Press "Enter" to skip to content

СВР Битола поднесе три кривични пријави на тројца битолчани по разни основи

Секторот за внатрешни работи Битола поднесе кривична пријава против 17 годишно лице од Битола, за сторено кривично дело „убиство во обид“. На 27 јуни околу 13,30 часот, во Битола поради нерасчистени семејни односи, пријавениот со нож го прободел во грб неговиот 50 годишен татко додека излегувал од домот.

Секторот за внатрешни работи Битола поднесе кривична пријава против З.Р.(47) од Битола, за сторено кривично дело „оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“. Во текот на 2016 година во Битола, пријавениот без да поседува конзерваторско одобрение од Управата за заштита на културно наследство на РМ, извршил делумно рушење на дел од објект и помошни простории во дворот на поранешен „Буковски Ан“, како и адаптација на објектот за деловни цели, иако објектот претставувал заштитено добро согласно Законот за културно наследство од особено значење.

Секторот за внатрешни работи Битола поднесе кривична пријава против В.Т.(59) од Битола, поранешен градоначалник на Општина Битола, за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“. Во период од 2015 до 2017 година, пријавениот спротивно на Законот за локална самоуправа дозволил две правни лица да бидат ослободени од плаќање месечен надомест за вршење линиски превоз на патници во општина Битола, со што нанел штета на општината во висина од 799.200 ден. Покрај ова, со потпишување на договори со превозници и правни лица кои користат услуги, неосновано створил побарување на општината од 11.329.253 денари. Исто така, по завршување на проектот „Реконструкција на автобуски стојалишта“ не презел дејствија за вршење на надзор за одржување на автобуските постојки.