Како и секоја година, традиционално, за време на одржување на фестивалот на филмската камера “Браќа Манаки“ и оваа година беше посетен гробот на првиот снимател на Балканот и му беше искажана достојна почит.Претставници од локалната самоуправа, делегација од Советот на Општина Битола, претставници на организаторот и дел од гостите на ИФФК „Браќа Манаки“, како и претставници на Комуната на Власите – Арманите и на Фестивалот на аматерски документарен филм “Камера 300“, денес положија свежо цвеќе на гробот на Милтон Манаки, на Влашките гробишта во Битола.
Присутните гости од останатите земји беа запознати со биографијата на браќата Манаки, нивниот филмски опус и историското значење на нивните филмски записи. Градот Битола, благодарејќи на браќата Манаки, денес го има првиот светски фестивал наменет за кинематограферите, по што е препознатлив во светот на филмската уметност.