Младински културен центар – Битола и Општина Битола го промовираа Советот за волонтерство на Општина Битола, формиран во рамките на проектот „Инспирирај, вклучи се, волонтирај!“ поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско учество, а спроведуван од Младински културен центар – Битола.
Градоначалничката Наташа Петровска го поздрави формирањето на ваквиот совет и залагањето за што поширока опфатност на волонтеризмот во денешното живеење.-Се вклучуваме со конкретни активности кои што се однесуваат на волонтеризмот, нешто што го започнавме неодамна со потпишувањето на меморандумот за соработка помеѓу МКЦ и Општина Битола, а е во функција и насока на јакнењето на културата за волонтеризам помеѓу младите луѓе и на тој начин вклучување во општествената заедница и подготовка за уште поголем придонес во подоцнежната фаза од нивните животи. Ова е добар проект кој што покажува дека не само младите, туку и граѓанството треба повеќе активно да се вклучува во својата општествена заедница и заедно со локалната самоуправа да прави чекори и активности кои што се во функција на подобрување на условите во општината, рече градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.
На настанот беше промовиран Советот за волонтерство, а свои обраќања имаа Марија Мерковска – координатор на проектот „Инспирирај, вклучи се, волонтирај!“, Виолета Налевска – советник за економски развој во Општина Битола и Виктор Илиев, претседател на Советот за волонтерство.
Во рамките на овој настан се одржа локалната дискусија на тема „Влијанието на волонтирањето врз заедницата“, чиј фасилитатор беше д-р Сашо Додовски.