Press "Enter" to skip to content

Прес на градоначалничката Петровска: да се најди соодветно решение за ученичкиот превоз

По протестот на превозниците пред општинската зграда во Битола и по одржаната седница на Советот на Општина Битола на која беа повлечени двете точки од дневниот ред наменети за утврдување на тарифникот за превоз, градоначалничката Наташа Петровска пред медиумите уште еднаш даде појаснување дека по законските измени за превоз на ученици, потребно беше усогласување на тарифникот со постоечкиот закон, за што превозниците претходно биле повикани на состанок.

-На почетокот на септември ги повикав превозниците и имавме официјален состанок во општинската зграда. Побарав од нив да предложат претставник кој што ќе влезе во комисија при мерење на километрите на релациите, затоа што една од забелешките беше дека несоодветни се километрите за дадените релации. Претставник не добив, а на истиот состанок побарав во писмена форма доколку имаат сугестии да ги достават во текот на таа седмица. За жал, не добив ни такво нешто. Во меѓувреме беше формирана комисија која што работеше на тарифникот и материјалот беше доставен на седница на совет минатиот понеделник. Во петокот попладне превозниците доставија писмо со кое не’ информираа дека денес ќе имаат протест во периодот од 9 до 11 часот не споменувајќи дека изутрина нема да ги возат учениците и останатите патници. Во текот на вчерашниот ден одлучивме да се дополнат сугестиите и да се повлечат точките од седница на совет, за што сите превозници беа известени телефонски. Истото официјално утринава го направивме на нивните мејл адреси. И покрај тоа што вака се однесувавме како локална самоуправа, тие одлучија утрово да не ги превозуваат учениците, но и патниците, иако имаат обврска со договорите кои што ги имаат склучено. Кои се мотивите и зошто тоа го направија, останува да оцени јавноста, истакна Петровска.

На прашањето дали и натаму ќе има преговори со превозниците, Петровска појасни:

-Апсолутно. Останувам отворена за секакви дискусии, меѓутоа останувам и на својот став дека нема да дозволам никакви условувања и нема да дозволам ништо што би било на штета на учениците. Иако во овој момент изгледа дека некој ги оставил учениците без превоз, тие се оставени без нормални услови во училниците заради нешто што се случувало години наназад. Конечно, на тоа треба да му се стави крај и работите да се регулираат, така што останувам отворена, но сепак непопустлива во некои ставови кои што чинам дека се во вистинската насока во која што треба да се движиме, рече Петровска.

Дел од превозниците ја обвиниле Петровска дека нелегално пратила автобус утринава да превезува ученици, што беше поставено како новинарско прашање.

-Локалната самоуправа има свое превозно средство што е регистрирано, има вработен шофер со соодветна возачка дозвола и јас нема да дозволам ученици да седат на улица и да ги оставам така. Ќе го вложам максимумот и работам во таа насока затоа што јас не можам да предвидам до која граница ќе одат превозниците. Моја должност е да ги направам сите напори со сите механизми, следните денови што помалку ученици да останат без превоз и да дојдат до своите училишта. Она што го направив, воопшто не е незаконито, затоа што станува збор за нешто што е во надлежност на локалната самоуправа. Јас не превезувам други патници, туку превезувам ученици кои што учат во училиштата чиј основач е Општина Битола, рече Петровска.

Околу рефундирањето на срествата за училиштата, градоначалничката Петровска појасни дека покрај сите сегашни околности, се разгледуваат сите законски можности како општината ќе ги рефундира средствата, затоа што иако општината има наталожени проблеми од минатото, доколку се сака, може за се да се изнајдат решенија.

More from ВестиMore posts in Вести »