

Во меѓувреме покрај воена академија, тој завршува и политички науки, отсек новинарство-фотографија, а во Суботица запишува и економија, бидејќи како вели, науката многу му одела и лесно го полагал сите испити. Сите војни школи кои требаше да ги заврши за напредување ги завршил со голем успех, а да не беше војната ќе беше сигурно во врвот на воената хиерархија на ЈНА. Мирчески се пензионира со чин потполковник со завршени школи и формациско место.

-Кога се пензионирав си останав новинар, фото-репортер и започнав да работам како фриленсер, што и сега ми е главна приказна. Започнав да пишувам политички теми и некои интересни работи, но се одлучив во 1998 година да пишувам и фотографирам само за спорт. Имав интерес да следам трки во формула 1, игри со топка вателполо, одбојка, ракомет, хокеј на трева и помалку фудбал. Но, мои фаворити беа и се трките во формула 1, мото Гран При-кралска класа и тенис. Тука се пронајдов себеси и со нив направив своја кариера. Како фриленсер објавував во “Тањуг“, “Политика“ и “Бета“ и со секој со кој направив договор за испраќање материјал од самото место. Почетокот беше тежок, а тогаш имав проблеми додека не се докажав во работата и секако имаше сопки, а и тогаш, но и сега имаме проблеми околу финансиите, вели Јован.
Како новинар, фото-репортер ги следел четирите грем-слем турнири во тенис, Њу Јорк, Лондон, Париз и Мелбурн и е еден од ретките кој бил акредитиран 15 години на “Роланг Гарос“, 10 години на Вимблдон… Во формула 1 прослави јубилеј 20 години од следењето и бил на скоро сите трки низ светот, а задолжително во Будимпешта, Силверстон, Монца, Абудаби, Париз и Аустрија. Во мото-гран при секоја година е на завршната трка во Валенсија, и на Брно, Силверстон… Грижливо ги чува своите акредитации од изминатите 20 години. Тоа е мојот живот и работа, и како вели, не сакам некој да каже дека некоја фотографија не е негова, а акредитациите се најголем доказ.

А, сето тоа му донесе и голем број на пријатели од светот на трките и тенисот. Еден од пријателите на Јован е е големиот светски тениски шампион Новак Ѓоковиќ кој го следи од 2006 година кога тој ја започна својата интернационална кариера како јуниор.

-Го препознав квалитетот на Новак иако во тоа време во Србија имаше три поквалитетни тенисери од него. Се фокусирав на него, а ги следев и другите како единствен акредитиран фото-репортер на големите тениски турнири. На Ѓоковиќ од почетокот му ги давав–продавав сите фотографии од настапите, а обично има по околу 400-500 фотографии. Тоа го правев и го правам веднаш по завршувањето на натпреварот, на прес-конференцијата. Претходно имам време од половина час од мечот до пресот, а во тој период ги прегледувам, селектирам и снимам на УСБ. По одржувањето на пресот му ги предавам фотографиите на Новак и му кажувам, гледај и ќе коментираме утре. Поради протоколот на големите тениски турнири, имам некогаш само секунди да го направам тоа. Тој потоа ги праќа за својот сајт. Така започна нашата соработка. Сите победи и порази ги преживувам со него веќе од 2007 година, кога почнав да фотографирам за него. Потоа почна да ги освојува турнирите, ги освои сите, но остана неосвоен “Ролаг Гарос“, вели Јован, а тој турнир и нему како и на Новак му стана ноќна мора.

Но, се случи и тоа, а како вели Јован, освојувањето на парискиот турнир на Ѓоковиќ, а тоа е за него и еден од двата моменти од новинарската кариера кои оставија трага во неговиот живот.

