Press "Enter" to skip to content

Интервју, доцент д-р Ана Секуловска: нов животeн предизвик

Пишува: Жанета Ристевска

Ана дојде точно навреме – атрактивна, убава, со модерен урбан look и со нејзината посебна харизма и енергија. Остава силен впечаток и препознатливост каде и да се појави. Зад самоуверениот изглед и препознатливост, од нејзините очи излегува нејзината емотивност и сензибилност, со силни емоции кои и ја прават посебна и интересна личност. Низ отворена насмевка започнува: сакам спонтаност и отворено покажување на емоции. Љубов, радост, тага се нормални реакции кај сите нас. Лицемерие не поднесувам.

-Сакам и почитувам точност бидејќи така се создава структура на време која е многу важна во нашиот живот и  јас го почитувам тоа. Можеби заради тоа и сум ефикасна и постигнувам повеќе работи. За да се биде исполнителен и одговорен мора да се почитува своето и времето на другите. Се разбира дека за да се биде успешен и за да се постигнат многу ангажмани, знаеме дека е во право. За нејзината успешна кариера со веќе 15 години искуство во високото образование во различни сектори зборува и нејзиното CV со активен ангажман и  учество во многу работни групи, проекти, конгреси, симпозиуми и публикации од кои голем дел на меѓународен план. Со сите успеси на професионален план, меѓу кои магистер и доктор на науки, таа е   една  успешна млада, амбициозна  жена која храбро чекори и  се фаќа во костец со сите предизвици на современиот  начин на живот.

Кажете ни како започна вашата професионална кариера?-Започнав да работам уште во време кога студирав, некаде пред 15 години. Тоа беше на Педагошкиот факултет во Битола на кој секогаш се сеќавам со убави спомени за поминатото време, искуствата и дружењето со колегите. Во тоа време добро ми доаѓаше  да работам, студирам и стекнувам искуство од процесите во високото образование, од аспект на вработен, а не студент. Потоа, по завршување на студиите, преминав на Факултетот за администрација и менаџмент на информациски системи – Битола како административно, техничко-логистичка поддршка во кабинетот на деканот. Во меѓувреме  магистрирав со звање магистер по образовен менаџмент, а потоа преминав во Факултетот за информатички и комуникациски технологии, исто така обавувајќи работи од областа на јавната администрација. Во 2017 година докторирав на  Правниот факултет „Јустинијан Први“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со што и го комплетирав моето образование.

Кажете и ни за новиот предизик и премин од државен сектор во Високо образование во приватен сектор на приватен Универзитет за туризам и менаџмент?-Сигурно е дека се наоѓам пред голем предизвик и можност за професионално надградување и напредување. Но, јас сум голем борец и храбра личност и не се плашам од нови предизвици и одговорности. Мојот избор во наставно научно звање доцент,  дојде последователно по одбраната на мојата докторска дисертација на тема: „Информатизацијата како мерка на образовната политика“ на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во 2017 година. Секако,  стекнатото  професионално искуство низ мноштво проекти, како член или  координатор на работни групи, учеството на многу конгреси и симпозиуми во изминативе 15 години ќе придонесе да  го пренесам и на новото работно место и да го споделам  со моите студенти. Тука е и мојата голема позитивна енергија и ентузијазам кои се повеќе од потребни за насочување на младите личности кои сакаат да се образуваат и надградуваат како индивидуи. Предизвик за мене е  и новиот тим од професори на Факултетот за Информатика при Универзитетот за туризам и менаџмент – Скопје кој е составен од висококвалификуван кадар со искуства од приватните и државните универзитети од земјата, кои на еден посебен начин ќе ги пренесат своите позитивни практики од досегашната работа, со цел профилирање квалитетни дипломци на пазарот на трудот, бидејќи само со искуствени сознанија се доаѓа до вистински резултати.

Вашето искуство низ проекти, работни групи,  конгреси и симпозиуми е многу значајно во професионалната  кариера. Кажете ни повеќе околу вашите ангажмани и на тоа поле?

-Во моето професионално досие стојат многубројни активности како координатор или член  на работни групи на многу тела. Тука, со посебен акцент би ги споменала работните ангажмани  во државните тела, министерства, невладини организации и слично: учесник во работна група за Е-влада и работна група за Оптимизација на јавната администрација како претставник на Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА). Потоа, член на Националната работна група (НРГ) за следење на реформата на јавната администрација во Западен Балкан. Имено, националните работни групи се оформени  во сите земји на Западен Балкан како дел на поширокиот консултативен механизам за дијалог за реформата на јавната администрација. Покрај овие ангажмани активна сум и во  други општествено корисни организации. Член сум на Македонското научно друштво, член  на работна група за ЕКО-бизнис и други.  Низ сите овие активности произлегоа многу проекти и мое активно учество на конгреси и симпозиуми, како во нашата земја така и на меѓународен план.

