Руралните амбуланти во пет населени места во Битолско, кои што некогаш функционирале, но биле затворени и оставени да пропаѓаат, од денес повторно се ставени во функција на локалното население. Медицински тим, составен од доктор и медицинска сестра, во определен термин во неделата, ќе ги отвори вратите на амбулантите за прегледи на локалното население во Доленци, Цапари, Породин, Лопатица и Бач.
-Радосна сум што ова е уште една можност да се прикаже како со добра соработка на локалната самоуправа со ресорнорно министерство, во случајов Министерството за здравство и локалното население, успеавме да ги доближиме амбулантите во пет рурални средини во Општина Битола. На овој начин практично им се олесни на локалното население согласно нивните потреби од здравствената сфера, да ги добијат здравствените услуги во овие пет објекти. Покрај олеснителната околност за локалното население, ќе се растеретат и гужвите кои што ги има во здравствените установи во градот, што претставува взаемен бенефит. Севкупната поддршка која што можеше да ја даде Општина Битола во инфраструктурното уредување, како на пример водовод во амбулантата во селото Породин, целосно ја даваше во сите амбуланти, рече м-р Наташа Петровска, градоначалник на Општина Битола.На овој начин преку отворањето на петте рурални амбуланти, на населението му се обезбедува комплетна примарна и превентивна здравствена заштита. Со ставањето во употреба на овие амбуланти, пред се му се враќа приватноста на пациентот при извршување на лекарските прегледи, а со тоа се враќа и достоинството на лекарите, кои досега вршеа прегледи на улици, кантини, во школи за време на летни распусти.
Проектот е во соработка со Министерството за здравство и претставува почеток во развојот на примарната здравствена заштита, односно можноста на секој жител во Македонија да ја добива оваа здравствена услуга. Во обновувањето на веќе постоечките амбулантни објекти, голем придонес даде и локалното население, кое се вклучи со помошни активности.