Центарот на кошаркарскиор клуб Пелистер, Мико Голубовиќ веќе подолг период работи со децата со посебни потреби и заедно со нив игра кошарка, а тоа се случува во спортската сала на ОУ „Ѓорѓи Сугарев“ во Битола.
Иницијативата за спортските активности на децата со посебни потреби беше поддржана од локалната самоуправа, која ги обезбеди средствата за да може два пати неделно да се одржуваат часовите. Спортските активности се наменети за сите деца со посебни потреби, без разлика на возраста, а секој следен час нивниот број се повеќе расте.
-Мене ми е посебно драго што можам со овие деца да поминувам дел од моето време и со нив да играм кошарка. Пред се убаво се дружиме, се забавуваме и играме кошарка. Кај нас не е важно кој ќе победи, нам ни треба спортско друштво, а со нетрпение го очекуваме наредниот тренинг, вели Мико Голубовиќ, кој додава дека се дружат и играат веќе три седмици.
Спортските активности, каде најповеќе се игра кошарка, се изведуваат секој вторник и четврток, од 17.30 до 18.30 часот, што е уште една од низата заложби на локалната самоуправа за вклучување и социјализација на децата со посебни потреби.
Од стана на локалната самоуправа, на децата со посебни потреби им беа доделени по два сезонски билети за ракомет, супер лига за мажи 2018/2019, за да можат да ги гледаат натпреварите во присуство на родител.