Press "Enter" to skip to content

Прес на Еурофарм Работник: “фармацевтите“ подготвени за победа, очекуваат помош од публиката

-Додека не победиме некој од ривалите, ќе бидеме незгоден ривал, а потоа нас ќе не сметаат за сериозна екипа.

По повод неделниот натпревар кога за прв пат екипата на Еурофарм Работник во Битола, пред својата публика, ќе   одигра натпревар од групната фаза на ЕХФ Купот, против екипата на Татабања, се одржа прес-конференција на која зборуваа тренерот Ѓорѓе Чирковиќ и ракометарот Филип Кузмановски.

Чирковиќ на почетокот се осврна на екипата за тоа во каква состојба е пред остантите екипи од “Б“ групата, Хановер, Татабања и Нексе.-Откако сум на чело на екипата од стартот на сезоната екипата претрпе големи кадровски промени. Ние сме единствена екипа во групата, која е во процес на создавање на екипата. Сите наши противници имаат 90% ист ростер, ист тренер и ист систем не само од минатата година,туку и 4-5 сезони наназад. Тоа е наш хендикеп, но не сакам да помислите дека се предаваме пред време, рече Чирковиќ, и додаде:

-Јас верувам во екипата и покрај кадровските проблеми, а имаме и сили да победиме во Битола. Имаме пред себе екипа која во својот состав има репрезентативци од четири земји, високи играчи кои можат да го менуваат ритамот на игра, играат добро одбрана и 6-0 и 5-1, а повеќе од половина голови ги постигнуаат подалеку од 9 метри. А само ќе додадам дека оваа екипа го победи Веспрем. Од друга страна ние сме екипа која можеме да победиме в недела, но ни треба и публиката, а сета енергија да се внесе на теренот и заедно да се радуваме на првата победа.

Чирковиќ за тоа како ја гледаат оваа екипа другите противници додаде:

-Додека не победиме некој од ривалите, ќе бидеме незгоден ривал, а потоа нас ќе не сметаат за сериозна екипа.

Еден од најдобрите ракометари на тимот, Филип Кузмановски, верува дека со помош на публиката, можат да ја победат Татабања.-Екипата на Татабања е квалитетен и искусен тим се, сите скоро се двометраши и нема да ни биде лесно. Ние имаме зад себе еден проблем бидејќи во овој состав поради настапите на светското првенство немаме одиграни заедно посериозен натпревар, а настапивме заедно против Хановер и пак без Пецаковски, а со повреда Чурлевски. Сега е тоа минато, а пред себе имаме одлична атмосфера, напорно работиме и со помош на публиката верувам во позитивен резултат, вели Кузмановски, кој го дели мислењето со тренерот дека добро одиграле во Хановер, а можело да се има и подобар резултат.

-На крај имавме прилика за повеќе, но не се снајдовме најдобро поради неикуството во такви драматични завршници. Оваа екипа секогаш ја имала победата во 50 минута, а никогаш не се борела до крај, тоа се покажа како хендикеп. 

Боро Чурлевски и Михајло Петровски се неизвесни, а Стјепановиќ и Пецаковски тренираат нормално, а сепак ќе се чека мислењето на лекарите.

Од вчера “фармацевтите“ тренираат на “герфлор“ подлогата на која ќе се игра натпреварот и која ќе остане во Битола до крајот на месец март.

Натпреварот меѓу Еурофарм Работник и Татабања се игра в недела со почеток од 19:00 часот. Скоро сите билети се распродадени. Екипата на Татабања предводена од Владан Матиќ в сабота пристигнува во Битола, а во вечерните часови ќе одржи тренинг.