Вечерва во малата сала на Завој и Музеј Битола, свечено беше отворена на изложбата „Конзулска Битола од првиот Австриски конзулат до Првата светска војна“.
Автори на изложбата се Мире Младеновски, Александар Велјановски, м-р Горан Талевски, Иљо Трајковски и Ѓорѓи Јуруков, а изложбата е во организација на Амбасадата на Република Македонија и Општина Битола.
За изложбата, која е во рамките на Симпозиумот насловен “Почетоците на австриската дипломатија во Македонија, со посебен осврт кон Австро-унгарскиот конзулат во Битола/Монастир 1851-1919, зборуваше конзулот Габриеле Јанезич.
Во име на авторите се обрати Александар Велјановски кој рече:
-Особена чест и задоволство е како историчари да работиме на истражувањето и презентирањето на минатото на својот град и настаните кои одбележале едно време во Битола и во Македонија. Би сакале да изразиме голема благодарност и почит кон Амбасадата на Република Австрија и на Почесниот Конзулат на Австрија во Битола, кои со својата поддршка изминатите неколку месеци ни овозможија да истражуваме и преку оваа изложба да ги презентираме пред пошироката јавност, промените во нашиот град во периодот од прераснувањето на Битола во конзулски град во 1851 година по отворањето на првиот австриски конзулат, па се до најтешкиот период од животот на градот, последните две години од Првата светска војна, кои го запреа развојот на градот. Посебно сме благодарни заради можноста како колеги да се дружиме, да создаваме, многу работи да научиме, но исто така да придонесеме за историјата и културата на градот.
Изложбата за отворена ја прогласи градоначалничката на Битола, м-р Наташа Петровска, која при тоа рече:
-Оваа изложба е само потврда за тоа дека секој народ претставува значајна алка во колоритниот гердан на човештвото. Овој настан вечерва е само потврда за изградениот мост на пријателство помеѓу Република Австрија и Република Македонија уште од дамнина. Една од моите први работни средби беше со амбасадорката на Австрија, Коблер, кога беше договарањето за настапот на австрискиот квартет на почетокот на “Битфест“. Тоа беше само симболичка потврда дека тоа што се случувало ќе продолжи. Утрешниот симпозиум е нова потврда на соработката за која зборувам. Немам никакви сомнежи дека така ќе се продолжи и во иднина и дека соработката особено на економски план ќе биде продлабочена. Посакувам овој настан вечерва да биде сведоштво за некој сличен ваков настан во иднина.
Изложбата ќе биде отворена и во текот на наредната седмица и неа ќе можат да ја погледнат и учениците од основните и средните училишта, како еден вид историски час.
С.Р.