Градежните работи на пругата Битола-Кременица се очекува да завршат до крајот на годинава, согласно податоците на изведувачот, а досега 90 проценти од градежните работи се веќе завршени, соопшти Министерството за финансии во Владата на РМ.
Изведувачот ќе работи со машиниско регулирање на нивото на колосекот на проектираната висина, на осум патни премини, на зградата на магацинот во Жабени и на поставување на опремата за сигнализација и телекомуникации, се вели во соопштението.
Инаку, пругата е со должина од 17 километри, во рамки на кои се веќе изградени: 9 мостови, 38 пропусти, 30 премини за животни, нова станична зграда и нова зграда за сигнализација и телекомуникации во областа Жабени. Поставени се нови шини и прагови во должина од 18 километри, како и нов оптички кабел во иста должина.