-Тешко го поминував финалето кога го освои Ролан гарос, тие три часа не можев да седам на едно место, а се качував дури на врвот на објектот, бидејќи таму е најслободно да се работи и обезбедувањето е полабаво. На тоа финале направив повеќе од 1.500 фотографии од целиот натпревар, а бев единствен фото-репортер од Србија, и ги “фатив“ сите значајни моменти од натпреварот и од протоколот по доделувањето на пехарот. Имав желба со него да се напијам шампањско по победата и тоа се случи, се напив од големиот пехар кој беше во рацете на Ноле. Таму, иако не е дозволено фотографирање, прошверцовав апарат и таму во затворениот дел направив историски фотографии, во делот каде се влегува со специјални пропусници, бидејќи не важат акредитациите. Ме фатија со фото-апаратот по доаѓањето на Новак, откако направив околу 100 фотографии, ме исфлија надвор, но влегов од друга страна за да се напијам и јас од пехарот, но тогаш и мене ме фотографираа со големиот пехар како пијам победнички шампањ. Во тој момент ми поминаа сите маки, сите патувања, сите непроспиени ноќи, сите војни, сите проблеми, тоа во тој момент беше врвот на мојата новинарска кариера, вели со многу емоции Мирчевски.

Потоа по радоста во Париз доаѓа Јован на идеја целата кариера на Ноле, како го вика од милост, да ја стави на хартија, да направи за него фото-монографијата со фотографии од сите негови значајни натпревари и случувања од 2006 до 2017 година.

-За фото-монографијата прегледав околу 25.000 фотографии, а првата селекција беше околу 1.500. Во фото-монографијата има 460 фотографии, покрај нив има и материјали од сите значајни мечеви на Новак, изјави од него, од семејството, од познати тенисери, “Роланг Гарос“ го има опишано од внатре – она што не се гледа на ТВ преносот, а секако врв е освојување на Париз и прославата по финалето. Како советник-консултант ми беше Никола Шпеaр, еден исклучителен интелектуалец, но последниот збор беше мој. Книгата е на 136 страници, а форматот е проширен А4, внатре е конзруг 135 грама, а корицата е дебела 2,5 милиметри, а почетниот тираж е 1.000 примероци. Фото-монографијата веќе е преведена на англиски и француски јазик, а напоредно работам на промоција на книгата во Европа и продажба во Англија и Франција. Мојата книга сега се наоѓа и во библиотеката на “Ролан Гарос“, а таму ја промовираше Јаник Ноа и директорор на турнирот. Инаку, српската промоцијата беше во ресторанот на Новак во Белград во април, а покрај Париз беше промовирана и во Лондон. Книгата веќе ја има Кими Раиконен, Фетел, а Хамилтон ќе ја добие во Монца, како и прес-менаџерите на Формула 1 и мото ГП, кои се зачудија како акредитиран на трки пишува книга за тенис, вели Јован, кој ја подготвува промоцијата на книгата во Македонија, која ќе се случи деновиве.
А, на македонската промоција на книгата ќе присутвуваат родителите на Новак Срѓан и Дијана, а за кои Јован подготвува изненадување.

За блискоста со Новак и неговите родители зборува и тоа што Јован пред Вимблдон и пред последното финале во Америја пред некој ден, со победнички фотографии од Лондон 2015 и Америка опен, на Новак беше во црквата “Св. Јован“ на Канео во Охрид и заедно со попот Јован, од таму се помолија тој да успее. По тој чин Новак победи, а фотографии од Канео му прати на мајка му, а таа му рекла дека не верува дека некој човек го направи тоа за нејзиниот Ноле и толку се грижи за него.

Инаку, најтешко додека го водевме разговорот, како со секој фоторепортер беше да ги направиме фотографиите со него, а кога зборуваме за работата ни кажа дека фотографира со фото апарати, теле-објективи, широки објективи, блицови на “никон“, секогаш носи капа и користи средства за сончање, џогира секој ден, прави по 600-700 стомачни вежби и склекови, а за крај ни рече дека иако работата е исклучително тешка, сепак не би ја менувал за ништо, а задоволството од тоа кога нешто ќе се објави е уште поголемо. Во Битола, во “Ушици“ доаѓа два пати годишно, да ја види, како вели, и нешто поправи семејната куќа, толку и му дозволува времето, а тоа го прави кога има најмалку работни обврски и патувања низ светот.

За помладите фото-репортери им порачува дека треба работа и само работа, да бидат самостојни, а редакциите за жал немаат доволно финансии за да ги следат. Печатањето на книга е посебно тешка работа и тоа се скапи проекти, но мора и тоа да се работи да останат фотографиите историја, а една таква фотографија која ја направи од врвот на “Ролан Гарос“ кога минуваат авионите над него, им ја продаде на организаторот.

Фотографии: Сашо Ристевски и Јован Мирчески

More from ИнтервјуMore posts in Интервју »