Кажете ни за некои од проектите кои се позначајни и конгресите на кои сте присуствувале со свои публикации?-Се разбира дека активната работа низ работни групи придонесува вклучување во низа на проекти и тука јас би ги истакнала само некои од нив, бидејќи низ мојата работа во овие години не може да  се напишат сите. Како позначајни би ги издвоила проектите од  програмата ЕРАЗМУС +, финансирани од Европската унија, преку кои сум посетила многу европски земји, како и проектите финансирани  од Швајцарската агенција за соработка и развој: „Влијанието на граѓанското општество врз креирањето политики во образовниот систем“, „Урбан дијалог“ и други. Од позначајните конференции, би го истакнала моето учество на меѓународната конференција “Education and New Developments – END 2017”, која се одржуваше во Лисабон, Португалија, каде минатата година учествував со сопствен труд во кој беа презентирани моите оригинални истражувањата од докторската дисертација. Трудот беше финансиран од грант доделен од Швајцарска агенција за соработка и развој. Не би ги набројувала и многу други на кои сум учествувала со свои трудови и публикации, како самостојно, така и заедно со други автори.

Вашата докторска дисертација за информатизацијата на образовниот систем произлезе нов поим на индекс на информатизација на општеството. Кажете ни повеќе околу тоа и тој поим ?

-Откако еден концепт е прецизно дефиниран, најчесто се настојува да се најде начин да се прикаже и да се измери неговото присуство во реалниот свет. Во случајов е прикажано и измерено присуството на концептот „информатизација“, како предиспозиција на земјата за искористување на можностите кои произлегуваат од примената на информатичко-комуникациските технологии и ефективноста на истите во сферата на образованието. Со други зборови, предложена е методологија за пресметување на т.н. индекс на информатизација во образованието (ИИО) во Република Македонија и се извлечени заклучоци за трендот што го имал истиот во изминатиот петгодишен период. Презентираната методологија може да им помогне на креаторите на политиката при донесувањето релевантни одлуки поврзани со интеграцијата на ИКТ во образованиот систем.Сигурно да се постигне се ова што ни го кажавте бара многу одрекувања и вложување како психички, физички  и материјално. Кажи ни како постигнуваш да бидеш толку активна ?И од каде ја црпиш таа енергија да истраеш и издржиш?

-Како најзначајно да кажам дека сум многу организирана и практична личност. Организација пред се и структурирање на времето. Без тоа не би можела да постигнам се што сум поставила пред себе. Многу сум амбициозна, но ги знам своите способности и знам колку можам да постигнам. Можеби сум и перфекционист и сакам да се добро сработени работите. И, над се, како моја многу значајна карактеристика е истрајноста, без која не може докрај да се издржи во напорите. Борец сум и мојата позитивна енергија и оптимизмот, кој  многу ми помага да гледам дека сe ќе биде добро, ми даваат да издржам и кога е најтешко. Се разбира, сето ова не би го постигнала без големата поддршка на моето семејство: тука се мојот син, моите родители, без кои не би имала успех на сите овие полиња.

Перфекционист си и во твојот личен стил и изглед. Секогаш дотерана, модерна со урбан look. Убава и негувана… Кажи ни нешто околу тоа?Да голем перфекционист сум, најверојатно, во се. Сакам да сум средена, негувана. Сметам дека негувана кожа, лице, нокти се најважни за една современа жена. Сето тоа дава сигурност и самодоверба кај секоја жена. Мојот личен стил е урбано модерен, со елементи на класика. На професионален план многу е значајно каков впечаток се остава со целосниот изглед. Некогаш е многу тешко да се постигне сето тоа, но како што кажав, со добра организација се се постигнува.

Низ целиот разговор таа зрачи со позитивна енергија која ја води низ сите предизвици во животот.  Сигурна сум дека и претстојат уште многу успеси, како на професионален, така и на личен план, за кои таа  храбро и одлучно се бори и, заради тоа, остава и праќа силна порака дека само со храброст и решителност се постигнува успех во животот.

More from ИнтервјуMore posts in Интервју »